Бербок во Скопје за поддршка на уставните измени
22 март 2023Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок во четврток во Скопје ќе разговара со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министерот за надворешни работи Бујар Османи, претставници на парламентот и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во обид да го откочи патот кон уставните измени.
Портпарол на германското МНР во Берлин соопшти дека главната порака на Бербок се однесува на уставните измени со кои треба да се внесат Бугарите и другите заедници во највисокиот правен акт на Северна Македонија.
Портпаролот ја означи Северна Македонија како „клучна земја“ за процесот на проширување на ЕУ, додавајќи дека посетата на Бербок го подвлекува „ангажманот на германската сојузна влада за регионот“ на Западниот Балкан.
Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за продолжување на пристапниот процес кој беше прифатен од македонската влада во јуни 2022 година.
За промена на уставот потребно е двотретинско мнозинство во Собранието, чие обезбедување зависи од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Вицепремиерот Бојан Маричиќ во средата повторно ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи кон работната група за измена на Уставот.