Босна и Херцеговина пред големи промени?
3 октомври 2022Во Претседателството на БиХ на „националните позиции“, за хрватски, бошњачки и српски член по првпат ќе бидат избрани кандидати кои не се исклучиво од етно-националните партии: според првичните неофицијални резултати на општите избори, тоа се Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ. Од друга страна, и од штабовите на Милорад Додик (СНСД) и опозициската кандидатка Јелен Тривиќ (ПДП – СДС) не признаваат пораз и инсистираат дека тие се победници во трката за претседател од ентитетот во Република Српска. Се чекаат резултатите од Централната изборна комисија (СИП) за да се отстрани и најмал сомнеж, но и да се потврди дали Додик и Изетбеговиќ лично, се најголемите губитници на овие избори.
Сепак промени – барем во Претседателството
Жељко Комшиќ, претседател на Демократскиот фронт (ДФ) е актуелен и иден член на Претседателството од редовите на Хрватите. Нему ова му е дури четврти мандат и воедно ќе биде член со рекордни 16 години во Претседателството.
Денис Беќировиќ, кандидатот на коалицијата опозициски партии на левицата надмоќно ја освои довербата на избирачите и го победи Бакир Изетбеговиќ, кандидатот и претседател на најсилната бошњачка партија СДА. Ова е првпат, бошњачки член на Претседателството да не е од етно-националната партија. Но, и покрај тоа што Изетбеговиќ не влезе во Претседателството, неговата партија по прелиминарните резултати, и понатаму е најсилната бошњачка партија во земјата.
Како што очекуваа многумина, досегашната претседателка на тој ентитет, Жељка Цвијановиќ од Сојузот на независни социјалдемократи, (СНСД) (партија со социјалдемократски во името, но со години со изразено националистичка реторика), влегува во претседателството како член од Република Српска. Но, прашањето е кој ќе ја формира владата и коалицијата на сите нивоа.
Што рекоа победниците
„Очекував победа, но интересни се резултатите особено ако ги погледнеме гласовите за Беќировиќ и Комшиќ, па претенциозно можеме да кажеме: добредојдовте во граѓанската држава. Но сите знаеме дека тоа не е така. Се работи за оркестрирани потези, претпоставувам еден вид освета од ХДЗ и реванш со Изетбеговиќ. Ако е тоа така, ХДЗ ги изгуби сите аргумент било кому да се жали за легитимноста,“ коментира старо-новиот член на Претседателството, Жељко Комшиќ.
Додека претседателот на ХДЗ во БиХ, Драган Човиќ, во постизборната ноќ изјави дека Комшиќ и понатаму не е избор на хрватскиот народ во БиХ и дека тој не може да се појави во ниту едно место каде се мнозинство Хрвати, Комшиќ изјави дека „сака да оди во Херцеговина“, но дека и таму е „персона нон-грата“. Но, за разлика од неговата остра реторика кон Високиот претставник Шмит за време на изборната кампања, Комшиќ сега беше многу поумерен, па дури ги поддржа и неговите амандмани.
„Реков дека е важно да нема дискриминација за никого, ниту за одлуките на ОХР кои предизвикаа незадоволство. Ми се чини дека неговата одлука е избалансирана за да се избегнат манипулации со етничката определба, а исто така да се забрза процесот на формирање на власта,“ изјави Комшиќ.
Повикот на Беќировиќ до ЕУ и соседите
Новоизбраната членка на Претседателството во БиХ, Жељка Цвијановиќ, во обраќањето до јавноста кусо изјави:
„Можам да ветам дека како и досега ќе работам во интерес на РС и ќе останам на линија на мојот досегашен политички концепт. Не се согласувам со тврдењето дека во Претседателството нема да има членови на националните опции, бидејќи не верувам дека во БиХ постои било каква политичка партија која во својата програма нема вметнато грижа за националното наследство."
Откако првичните неофицијални податоци покажаа дека убедливо води, Денис Беќировиќ рече дека „не е време за триумфализам“.
„Сакам да потсетам на сите обесправени и сиромашни луѓе кои вечерва немаат причина за славење. Поради нив на сите политичари им порачувам дека кога тие ќе имаат причина за славење тогаш и ние ќе имаме право да славиме,“ изјави Беќировиќ. Тој имаше пораки и за ЕУ и соседните земји, од како што рече, првиот социјалдемократ кој е избран за член во Претседателството на БиХ.
„БиХ е Европа во мало и ја повикувам ЕУ што поскоро на земјата да и` додели кандидатски статус. Ги повикувам и граѓаните на БиХ да се обединиме околу иднината. Немаме време да трошиме енергија на бескорисни кавги. Упатувам порака и до целиот регион – да се обединиме поради нашите сограѓани и да почнеме да соработуваме. Било каква нестабилност ќе не` врати во среден век. На луѓето во Црна Гора сакам да им порачам дека во БиХ имаат пријатели за навек. Им се обраќам и на луѓето во Србија – време е да градиме подобра иднина. На Хрватска и` порачувам дека ние сме две држави потпрени една на друга и дека е време за економскиот развој и соработка и да престанеме со кавгите,“ порача Беќировиќ.
Речиси половина од избирачите не излегоа на гласање, дијаспората „се разбуди"
Но, четвртата „ѕвезда“ на постизборната вечер во БиХ беше Високиот претставник во земјата,- Кристијан Шмит, кој само еден час по затворањето на избирачките места повторно ги употреби „Бонските овластувања“ и објави измени на амандманите на Изборниот закон и Уставот на Федерацијата на БиХ. Додека овој негов потег многумина, помалку или повеќе, го оценија како избалансиран, претседателот на СДА, Бакир Изетбеговиќ изјави дека тоа е дискутабилно и дека „сето ова е во корист на ХДЗ во БиХ“.
Во текот на изборниот ден имаше вести за бројни неправилности на избирачките места, од вербални па дури и физички пресметки, а најсериозна незаконитост и манипулации со изборниот процес се регистрирани во Нови Град во РС, на избирачкото место во Хоџичи, каде се уапсени пет лица кои донеле голем број обележани гласачки листови за сите нивоа на власт за кои се гласаше. Гласањето на ова избирачко место е запрено.
Сепак останува занемарен еден сериозен факт - на гласање излегоа само 50% од гласачите, односно 50% останале дома. Од друга страна се чини се „разбуди“ дијаспората која гласаше во конзуларните претставништва на БиХ низ ЕУ, каде во редици се чекаше за гласање.
Централната изборна комисија на БиХ соопшти дека излезноста на Општите избори во БиХ била 50% од вкупно 3.368.666 гласачи со право на глас. Тоа е за 4% помалку во однос на Општите избори во 2018 година кога гласаа над 54% од вкупно регистрираните 3.355.659 гласачи. Во ентитетот на Федерацијата БиХ излезноста била 48%, во Република Српска 53%, а во дистриктот Брчко - 44%.
Но Центарот за дијаспора „Мрежа“, здружение задолжено за воспоставување релации меѓу босанската дијаспора и БиХ, доста ажурно на своите профили на социјалните медиуми објавуваше фотографии од гужвите и редиците пред избирачките места во конзуларните претставништва во Германија, Финска, Австрија, Норвешка, Данска, Холандија...
Ќе има ли промени?
„Клучното прашање е дали личните промени ќе донесат и политички промени. Би сакал да видам дали промените ќе донесат и суштински промени во земјата и до кое ниво. Но во РС во принцип ништо не се менува суштински ниту на лично ниво. Повторно се споменува националната матрица. Тука нема ништо ново. Сè се повторува. Нема промена во идеологијата,“ изјави социологот Есад Бајтал, коментирајќи ги за Н1 телевизија, изборите во БиХ и посебно осврнувајќи се на „национално обоените“ говори на Тривиќ и Цвијановиќ.
Кога станува збор за промени, внимателна е и политичката аналитичарка од Сараево Ивана Мариќ. „Овие избори ќе донесат промени сако ако се разбие коалицијата на ХДЗ, СДА и СНДС на државно ниво и на СДА и ХДЗ на ентитеско ниво. Доколку останат на власт, не може да очекуваме напредок. СДА ја има досега најдолгата коалиција со ХДЗ, која трае повеќе од 30 години, а останатите редовно се прогласуваат за ‘предавници’. Тоа се смета за ‘жртва за сопствениот народ’ иако таа ‘жртва’ подразбира и добивање на министерски места, директорски места во јавни претпријатија со многу пари итн. Прифатливо е тоа што и Комшиќ се приклучи кон оваа коалиција, но тоа не е предавство, како ни тоа што ДФ толку се стопи со СДА, што речиси и веќе не се гледа границата меѓу тие две партии,“ резимира Мариќ за ДВ со доза на цинизам.
Според неа, најдобро би било власта по изборите да може да се формира без досегашните долгогодишни коалиции од ХДЗ во БиХ, СДА и СНСД.
„Добра би била коалиција на ХДЗ со опозициските партии како што се СДП, Народ и Правда, ПДП, СДС, за да се ублажи влијанието на СДА и СНДС,“ заклучува оваа аналитичарка. Сега е потребно уште малку трпение во очекување на конечните изборни резултати и распределба на мандатите во општинските, ентитетските и државните парламенти во БиХ. Но, благодарение на Шмит, формирањето на владата нема да биде како претходните бесконечни одолговлекувања на процесот.