1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битиќи: Западен Балкан, прва станица за увоз на работна сила

Костадин Делимитов
6 февруари 2023

Увоз на работници првично од регионот, но ако има потреба и општа согласност, зошто не и од Кина. Стратегијата за увоз на работна сила ги анализира сите опции, вели во разговор за Дојче веле вицепремиерот Фатмир Битиќи.

https://p.dw.com/p/4N8Uz
 Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир БитиќиФотографија: Government of the Republic of North Macedonia

Македонската економија ќе се раздвижува со увоз на работници од странство. Пазарот ќе се либерализира, но дали целосно или таргетирано, се` уште е отворена дилема. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој е еден од иницијаторите за стратегијата која ја посакува и стопанството, во разговор за Дојче веле открива кои се првичните планови. Фокусот во старт, вели тој, е регионот на Западен Балкан. Идејата е да се зголемат и годишните квоти, а ако има потреба и општа согласност, да се таргетираат и трети земји.

ДВ: Господине Битиќи, македонската економија е пред предизвик да одговори на потребите за работна сила. Ова прашање добива актуелност во услови кога во државата се` уште имаме би рекол висока стапка на невработеност, а од друга страна и зголемена потреба за работна сила. На што се должи ваквиот тренд?

Битиќи: Точно е дека се` уште постои висока стапка на невработеност која изнесува 14% и е со тренд да се намалува во наредниот период, но соочени сме и со сериозен одлив на кадар од државата. Само за илустрација, во последнава декада според извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) од државава заминале 500 000 наши сограѓани,или околу 700 000 од осамостојувањето. Кога ќе го видите ова, не можете да останете рамнодушен. Овој тренд е присутен не само кај нас, туку во сите земји од Западен Балкан и се должи на она што се случува и во земјите од Европската унија, како Германија, Франција, Белгија, кои ги отвораат пазарите на труд, но исто така имаат и миграција на работната сила во трети земји. Како на пример Норвешка, Данска и други кои ги отвораат пазарите на труд за работници од Германија. Станува збор за природен циклус и хендикепот кај нас како општество е празнината што ни се појавува, која ние со тек на време не ја надополнуваме, како што на пример тоа го прави Германија, која уште пред 10 години стратешки размислувала за миграција и знаејќи дека ќе биде соочена со одлив на работоспособно население, решила да се отвори стратешки кон одредени земји кои секако еден ден ќе бидат дел од големиот и единствен пазар на труд, а тоа е Западен Балкан.

Масовно иселување од Рекански крај

ДВ: Зборувате за природен циклус на одлив на работна сила кој сепак создава проблеми во домашната економија. Германија на пример се отвора за работниците од регионов, дали тогаш треба и ние како држава да се отвориме кон некого. Периодов заговарате стратегија за увоз на работна сила. Дали е тоа решението?

Битиќи: Ние како Западен Балкан немаме таква миграциска политика за да кажеме кон кого се отвараме. Но првиот исчекор го направивме пред година и половина со иницијативата „Отворен Балкан“. Дел од овој процес се и законските решенија за единствен идентификациски број на трите земји Србија, Македонија и Албанија, што е поврзано со една од вредностите на Европската унија, а тоа е мобилноста. Да може работната сила полесно да доаѓа. Извештајот на ОЕЦД покажува дека интрамиграциските движења во Западен Балкан се на ниво на 15% од вкупното миграциско движење. Постоело и претходно, постои и сега, ама ние сакаме да го артикулираме уште повеќе за да ги искористиме сите потенцијали од Западен Балкан, затоа што и културолошки сме поблиски. Луѓето многу полесно ќе се движат и снаоѓаат на пазарот на труд.

ДВ: Значи првиот чекор е да се бараат работници од регионот, ако добро ве разбирам?

Битиќи: Да, фокусот првично е кон Западен Балкан, но ние системски размислуваме за решение на потребите. Во делот на „Отворен Балкан" првиот чекор е веќе направен. Останува деновиве во Собрание да се ратификува и законското решение за единствен идентификациски број, односно единствен матичен број кој би овозможил за работниците од регионот на овие три држави, Србија, Албанија и Северна Македонија, да се пријавуваат во Агенција за вработување како домашен граѓанин, да добијат работна дозвола и да дојдат да работат тука.

ДВ: Зошто фокусот примарно кон Западен Балкан, а не и конкретно кон останати земји? 

Битиќи: Посочив на блискоста, културолошките аспекти, познавањето на приликите, јазикот и слично. Но секако дека не би требало да имаме привилегирана земја кон која ќе се насочиме. Затоа и неделава ќе разговараме детално со стопанските комори, организацијата на работодавачите, за да видиме што, каде и колку ни е потребно. Како тоа да го решиме. Ваква дискусија досега немало и убаво е што зборуваме за ова, подобро е денес отколку за пет години да кажеме што правиме. Потребите се реални во одредени сектори и ако сега се поставиме добро стратешки како земја сметам дека и тоа што го имаме ќе го искористиме максимално. 

ДВ: Во кои сектори е најкритично, каде недостасуваат најмногу работници? 

Битиќи: Има одредени сектори кои покажуваат преголема ранливост, како на пример градежништвото, угостителството и туризмот како најпогодени. Но треба да видиме конкретно и за другите потреби, затоа и зборуваме и ќе разговараме со бизнис заедницата кои се другите потреби и што треба да направиме. Но видете, ние се уште немаме јасна дефиниција кон кого би се отвориле, ниту имаме намера како Влада да кажеме кон оваа или онаа земја. Тоа не, туку ајде да видиме заедно со стопанските комори дали треба тоа да биде насочено кон одредени земји, но притоа да не се нарушат пазарните вредности. Не е целта да дојдеме и да кажеме дека одеднаш на нашите сограѓани во градежништвото со плата од 400 евра, сега ќе увеземе и ќе плаќаме работници по 800 евра. Тоа не е целта на отворањето и не сакаме тоа да се случи.

Северна Македонија, Охрид
Угостителството и туризмот се меѓу најпогодените сектори од недостиг на работнициФотографија: DW/K. Delimitov

ДВ: Како би привлекле на пример работник од Србија, каде просечната плата е повисока од онаа кај нас? 

Битиќи: Да, во Србија имаат можеби повисока просечна платакоја изнесува околу 600 евра, но имаат и доста работници од Кина на пример. Зошто некој кој работи во јужниот дел на Србија, каде платите се пониски во одредени дејности како на пример градежништвото, не би дошол да работи во некоја фирма во државава. Во некоја од зоните на пример или слично. Или од Албанија каде просечната плата е пониска од кај нас. Ние веќе имаме доста примери на работници од погранични региони кои доаѓаат и работат кај нас.

ДВ: Значи зборуваме за решение кое целосно би го отворило пазарот? 

Битиќи: Апсолутно, од таму каде ќе бидат конкурентни, но прво ќе ги идентификуваме сите сектори и ќе мора да воведеме правила. Нема да дозволиме во одредени сектори 90% од работниците да бидат увезени а 10% да бидат наши. Мора да има приоритет јавниот интерес и секако заштитата на нашите граѓани е на прво место. Ние можеме да обезбедиме да донесeме, да помогнеме, но не да бидат тие носечки кадри. Со стратегијата на носење на работна сила, да се зголеми конкурентноста, а тоа е прв момент кон зголемување на продуктивноста.

ДВ: Што вели конкретно досега бизнис заедницата? 

Битиќи: Многу е различно, зборуваме и за сектори каде има проблем со висококвалификувана работна сила, но таму претпоставувам дека тоа нема да биде целно ориентирано кон одредена земја, туку спорадично. На пример во делот на потребите за инженер за мегатроника. Кај нас немаме класична насока во високото образование за вакви кадри, туку само отсек, а тоа е нешто што се бара. Или во делот на автоиндустријата, каде има потреба во производството на електрични возила или возила на хидроген. 

Фатмир Битиќи Северна Македонија
Сегашната квота од 5.000 странски работници треба да се зголеми најмалку двојно, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи. Фотографија: Furkan Abdula/AA/picture alliance

ДВ: Ако има барање да се отвориме кон конкретна источна држава, би прифатиле? 

Битиќи: Во нашата земја веќе имаме работници од Индија кои работат во автоиндустрија и во секторот за информатичка технологија. Исто така и во делот во градежништвото како еден голем проект во Скопје каде имаме работници од источна Турција, или во делот на автопатот Кичево кон Охрид каде се ангажирани работници од Кина. Но ако тоа треба да биде уште поорганизирано ајде да го направиме, да не биде стихијно туку организирано и контролирано. 

ДВ: Можеме ли да размислуваме за Кина на пример како насока?

Битиќи: Ако имаме разбирање од сите, ако сите чинители кажат да и треба да се отвориме. Но веќе кажав, ние и денеска имаме квота за Кина на работници кои работат на автопатот Кичево- Охрид, Имаме и работници од други земји. Ние размислуваме дека на пример е дојдено време за проширување на квотите. Првиот исчекор е да се движи во делот на годишните квоти.

ДВ: За колкаво проширување би станало збор? 

Битиќи: Сегашната квота е пет илјади на годишно ниво и таа бргу се пополнува. Веќе имаме и потреба за работна сила за одредени поголеми инфраструктурни проекти. Лично сметам дека бројката треба да се зголеми, најмалку двојно, но да не прејудицирам и да оставиме тоа да биде резултат од разговорите кои ќе ги водиме. Имаме земји каде квотите се одредуваат билатерално со некоја држава. Но големината на нашата економија не е таква да изискува големи квоти. Но ако се заклучи дека тоа треба, зошто и да не го направиме. Но клучно е што и да направиме дека мора да биде контролирано. Низ институциите на системот, законските регулативи. Подобро е да имате на пример 100 евидентирани и лесно контролирани работници со сите заштитени човекови права, отколку 100 илегални кои не се заштитени.

ДВ: Зборуваме за потреба од увоз на работна сила. Но што е со оние кои се активни баратели на работа во државата. Статистички сепак имаме 14% невработеност? 

Битиќи: Во 2016 имавме невработеност од 24,6% и за 6 години таа е намалена на 14%. Дел е поради креирани нови работни места, отприлика 60.000 работни места се креирани во последните 6 години. Но останатиот дел го нема, односно станува збор за луѓе кои заминале, или кои се активни во неформалната економија. Но невработеноста ќе продолжи да паѓа, тоа го покажуваат и податоците кои ги добиваме. Пазарот на труд годишно бара 10 до 15 илјади места. Пред кризата стигнавме и до 25 илјади во една година. Но заради кризата се намали, во моментов имаме потреба за 9.000 работни места кои се бараат на пазарот на труд, но најголем дел од оние што ги имаме како активни баратели се со вештини и знаења кои не одговараат на потребите. Но јас лично не се откажувам од активните баратели на работа, тоа се наши сограѓани, евидентирани и се стремам кон нив да се доквалификуваат, преквалификуваат за потребите на пазарот на труд во кој би биле подобро платени. Меѓу нив можеби има и некои со магистерски студии, но тие не одговараат на потребите. Затоа сметам дека овој процес продолжува.

ДВ: За овој процес на квалификација, доквалификација многу се зборува но реално не се видливи некои позначајни ефекти. Имаше идеја и да се преземаат вработени од јавната администрација кои би се преквалификувале за потребите на стопанството? 

Битиќи: Да, но примарно тоа се една категорија приматели на гарантиран минимален приход, или народски кажано социјалните случаи. Нив сакаме полека да ги вратиме на пазарот на труд. Таму реформата трае веќе четири години. Првично имавме над 150 000, а сега има околу 40 000 кои се пријавени и евидентирани во агенција за вработување. Следниот чекор е сите тие без разлика на вештините да ги квалификуваме.Секоја година со нив се работи и излегуваат од шемата и влегуваат како активни баратели и тоа е процес кој трае и дава резултати. Но потребно е време.

ДВ: Некои земји во регионот имаат стратегија за поттикнување на враќање на оние кои заминале од државата. Висококвалификувани кадри кои заминале на едукација, или доквалификација и не се вратени. Имаме ли некоја стратегија за да можеме да понудиме некои од нив и да се вратат и да придонесат во развојот на домашната економија?

Битиќи: Да дефинитивно. Ние сме имале и одлична мерка која за жал била недоволно планирана како да се спроведе, преку различни стимулации. Имаме група наши граѓани кои завршиле во елитни универзитети и во овој момент се прави еден регистар за сите во изминативе 15 на  години кои што имаат завршено, а имале обврска да се вратат во државатаи да го исполнат она што им го овозможила државата. Да видиме дали им се понудила, или не им се понудила работа, оти станува збор за договорна обврска. Од Министерството за образование веќе имаме побарано да го подготви тој регистар за да можеме да видиме со што располагаме и како ќе го адресираме. Сакаме да ги вратиме овие лица на работни места кои би биле достоинствени за квалификациите кои ги имаат, ако треба и со дополнителен закон. Секако дека мора да има некој стимул, мотивација да се вратат за да не почувствуваат преголема разлика со тоа што го имаат надвор. Ако разликата на пример во платите е процентуално помала, сметам дека секој подобро би се снашол дома отколку да остане надвор. Тоа го имаме како стратегија и ќе го адресираме.