1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чарлс Трети официјално прогласен за британски крал

ЖА / агенции
10 септември 2022

Кралицата е мртва, да живее кралот: на посебна церемонија во Лондон е прогласен новиот британски монарх.

https://p.dw.com/p/4GfGG
Großbritannien London | Proklamation König Charles III.
Фотографија: Jonathan Brady/AP Photo/picture alliance

Чарлс Трети, на формална церемонија во Лондон, денеска официјално е  прогласен за британски крал,  а прогласот е јавно објавен и од балконот на палатата Сент Џејмс пред насобраниот народ, во согласност со традицијата стара со векови.

Протоколот за прогласувањето на кралот прв го потпиша најстариот син на кралот и новиот престолонаследник, принцот Вилијам, потоа и сопругата на Чарлс, кралицата Камила. Со смртта на својата мајка, кралицата Елизабета Втора, Чарлс инаку и автоматски стана британски крал.

Кралот Чарлс Трети  се обврза на зачувување на наследството на неговата мајка, кралицата Елизабета Втора. „Мојата мајка даде пример за доживотна љубов и самопрегорна служба. Нејзиното владеење е без пример според должината, самопрегорот и преданоста. Свесен сум за големината на преземеното наследство, на обврските и задачите кои ми се пренесени. Со нивно прифаќање, ќе се трудам да го следам примерот кој ми е даден“, изјави Чарлс Трети.

По прогласувањето, ќе следи и церемонијата на крунисување, чиј датум уште не е одреден. Крунисувањето на Елизабета Втора беше извршено во 1953 година, 16 месеци откако по смртта на својот татко стана кралица.

Кралицата почина во четвртокот,  на 8.09.2022, на својот имот, дворецот Балморал во Шкотска, во својата 96-та година. Само два дена претходно таму таа ја прими новата британска премиерка Лиза Трас и формално ѝ врачи мандат за формирање влада. Новиот кабинет на Трас требаше денеска да ја има својата прва аудиенција кај кралицата, но плановите мораше да бидат променети. Премиерката и нејзината влада денеска ќе бидат примени од Чарлс Трети, а членовите на Парламентот ќе се заколнат на верност на новиот крал.

Телото на Елизабета Втора утре од дворецот Балморал ќе биде пренесено прво во палатата Холируд во Единбург, резиденцијата на кралицата во Шкотска. Потоа ќе биде изложено во катедрала во шкотската престолнина, пред да биде однесено во Лондон.