1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставни измени: Меѓу визија и игра на кондиција

10 март 2023

ВМРО-ДПМНЕ одби да учествува во работна група што ќе подготвува амандмани за уставни измени, и почнува теренски средби со сите што сметаат дека државата се движи во погрешен правец.

https://p.dw.com/p/4OUJG
Парламент Северна Македонија пратеници Димитар Ковачевски
Премиерот Ковачевски вели дека опозицијата треба да прифати учество во работната група за уставни измени, од ВМРО-ДПМНЕ објаснуваат дека ќе ги кажат нивните аргументи, но не во работна група, туку - единствено во парламентотФотографија: Government of North Macedonia

ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работната група за уставни измени, бидејќи не даваме кредибилитет на некредибилен процес. Ова го изјавија од партијата за ДВ, по пораката на премиерот Димитар Ковачевски дека опозицијата треба да прифати учество во работната група за уставни измени.

Како што најави премиерот, наскоро треба да се формира експертска работна група која ќе ги подготви амандманите, во чиј состав ќе бидат вклучени правници и експерти по уставно право, а ќе бидат повикани и експерти од политичките партии, меѓу кои и од опозициските.

„Сметам дека опозицијата тоа треба да го прифати, иако се покажало во минатото дека тие во ништо не сакаат да учествуваат освен во блокирање на Собранието. Меѓутоа, мислам дека овојпат треба да учествуваат“, порача Ковачевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ објаснуваат дека ќе ги кажат нивните аргументи, но не во работна група, туку - единствено во парламентот.

„Нашиот став за уставни измени е непроменет и овој собраниски состав нема легитимитет за тоа. Доколку дојде до предметна дебата во Собрание, ние таму ќе ги кажеме аргументите против насилно носење на уставни измени под бугарски диктат“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата подготвува тимови, но не за експертска дебата за уставните измени, туку, како што најави вчера генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски - за почеток на една од најголемите кампањи и теренски посети некогаш направени во Македонија. Од денеска (10.03) почнува акцијата „Заедно со народот“, во која тимови на партијата во првата фаза ќе остварат состаноци со сите ажурирани членови на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и со голем број граѓани кои се опозициски расположени и кои сметаат дека државата се движи во погрешен правец.

„За да се промени болната реалност, и да почнеме да чекориме напред, потребни се промени, а за промените, неопходни се граѓаните“, порача Сајкоски.

ВМРО-ДПМНЕ партија зграда
Од денеска (11.03) почнува акцијата „Заедно со народот“, во која тимови на ВМРО-ДПМНЕ во првата фаза ќе остварат состаноци со сите ажурирани членови на партијата, а потоа и со граѓаниФотографија: Petr Stojanovski/DW

Лога: „Најголемиот скандал во државата“

Новиот министер за правда од редовите на Алијанса за Албанците (АА), Кренар Лога, синоќа го искритикува опозицискиот став кон уставните измени.

„Најголемиот скандал денеска во државата е одбивањето на ВМРО-ДПМНЕ и Левица да се изгласаат уставните измени. Тие се најголемите виновници, и нивното раководство. Јас мислам дека уставните измени ќе бидат решение брзо, особено кога сме блиску до договор меѓу Косово и Србија. Ова ќе го направи патот многу полесен да се реши и оваа мисија“, рече Лога на ТВ 21.

Притоа посочи дека оние кои ќе го спречат патот на земјата кон ЕУ, нема да ја имаат за партнер АА.

„ВМРО-ДПМНЕ загуби еден иден партнер. Алијанса за Албанците ги остави без надеж, бидејќи тие без албански партнер не може да дојдат на власт. Ја дадовме најдобрата можна лекција. Нема да имаат партнер во Алијанса за Албанците оние кои ќе го спречат патот кон ЕУ“, порача Лога.

Токсична дебата

Пораките што партиите ги разменуваат во јавноста околу потребата од уставни измени, се збунувачки за амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир.

„Гледаме многу токсична и поларизирана дебата за уставни измени, со кои всушност се надградуваат и се засилуваат веќе добрите резултати на државата во однос на меѓуетничките односи. Во тие дебати јас не сум слушнал политички лидери што навистина дискутираат за измените на Уставот, туку отвораат разни други прашања и поради тоа е прилично тешко да се има фактичка расправа со студени глави за тоа“, вели за БИРН амбасадорот на ЕУ во РСМ.

Гир: Гледаме многу токсична и поларизирана дебата за уставни измени
Гир: Гледаме многу токсична и поларизирана дебата за уставни измениФотографија: Arbnora Memeti

Според него, не може да има напредок во процесот на пристапување без широк консензус за европскиот реформски пат кај главните политички партии, и од власта и од опозицијата, бидејќи процесот ќе трае одреден број години, и тоа значи дека одговорноста за напредок во реформите може да премине од една влада на друга.

„Во моментов, ако ги погледнеме главните партии, сите велат дека се посветени на европските перспективи и реформи, но истовремено не можат да седнат заедно и да се договорат за главните реформи што се во интерес на граѓаните и се неопходни да се напредува во интегративните процеси“, вели Гир.

Подготовка на амандманите

Откако лани во јули Советот на ЕУ ја одобри преговарачката рамка и се одржа првата Меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Европската Унија, започна скрининг процес кој треба да заврши до крајот на ноември годинава. По неговото завршување предвидена е втора Меѓувладина конференција, меѓутоа, нејзиното одржување е условено со уставни измени, со кои Бугарите треба да бидат впишани во македонскиот Устав. За тој процес е потребно време, но и претходни подготовки, експертски консултации, јавна расправа и - двотретинско мнозинство.

„Ние во моментов зборуваме за уставни измени, меѓутоа никој од граѓаните не видел како изгледаат тие уставни амандмани. Значи, прва фаза е тие да бидат напишани од страна на експерти. Не зборуваме само за вметнување на Бугарите во Уставот, туку зборуваме и за другите заедници кои изразиле желба да бидат дел од нашиот Устав, во кој веќе има други кои се вклучени“, рече вчера премиерот Ковачевски.

Лани во јули се одржа првата Меѓувладина конференција помеѓу Северна Македонија и Европската Унија, по што започна скрининг процес
Лани во јули се одржа првата Меѓувладина конференција помеѓу Северна Македонија и Европската Унија, по што започна скрининг процесФотографија: Government of North Macedonia

Откако ќе бидат утврдени амандманите, ќе бидат ставени на увид и на широка јавна расправа во академската и бизнис заедницата, невладините организации, медиумите и граѓаните, за да може сите да го кажат своето мислење пред процесот да се пресели во парламентот. А за да може таму да почне, потребно е двотретинско мнозинство, кое во моментов го нема. Функционери од владејачката коалиција во повеќе наврати изјавуваа дека сметаат и на поддршка од дел од пратениците во опозициската коалиција, но од опозицијата категорично тврдат дека нивни пратеници нема да гласаат „за“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема