1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИталија

Берлускони - таткото на западниот популизам

16 јуни 2023

Берлускони е прото-патер и навестувач на светскиот бран на популизам, инкарнација на десничаркиот култ кон лидерот или самиот себе, или десницата спремна на сѐ, бил тоа Груевски, Орбан или Трамп. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4Sel5
Силвио Берлускони Италија
Починатиот италијански поранешен премиер Силвио Берлускони во изборна кампања, архивска фотографијаФотографија: Claudio Furlan/LaPresse/ZUMA Press/picture alliance/dpa

Чудно ми е да си признаам, како левичар и политички критичар на него сличните политичари, дека влезот на Берлускони во политиката ме врзува за едно од најубавите сеќавања со татко ми. Беше март 1994, Васил кој мислам дека во тоа време беше уредник на „Пулс“, требаше да ги следи изборите во Италија, каде само два месеци претходно Силвио Берлускони, најбогатиот Италијанец, медиумски могул и сопственик на Милан, користејќи фудбалска метафора, го најави своето „излегување на терен“.

Имав 13 години, но одлично се сеќавам на мачното патување низ тогаш веќе завојувана екс-Југославија до Италија. Траектот Бар-Бари, долгите редици на граница и строгите италијански полицајци и цариници, говореа за недовербата кон луѓето од овие простори, по албанскиот егзодус и навалицата на бегалци од пропадната федерација. 

„Giornalista macedone“?! - зачудено го гледаше италијанскиот полицаец татко ми додека ја проверуваше неговата новинарска легитимација, бордерото и пасошот кој не вредеше пет пари. „Што ли не ќе измислат Балканциве само да влезат во Италија“ - верувам си помислил полицаецот на пасошко, додека ја гледав анксиозната гримаса зад фасадната смиреност на татко ми, дали воопшто ќе ни дозволат влез. Ни на самите Италијанци не им беше јасна важноста и колкава епохална промена ги очекува од изборите и политичкиот подем на Берлускони. Васко пак, беше убеден во негова победа.

Подоцна ќе студирам во Италија и уште од поблиску ќе се запознаам со италијанските политичко-општествени динамики. Како студент, ја фатив во полн ек втората влада на Берлускони, ја мразев неговата политика на поделби, неговите телевизии и ад-персонам закони, со свои очи видов колку Италија и Италијанците беа поделени во ставовите од неговиот егоизам, идолопоклоноството и конфликтот на интереси.

Денес пак тешко еда се замисли Италија без Силвио Берлускони, архи-Италијанецот по дефиниција, политичко-медиумскиот мегаломан и апсолутен доминатор, мачоистот кој ги сакаше жените, но не знаеше да ги почитува. Во последните 50 години Италија не познава ден без неговото име да не доминира во медиумите, весниците, италијанските барови, на стадионите, делејќи го јавното мислење со хируршка прецизност. Со скромно буржоаско потекло, богатството ќе го стекне како градежен инвеститор, потоа медиумски магнат, претседател на Милан, па Монца, основач на партијата „Форца Италија“, четири пати премиер, суден по најмалку 17 обвиненија, вклучувајќи ги и оние поврзани со даночна измама и поткуп.

Вовед во нова (полоша) епоха

Тешко е во еден текст да се раскаже неговиот неверојатен приватен и јавен живот. Затоа ќе се задржам на политичките аспекти. За Италија, од 94-та до денес се затвора една историска страница, една ера, за жал со една друга уште полоша епоха и димензија, со неофашисти на власт. И Берлускони имаше удел во нивниот подем. Сѐ што денес можеме да идентификуваме како (не)нормално политичко однесување, тргна од него: Од рушење на партискиот систем и научените лекции, дрзок антипарламентаризам, реторика на еден лидер и султан партија, презир кон културата, уништување на колективната меморија. 

 Матео Салвини, Силвио Берлускони и Џорџа Мелони Италија
Матео Салвини, Силвио Берлускони и Џорџа Мелони - триумф на десницата во Италија, Милано 2022 годинаФотографија: Yara Nardi/REUTERS

Со него почнува „Втората Италијанска Република“, претходно близок до Кракси и десничарските ложи, па дури и делови од мафијата. Која е неговата политичката оставштвина? Никаква, ниедна реформа, Берлускони се менаџираше себеси и своето богатство, својата неказнивност, оставајќи ја Италија позади себе. Лош или добар, повеќето Италијанци беа заљубени во тој негов имиџ и наратив на selfmade man, човек кој командува, лидер кој води. Добија шипки и нови фашисти. Лош или добар, „Берлуска“ беше огледало на Италија и Италијанците.

Со смртта на Берлускони си заминува лидерот кој имаше клучна улога во генезата на популизмот кој денеска доминира во западните демократии и балканските демократури. Берлускони беше таткото на сите идни европски и светски демагози и може да се смета за првиот популистички политички лидер на Западот, затоа што кога во 1994-та доаѓа на власт, ги ослабнува сите институционални тела и органи витални за западната демократија. 

Ја уништува традионалната партија, наметнувајќи формат на султан-партија, поставена да биде огледало на лидерот. Ја намалува улогата на Парламентот и постојано е во конфликт со Претседателот, наметнувајќи доминација на само една извршна власт. Влегува во фронтален судир со судската власт и правниот систем, до степен да го декларира и претвори во политички непријател. Го промовира мешањето на новинарство и информираност со забава, уништувајќи ја вредноста и квалитетот на вестите и информацијата. Секоја комуникација, политичка или инсититуционална ја централизира или фокусира врз својата личност и лични интереси. Започнува културна војна, каде сите национални обичаи и традиции ги врзува за својот лик и протагонизам, за потоа преку серија на гафови и навреди, особено кон жените и левицата, да ги презентира како дел од архајската италијанска народна култура.

Рецептите" на Берлускони

Со сѐ ова и многу друго, Берлускони е прото-патер и навестувач на светскиот бран на популизам, инкарнација на десничаркиот култ кон лидерот или самиот себе, или десницата спремна на сѐ, бил тоа Груевски, Орбан или Трамп. Омраза кон елитата и компетентноста, негација на официјалната или национална култура, рушење на политички коректното, сѐ тоа произлезе прво од Берлускони. Од прирачникот за употреба на Берлускони сите после него научија дека институциите најдобро и најлесно се уништуваат додека ги контролираш или одвнатре. И тоа го видовме кај Груевски и Ахмети, кај Орбан, кај Трамп, кај Борис Џонсон или Најџел Фараж, политички лидери кои по рецептот на Берлускони се прогласија за „водачи на народот“ кои се борат против корумпираните и декадентни институции. Можеби и не е случајно што Путин му посвети посебен омаж на Берлускони, нагласувајќи ја неговата улога како лидер во судир со Западот, способен како ретко кој, одвнатре да ги ослабне либералните демократии, кои токму Кремљ ги доживува како најголема закана и глобален непријател.

Берлускони како премиер и аспирант лидер на радикалната десница имаше две големи маани. Неговиот влез во политиката беше поттурнат од долговите на неговите фирми и тој конфликт на интереси ќе го следи, притиска и руши за време на целото негово владеење. Берлускони беше роб на самиот себе, осудувајќи ја и неговата султан-партија да нема автономен живот и капацитет да го наследи основачот. Ништо од него не може да се наследи, човекот беше болен его протагонист, и неговата економска, финансиска, медиумска и политичка моќ не е пренослива, останува врзана за неговата фигура. Како неговиот примат да беше и негова пресуда и казна: Сѐ што Берлускони градеше, го правеше според своја слика и прилика, негирајќи секаков претендент за наследник и заробувајќи ја политичката иднина на својата партија во својата сопствена фигура. Со заминувањето на таткото на популизмот, и неговата политичка креација завршува со него, затоа што од самиот почеток беше направена да му служи на само еден протагонист, кој пак ќе ѝ обезбеди идеолошка душа и физичко тело, претворајќи се во симбол. 

Ивор Мицковски
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Неговата втора маана е што иако беше врвен лидер во изборна кампања, беше ужасен премиер. Сите негови театрални потези, телевизиските настапи на неколку саати пред избори или фамозниот телевизиски „договор со Италијанците“, пропагандата од неговите телевизии, не успеаа да ја сокријат поразителната вистина, дека неговата либерална револуција пропадна во ништо, заедно со неговата нова, но медиокритетска раководна класа, можеби поадекватна како кралска придружба, отколку за владеење и раководење со една демократија.

-Европа врти подесно од десно

Со тоа се разголува и последната трагична вистина: Берлусконизмот не беше култура, туку само една опасна и лична пракса. Авантура која ќе одбележи 30 години од италијанската политика, која ќе создаде совршен биполаризам, силна десница, но и силен спротивставен кампус, за на крај да го помогне и просведочи и подемот на неофашистите и најдесничарската италијанска влада. Како Трамп пред Трамп, Берлусконизмот не препознава сурогати, наследници и имитатори, ама дефинитивно деклинира во нешто полошо. Политичка аномалија која се пацифизираше во уште пострашна деформација. 

Има нешто „фаустовско“ во политичкиот живот на Берлускони. После сите реинкарнации на позиција на моќ, на крајот секој мит, секоја икона, секоја наводна политичка бесмртност се губи и политичарот се враќа во човек, смртен и минлив. На крај си замина стар, изолиран и меланхоличен. Други го заземаа неговото место, убедени дека и тие ќе бидат политички бесмртни.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи