Силвио Берлускони: збогување од италијанскиот „витез”
12 јуни 2023Ќе се памети пред сѐ по неговите шеги, како на пример во 2002 година кога зад главата на шпанскиот министер за надворешни работи Хозеп Пике покажа два прста, гест што во Италија означува изневерен сопруг. Или кога во 2008 година среде пресконференција го фати францускиот премиер Никола Саркози за вратот како да сака да го нападне. Ќе се памети и како летото 2004 година го пречека на официјална посета британскиот премиер Тони Блер со врзана марама на главата, т.н.бандана.
Тоа беше тој, големото италијанско момче, шегаџија токму по вкусот на многумина Италијанци. Политичар кој се чинеше дека не е толку крут колку другите, туку знае да биде и спонтан.
Де факто тоа не било така, пишува италијанскиот новинар Џузепе „Бепе” Северњини, кој посвети цела книга на феноменот Берлускони. Неговите гестови биле пресметани исто како и неговите мали пречекорувања на границите на прифатливото однесување. За многу Италијанци тие беа срамни - само за него и неговите приврзаници не. „Берлускони сфати дека критиката од странство и засраменоста на некои негови сограѓани само уште повеќе ја зголемуваат неговата популарност во долните слоеви - оние кои порано гласале за левиот спектар, а сега за него”, пишува Бепе.
„Материјал од соништата"
Неговите сограѓани масовно гласаа за него. Во 1994, кога за прв пат се кандидираше за премиер, речиси од „низок старт” освои речиси 43 проценти од гласовите. Прашањето зошто Италијанците се определија за него нѐ води во оние сфери каде политиката престанува да биде рационална - ако воопшто некогаш и била. Берлускони нема солидна политичка програма, пиша во тоа време публицистот Ернесто Гали дела Лоѓија за весникот „Кориере дела Сера” додавајќи дека Берлускони зрачи со фалшивиот вкус на пластика и дека идеите кои ги изнесува се само општи наводи. Па сепак „политиката е работа на срцето и фантазијата, на надежта и материјалот од кој се ткаат соништата и тоа е тоа што на умерениот блок во Италија во моментов горко му недостасува”, заклучува публицистот.
Кон средината на 90-тите години на Италијанците им беше итно потребно да имаат за што да сонуваат. Деиндустријализацијата ја доведе економијата до работ на рецесија; приватизациите беа поврзани со масовни отпуштања од работа, пазарот на трудот беше дерегулиран. Згора на тоа владееше и политичка депресија - пролетта и летото 1992 година мафијата ги уби обвинителите Џовани Фалконе и Паоло Борселино. Поврзаноста на некои политичари со организираниот криминал не можеше без дилеми да се исклучи, корупцијата беше широко распространета. Поимот „Тангентополи”, односно град на корупцијата, што првично се однесуваше на Милано, стана симбол за мизеријата во тие години.
Големи очекувања
И потоа се појави Берлускони – „витезот”, како што наскоро ќе го завикаат. Човекот кој од сопствени сили стасал до таму каде што е и кој ветува дека со партијата „Форца Италија” земјата повторно ќе ја доведе во ред. Неговите лични успеси во економијата сега ќе ги повтори на национално ниво, вели бизнисменот и милијардер. Гласачите му веруваат, пред сѐ затоа што по секоја цена сакаат да веруваат во таквиот исход надевајќи се на чудо по име Берлускони. Па така и му простија што за потеклото на неговото богатство остана и по некое неодговорено прашање, исто како и конфликтот на интереси што произлегуваше од некои негови политички функции и личните економски интереси.
„Силвио Берлускони отиде во политика за да си ги чува своите компании”, рече неговиот асистент Марчело дел’Утри уште во декември 1994 година. Но, гласачите не покажаа многу интерес за тоа и натаму сметаа дека тој ги застапува нив. Берлускони, така пишува Северњини, е актуелизираната автобиографија на Италијанците, имено „автобиографија полна пропусти и разбирање за самиот себе."
Враќање на европската сцена
Ни 30 обвиненија против него, ниту неговата надменост, не ги одвратија Италијанците. „Без лажна скромност кажувам оти сметам дека сум убедливо најдобриот претседател кој Република Италија го имала во последните 150 години”, изјави Берлускони за време на неговиот четврт мандат во 2009 година. Неговите афери со многу помлади жени речиси и да не ги иритираа гласачите, напротив - поимот „бунга, бунга”, иронична кратенка за секс-забавите на премиерот, дури си најде свое место во поп-културата.
Берлускони летото 2013 беше осуден за затајување на данок. Тој доби шестгодишна забрана за извршување јавни функции, која во 2018 година веќе беше укината поради „добро поведение”.Веднаш потоа медиумскиот сопственик и политичар повторно се кандидираше, но не за премиер, туку како врвен кандидат на „Форца Италија” за Европскиот парламент во 2019 година. Тој веќе имаше учествувано на европските избори во 1994, 1999, 2004 и 2009 година, но пратеник беше само во периодот од 1999 до 2001 година. Другите три пати мандатот го препушти на кандидатот кој доаѓа по него на листата. Но, во 2019 тој самиот сакаше да се вмеша во европската политика и со 82 години како најчесто гласан италијански кандидат стана европратеник. Само една година подоцна се покажа дека и „витезот” е ранлив. На почетокот на септември 2020 година Берлускони објави дека се заразил со коронавирусот. Потоа докторите му дијагностицираа воспаление на белите дробови.
Но, политичарот успеа да се рехабилитира и летото 2022 на домашен терен повторно настапи како врвен кандидат на неговата партија која формираше предизборна алијанса со постфашистичката „Фратели д’Италија” и десната „Лега”. Но, тие не можеа да ги повторат старите успеси и добија едвај 8 проценти од гласовите. Во преговорите за коалиција неговата партија веќе немаше доминантна улога. Берлускони не успеа да наметне голем дел од неговите барања на постфашистката Џорџија Мелони и со тоа улогите се сменија - Мелони првите искуства ги имаше во минатото во влада на Берлускони како министерка за млади. Летото 2022 на својот ментор му го демонстрираше тоа што Берлускони цел живот го сметаше речиси за невозможно, имено една модерна жена токму нему да му покаже каде му е местото.
Берлускони почина на 12. јуни на 86-годишна возраст во Сеграте во близина на Милано.