1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бугарите во Уставот“: Технички или неодговорен пристап?

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров
5 јуни 2023

Владата ги издвои „Бугарите во Уставот“ во независна варијабла - предуслов за почнување на преговорите, апстрахирајќи дека е тоа шлепер на сите услови на ветото. Пишува Димитар Димитров

https://p.dw.com/p/4SC1U
Димитар Ковачевски
Македонскиот премиер Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

За неколку години, од потпишувањето на Договор за пријателство (1.8.2017) до сега, Бугарија примени две противречни позиции спрема Македонија. Првата е во духот на договорот, што прoпишува бугарска помош во македонската евроатлантска интеграција. Со неа Бугарија како претседавач на ЕУ ја реактуелизира агендата за проширување на ЕУ и интеграција на земјите од т.н. Западен Балкан. Втората, спротивна на првата, е ветото: спречувањето на заедничката иднина (во рамките на ЕУ) во име на заедничкото минато! 

Од своја страна, ветото, хронолошки и методолошки поминува низ три фази: како непосредно вето, како „француски предлог“ и како „Бугарите во Уставот“. 

Македонија се противстави на ветото како такво. По извесни перипетии, тоа го направи и ЕУ. Не помина обидот билатералните прашања да ги нарушат Копенхашките критериуми за прием на нови членки во ЕУ. 

Дали случајно, дали во корелација со неприфаќањето на условите на ветото, уследи демисија на премиерот и поминување на ветото во фаза на „француски предлог“. Ако во фазата на непосредно вето јасно се препознаваа позициите на Бугарија, на Македонија и на ЕУ, „францускиот предлог" внесува конфузија во позициите на сите три страни. 

„Францускиот предлог“ не е супститут на неприфатените услови на ветото, туку дополнителен услов, поставен како предуслов и засилен со вториот протокол од мешовитата меѓувладина комисија, што преговарачкиот процес стриктно го доведува во зависност од резултатите на мешовитата историска комисија. Како таков, „францускиот предлог“ е шлепер на Меморандумот на бугарската влада и на Декларацијата на Народното собрание, со пораката за „вештачката држава“, надградена со унилатералната изјава за трајно непризнавање на македонскиот јазик. 

Процедурален неред 

Реформираната Влада, со „францускиот предлог" се стави во процедурален и системски крш. Првин негираше дека има таков предлог. После го одби. После се изјасни за негов коавтор. Па го прошверцува низ Собранието, без да им го достави на пратениците вториот протокол. Па го прогласи за синоним на  евроинтеграцијата. Па се даде во лов по двотретинско мнозинство и изврши нова реконструкција (ја жртвува помалата Алтернатива, ја кооптира поголемата АА). Ги кани сите партии на етничките Албанци да ѝ се приклучат, вклучително и избрканата. Смисли и работна група за уставни измени, без да има одлука на Собранието за такви измени. Исто како при промоцијата на „францускиот предлог". Работната група, со техника на релативизација на „Бугарите во Уставот", кон Бугарите ги додава Хрватите, Црногорците, Словенците, Евреите и Египќаните! 

Димитар Димитров
Димитар Димитров, автор на колумнатаФотографија: privat

Следејќи ваков процедурален неред, Владата се размина со Уставот, со државата и со општеството. Практично, отстапи од претходната позиција што ја држеше ЕУ на своја страна, и застана на позицијата на ветото, узурпирајќи ги ингеренциите на Собранието, престапувајќи ги „црвените линии" на Резолуцијата на Собранието и Копенхашките критериуми на ЕУ. При тоа, за да си ја олесни работата, Владата „Бугарите во Уставот" од „францускиот предлог" ги издвои во независна варијабла - предуслов за почнување на преговарачкиот процес, апстрахирајќи дека е тоа шлепер на сите услови на ветото, запечатени со садистичката унилатерална изјава за јазикот! Па така, при полн товар услови, лидерот на опозицијата бара гаранции од ЕУ дека ова („Бугарите во Уставот") ќе биде последна „уцена"! А претседателот на државата, повикувајќи да се внесат Бугарите во Уставот, нѐ храбри: „Да блокирате држава во однос на идентитетски или историски прашања е недозволено и не треба да биде дозволено во модерна Европа!" 

Тоа е, горе-долу, став на секој европски државник. И самиот Макрон „францускиот предлог" го оцени како нефер спрема Македонија. И добронамерникот Пленковиќ, како и австрискиот претседател пред него, се понижи да нѝ ја објаснува користа од членството во ЕУ, но во интервју за МТВ недвосмислено се изјасни против внесување на билатерални спорови во преговрачкиот процес. 

Особено симптоматичен израз за оваа амбиваленција ни понуди експертот по геополитика Мишел Фуше (во интервју на ТВ24). Тој не го удостојува како француски „францускиот предлог": „Овој договор не е иницијатива на Франција… Иницијатива е на Франција како претседавач на ЕУ." Потцртува дека позицијата на ЕУ за проширување се засновува врз Копенхашките критериуми и „жали што Европската Комисија дозволи националните прашања да станат дел од преговарачкиот процес". Сепак, ставањето на Бугарите во Уставот го гледа како „техничко прашање".  

Па, сѐ може да се сведе на техничко прашање, ако му се пристапи технички. Но Европа, очигледно (ќе) има проблеми со тоа. Финскиот МНР Хаависто елаборира дека ЕУ никогаш нема да дозволи билатералните прашања да влезат во преговарачкиот процес. Нашиот случај не се архивира ни како преседан. Како да е тоа автономен македонски избор.

А не е. И нема да биде. Опозицијата го смета за велепредавство! Дузина дена се одржуваа граѓански протести. Според анкетите, 80% од етничките Македонци остануваат против (што значи против е и членството и симпатизерите на СДСМ!), иако во мнозинство остануваат ЕУ-ориентирани.

Премиерот како монарх 

На премиерот не му пречи разминот со народот, од кого и не бил избран. Тој, сообразно на назначувањето, се вообразува како монарх, кој не оди со народот, туку чекори против него. Само да стигне до 80! Па трупа министри, раководители на државни институции и директори - кадри на партиите на етничките Албанци, игнорирајќи го Рамковниот договор и уставната регулација на етничките прашања. На првиот вицепремиер, кој раководи со министерство за масовна синекура (дупликат на Министерството за правда), му ја придава и координацијата на изградбата на автопатите 8 и 10, што според досегашните процедури (без тендер, со специјални закони во полза на изведувачот, донесени нетранспарентно, под превезот на тајност на догооворот меѓу Владата и американско-турскиот конзорциум!) за Македонија ќе значи грабеж на векот. Со злоупотреба на авторитетот на САД и на ЕУ (користејќи го европското знаме, и покрај изричното противење на ЕУ!). 

Така, под претекст на Европски фронт, се екипира коруптивна Влада и власт. Бидејќи тоа се врши врз софизмот, кој е против „францускиот предлог", тој е против ЕУ-интеграцијата, се внушува инсинуација дека „македонскиот народ" (уставна категорија) е антиевропски ориентиран, па како таков, е против ЕУ-фронтот, а власта ја заземаат партиите на „делот на албанскиот народ" (уставна категорија).

Тоа е антимакедонска коалиција. Ненародна. Антидржавна. Антиуставна. Пучистичка.

Македонија Автопат Договор
„Логично беше САД да се држат на страна од незаконските практики на македонската власт“. (фото: потпишување на договор за изградба на коридори меѓу владата на РСМ и Бехтел и Енка)Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Тоа е отровниот плод на „францускиот предлог", што му го подари Макрон на Радев, со горчлив вкус на нефер однос кон Македонија. Тоа е ѕидот во кој се удира методот на „техничкото прашање". Благословувајќи ги криминалните процедури во врска со законите за автопатите и за измените на Уставот, нашиот Претседател апелира до ЕУ да не ги поддржува граѓанските здруженија, кои наеднаш станаа „антиевропски" зашто не се вклопуваат во криминалната власт што се издава за европска Македонија! 

Бумерангот на францускиот предлог 

Овој апел доаѓа след повлекувањето на холандски проект за поддршка на Судскиот совет, кој според амбасадорот Коп е „нелегитимно тело", поврзано со „незаконитост, непотизам и корупција". Но оценката на Коп е синхрона со позицијата на граѓанските здруженија, а Судскиот совет, правосудството воопшто, е лицето на власта, што го изразува карактерот на државата. Претседателот и амбасадорот тука се во темелен размин. Позицијата на Претседателот ќе услови утре вето на легалистичката Холандија! 

За жал, по сила на солидарноста на земја членка на ЕУ, и Коп им се придружува на сите негови колеги од ЕУ во поддршката на „Бугарите во Уставот", превидувајќи дека под претекстот на евроинтеграцијата се расцветало, имено,  „нелегитимното тело" на власта.

Неконзистентноста на ЕУ, во последно време добива надградба во американското „убедување" за уставните измени како „техничка постапка" (сенаторот Марфи). След доблесната позиција на американската амбасадорка за беспоштедна војна против корупцијата, логично беше САД да се држат на страна од незаконските практики на македонската власт, што кулминираат во процедурите околу договорот со Бехтел и Енка и „Бугарите во Уставот". Наместо тоа, амбасадорката и сенаторот настапија некритички, преземајќи ги нејзините дисквалификации за „антиевропската опозиција" и заплашувајќи со последици врз односите со САД и со другите НАТО-сојузници!

Така техничкиот пристап што го генерира „францускиот предлог", како бумеранг се струполува врз ЕУ и НАТО, оспорувајќи ги во нивните јадра како заедници на вредности. Таа чест, тие се на пат да ја изгубат во Македонија.

 

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров Димитар Димитров е пензиониран професор на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешен министер.