Јовановиќ: Економската криза е резултат на владините грешки
24 октомври 2023Македонската економија годинава, но и наредните две ќе има скромен економски раст, најнизок меѓу земјите од Западен Балкан, што дополнително ја оддалечува земјата од европскиот просек. Ова го покажа најновиот извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан. Светска банка ги намали прогнозите за раст на домашниот бруто производ годинава на 1,8 отсто, што е за 0,6 процентни поени помалку во однос на пролетниот извештај. Додека владини претставници уверуваат дека економските мерки и политики даваат резултати и доведоа до едноцифрена инфлација, експертите сметаат дека Светска банка дури била и оптимистичка во прогнозите, бидејќи земјата е во криза иекономската состојба не е воопшто добра.
„Нема ништо ново, нити неочекувано, во проекциите на Светска банка. Тие само го констатираат она што е повеќе од очигледно – дека економската состојба во државата не е добра. Јас би кажал дека Светска банка дури е и оптимистичка – прогнозира раст од 1.8% за оваа година, а 2.5% за следната, додека нашиот институт има 1.6% за оваа и 2% за следната. За инфлацијата исто така се на оптимистичната страна, со проекција од околу 9% за оваа година, додека ние прогнозираме 10%“, вели за ДВ, д-р Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
Но, и покрај овие мали разлики, тој вели дека пораката и двете проекции е иста – дека земјата е во криза. Смета дека тоа донекаде е последица на глобалното забавување и инфлација, но во голема мера е последица и на грешките на владата во еконономската сфера.
Различни толкувања на прогнозите
Светска банка оценува дека растот во земјата почна да забавува во вториот квартал од годината и од стапка на раст од 2,1 процент во првиот квартал дојде до 1,1 раст во вториот квартал. Инфлацијата се намалува, но сепак останува и натаму релативно висока. Ако се земат податоците за првите девет месеци од годината во споредба со истиот период лани инфлацијата беше 11,3 проценти. Проекцијата на Светка банка е дека до крајот на годината инфлацијата ќе биде 9,1 проценти.
Според Светска банка, поради високите трговски маржи, но и притисокот што го прави порастот на платите, намалувањето на инфлацијата ќе оди потешко од очекувањата, а дополнителен проблем е и високиот буџетски дефицит, кој остава мал простор за создавање резерви за идни кризни ситуации. Се забележува и дека платите растат позабрзано од инфлацијата и тоа придонесува опаѓањето на инфлацијата да оди со забавено темпо.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими во својата најнова колумна наведува дека сигналите кои ги даваат меѓународните финансиски институции за македонската економија преку есенските проекции, повикуваат на внимателност, но исто така тие очекуваат македонската економија допрва да се развива и да испорачува резултати.
„Создаваме економски раст во услови на економска стагнација кај нашите главни економски партнери, и кризи кои не стивнуваат. Водиме прудентна фискална политика со намалување на буџетскиот дефицит, а притоа се обезбедуваат средства за поддршка на најраливите категории на граѓани и стопанството преку поволни кредити погодени од кризите, заштита на стандардот на граѓаните преку растот на платите и пензиите при намалување на инфлацијата (инфлацијата од 19.8% во октомври 2022 година се сведе на 6,6% во септември 2023 година и истата ќе продолжи со надолен тренд и натаму)“, посочува Бесими.
Тој смета дека и ММФ ги покачил очекувањата за раст на македонската економија за годинава (од 1,4% на 2,5% раст на БДП во 2023 година) и покрај тоа што значително ја намали проекцијата за ЕУ и Германија, како трговски партнери на земјата.
Тешка битка со инфлацијата
Според Светска банка, најголем раст од 4,8 проценти годинава се очекува да има Црна Гора по што следи Албанија со 3,6, Косово со 3,2, Босна и Херцеговина со 2,2, Србија со 2. Прогнозите за Северна Македонија за економскиот раст се 1,8 проценти, во 2024 година се очекува раст од 2,5, а во 2025 година раст од 2,9 проценти. Просечниот раст на земјите во Западен Балкан годинава се очекува да изнесува околу 2,5 проценти.
Според Јовановиќ, инфлацијата во Северна Македонија е меѓу највисоките во регионот, што се должи на неконзистентните мерки кои ги преземаше владата. „Де ги замрзнуваше цените, де ги одмрзнуваше, де го покачуваше ДДВ-то. На секој чекор напред, Владата правеше два назад, а инфлацијата не се совладува така“, посочува експертот.
„Кога инфлацијата е околу 10%, а не сакате да ги зголемите платите, пензиите и социјалните трансфери, не може да очекувате ни економски раст. Просто е – нема што да го донесе тој раст. Луѓето немаат пари да купуваат, а и фирмите се воздржуваат од
инвестирање, бидејќи знаат дека нема кој да им ги купува производите“, додава Јовановиќ за ДВ.
Најлошото од сѐ, според него е, тоа што овие 1.8% или 1.6% раст ќе ги осетат само мал број на луѓе во државата. „Доколку сите имаат раст на реалните примања од 1.6%, би било супер. За жал, најголем дел од луѓето ќе имаат влошување на нивната материјална состојба, а само мал дел ќе имаат подобрување, и тоа енормно. Минатата недела објавивме една студија која покажува дека бројот на сиромашни во државата може да порасне и до 50% поради поскапувањата, и тоа е просто застрашувачки“, посочува нашиот соговорник.
Мерки за заштита на граѓаните
Прогнозите доаѓаат во момент кога Владата е под притисок од голем бран незадоволство во повеќе сфери, најави за штрајкови и блокади во јавниот сектор, судството, здравството, а малите пензии го поттикнаа и незадоволството кај пензионерите, коишто излегоа на протести. Иницијална каписла беше зголемувањето на платите на функционерите за 78 проценти. За да се стиши незадоволството, следеше одредено зголемување на дел од платите и пензиите, а за ублажување на ценовниот шок беа преземени мерки за замрзнување на цените на стотици производи во маркетите. Владата, сега, најавува нови антикризни мерки од ноември.
Според Јовановиќ, крајно време е Владата да се освести и да почне да презема мерки за заштита на граѓаните.
„Замрзнувањето на цените кое го направија пред еден месец е добро, но мора да биде на сила подолго време. Исто така, не смее паралелно со него да се зголемуваат ни ДДВ-то, ни некои други цени, како цената на струјата или парното. Мора и да се зголемат осетно и минималната плата, и платите во јавниот сектор, и пензиите, и социјалните трансфери, барем за онолку колку што изнесува инфлацијата. Само така може да се спречи сиромаштијата драстично да порасне, и само така може да се забрза растот во оваа криза“, дециден е експертот од Виенскиот институт.