Борел: Со уставните промени ќе се зачува и идентитетот
17 март 2023Оптимистички пораки и поддршка за следниот исчекор на Северна Македонија кон ЕУ беа испратени во петокот во Скопје на Шеснаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација. Со оглед на ротирачкото претседателство, со овогодинешнот состанок претседаваше премиерот Димитар Ковачевски, а ко-претседавач од страната на ЕУ беше високиот претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.
Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) која што стапи во сила на 1 април 2004 година, ја претставува рамката за спроведување на договорните односи, сѐ до приемот на Северна Македонија во ЕУ. Состанокот кој вообичаено се одржува во Брисел и во Луксембург, за првпат се одржа во Скопје. Тоа според Ковачевски и дава „историска димензија“ на средбата, а според еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји, е и јасен сигнал дека „Македонија ќе стане членка на Унијата“. Претставниците на ЕУ се оптимисти дека земјата секој ден е се поблиску до членство во Унијата, но не можат да потврдат дали тоа ќе се случи до 2030 година, какви што се надежите на македонската Влада. Тие порачаа дека реформите мора да продолжат во однос на владеењето на правото, правосудството и борбата против корупција, а уставните измени мора да се донесат со забрзано темпо.
ЕУ ја охрабрува Северна Македонија да продолжи со консолидирањето на достигнувањата во истрагите, гонењето и правосилните пресуди во случаи на корупција, вклучително и на високо ниво, порачувајќи дека се потребни постојани напори за да се обезбеди независност, професионалност, транспарентност и непристрасност на судскиот систем.
Признание за напредокот
„Со состанокот кој за првпат се одржа во Скопје сакавме да покажеме колку го цениме прогресот кој го има постигнато Северна Македонија на европскиот пат и колкаво значење и придаваме на земјата како идна членка на Унијата. Вратите за целосно членство сега се отворени“, порача Жозеп Борел по состанокот во Скопје, на кој стана збор за исполнувањето на задачите и критериумите за членство, како и за обврските коишто претстојат.
„Потребни се повеќе заложби за задачите коишто се пред нас, особено во однос на владеењето на правото, правосудниот систем и борбата против корупцијата. Иднината на Северна Македонија е во ЕУ, само заедно можеме да се справиме со предизвиците со кои се соочуваме“, рече Борел. За напредокот кон ЕУ, според него, важно е имплементирашењето на европските стандарди во земјата, подобрување на односите со соседите и усвојувањето на уставните измени.
„Оваа година е клучна. По договорот од јули ова е најдобрата зделка што можете да ја добиете“, дециден е тој, порачувајќи дека е време сите политички партии да ги преземат своите обврски и искрено да работат на оваа патека.
Македонија мора да направи чекор
Еврокомесарот Вархеји вели дека во овој момент е од големо значење земјата да не го забавува процесот на реформи, туку напротив да го забрза. „Потребно е национално единство за членството во ЕУ. Ќе продолжиме да работиме за да го забрзаме темпото. Ние сме подготвени - но потребно е и Северна Македонија да направи таков чекор. Владата и Собранието треба да забрзаат со реформите“, дециден е Вархеји, која потенцираше дека ЕУ ја цени улогата која што Северна Македонија ја игра во солидарноста со Украина.
Забрзани реформи
Претставниците на ЕУ очекуваат дека ништо нема да ги закочи неопходните реформи за пристап на земјата во ЕУ.
„Секогаш сум оптимист за членство во ЕУ, но дали ќе биде во 2030 година не знам - може да биде порано, може да биде подоцна. Проширувањето е врвен приоритет за ЕУ, доколку Северна Македонија ги исполни условите ќе има позитивни одлуки од страна на Унијата“, одговори Вархеји на новинарско прашање, откако претходно премиерот Димитар Ковачевски изрази надеж дека процесот ќе заврши до 2030 година.
„Со целосна посветеност кон реформската агенда и динамизирање на процесот на преговори, Владата си постави амбициозна цел - Северна Македонија да биде потполно подготвена да ги преземе обврските од членството во ЕУ до крајот на 2030 година“, порача Ковачевски.
Борел вели дека не само што е оптимист, туку е и активист во однос на ова прашање. „Мора да работиме за нештата да се случат, а Северна Македонија се обврза дека ќе го измени својот Устав и дека во него ќе бидат вклучени граѓаните кои се дел од други националности, како што се Бугарите. Измената на Уставот само понатаму ќе ги унапреди основните права и не се сомневам дека со тоа ќе се зачува македонскиот идентитет и ќе напредне процесот на пристапување кон ЕУ. Вашиот идентитет ќе биде апсолутно зачуван“, вели Борел.
Процесот на уставните измени се очекува наскоро да влезе во Собрание. За него е потребно двотретинско мнозинство. Опозицијата засега не дава поддршка за отворање на Преамбулата на Уставот.
Ковачевски пред Борел и Вархеји повика да се надмине дневно-политичкиот интерес на секоја партија, бидејќи ова е прашање коешто ја засега иднината на сите граѓани.
„Ова не е процес на еден човек, една партија и една Влада, туку обврска на сите партии и пратеници, со кој се обезбедува стратешка цел на државата - а тоа е членство во ЕУ. Длабоко сум убеден дека во Собранието постои капацитет и визија за да се донесат потребните одлуки за спешно да се заврши приклучувањето кон ЕУ“, рече Ковачевски, повикувајќи ја опозицијата да се вклучи во сите процеси околу евроинтеграцијата и таа да не се болкира поради неодговорно однесување.