1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МузикаГлобално

Брејкденс на Олимпијада: Како дојде до тоа?

27 јули 2024

Брејкденс наскоро ќе го има своето олимписко деби, метеорски подем на активност која не ни постоела пред 50 години. Како беше патувањето од темните улици на Бронкс, до центарот на Париз, градот на светлината?

https://p.dw.com/p/4ila9
Брејкденс во Њујорк, САД
Брејкденс во Њујорк, САДФотографија: Leo Vals/Hulton Archive/Getty Images

Брејкинг, името под кое се води на претстојните Олимписки игри, а како што го нарекуваат и на некои места од каде што потекнува, првпат стана популарно во 1970-тите во САД.

Се појави на улични забави во Бронкс, Њујорк: танчерите импровизираа стилизирани движења и вртења следени од „брејк-битовите“ на диџеите. Акробатскиот стил на улично танцување набрзо стана еден од четирите столбови на  хип хоп културата,  покрај диџејството (диск џокеи), MCing (мајстори на церемонии или рапување) и графити. Танчерите беа познати како би-момчиња и би-девојки, а она што го правеа беше повеќе од спорт – придонесуваше и за градење на заедницата.

Но, како популарната забава од улиците на Њујорк дојде на Олимпијадата?

Од приградски улици до настап за претседателот

Иако  популарноста на брејкденс се зголеми во доцните 1970-ти и раните 1980-ти, експертите беа критични. Според една статија на „Њујорк тајмс" од 1984 година, „голем број лекари“ предупредиле дека оваа „мода“ е опасна бидејќи може да „предизвика скинати лигаменти, скршеници на коските и уште посериозни повреди“. „Доколку танчерите не се во форма или немаат флексибилност на младите 'брејкери', велеле лекарите, тие би можеле да завршат со сериозни повреди“, напиша тогаш и „УС Дејли“.

Но, таквите аргументи не беа пречка за вклучување во списокот на олимписки дисциплини, бидејќи Олимпијадата вклучува голем број спортови поврзани со висок ризик од повреди, од бокс до BMX трки.

Истата 1984 година, кога се појави написот на „Њујорк тајмс", Њујорк сити брејкерс, кои се формираа во Бронкс, настапија за американскиот претседател Роналд Реган во Центарот Кенеди, на церемонија која се емитуваше во живо на телевизија.

Брејкденс во Францускиот културен центар во Кабул, Авганистан
Брејкденс во Францускиот културен центар во Кабул, АвганистанФотографија: Getty Images/AFP/W. Kohsar

Како што растеше популарноста на брејкденс, така растеше и неговиот натпреварувачки елемент. Битките помеѓу ривалските тимови или индивидуалните танчери станаа централен дел од оваа култура. Танцовите битки се покажаа како одлична алтернатива на другите искушенија или провокации во зафрлените улици на Њујорк.

Брејкденс со Јохан Себастијан Бах

Се разбира, танцот беше поврзан со популарна култура и музичките топ листи. Забележителни хитови го вклучуваат деби-синглот на Run-DMC од 1983 година „It's Like That“, кој беше ремиксиран од диџеј Џејсон Невинс во 1997 година и стана меѓународен хит. Неговото видео, во кое се прикажани машки и женски  екипи за брејкденс  кои се борат едни против други, ги инспирираше луѓето ширум светот да ги преземат тие специфични потези.

Од првите меѓународни натпревари до Олимпијадата

Меѓународни натпревари првпат се одржаа во 1990-тите. А во тоа време сѐ погласни стануваа оние кои бараа брејкденс да се вклучи во спортските настани.

Во текот на 2000-тите започнаа дискусии за вклучување во  Олимписките игри.  А потоа во 2018 година, брејкингот беше вклучен во Летните младински олимписки игри во Буенос Аирес.

Една година подоцна, организацискиот комитет на  Олимпијадата во Париз во 2024 година  предложи брејкденс за првпат да биде вклучен во олимписката програма.

Кон крајот на 2020 година, Меѓународниот олимписки комитет (МОК) објави дека брејкингот ќе биде вклучен во Летните олимписки игри во 2024 година.

А што велат брејкденсерите?

Брејкерсите се залагаа за тоа натпреварувачкиот танцов стил да биде вклучен во Олимпијадата, наведувајќи ги неговите квалитети како спортска забава кои го прават атрактивен додаток на Олимпијадата.

„Ќе биде одлично за брејкингот, бидејќи ни дава поголемо признание како спорт“, изјави британскиот брејкденсер Карам Синг за Би-Би-Си по најавата на МОК. „А за Олимпијадата, тоа ќе привлече млади луѓе кои можеби не ги следат традиционалните спортови."

Иако вклучувањето на брејкингот во Олимпијадата беше во голема мера позитивно поздравено од заедницата на брејкденс, некои се загрижени дека сега станува премногу мејнстрим.

Делови од заедницата веруваат дека вклучувањето во Олимпијадата може да доведе до губење на автентичноста или да ги девалвира аспектите кои се субјективни, како што се оригиналноста и страста.

„Имаше многу интерни контроверзии во сцената“, изјави би-девојката Логан „Логисткс“ Едра за „УСА тудеј“. „Во основа, тоа е грижа за да ја зачуваме суштината и културата и таа да не се изгуби во натпреварувачката машина додека продолжуваме да напредуваме и да се приближуваме до Олимпијадата“, додаде олимписката надеж.