Данска: Експлозии причина за оштетувањата на Северен тек
18 октомври 2022Во прашање се оштетувања предизвикани од силни експлозии, ова е резултат на првичните резултати од истрагата за дупките на двата гасоводи во данскиот дел од Балтичко Море, соопшти денеска полицијата. Натамошната истрага ќе ја водат заеднички копенхашката полиција и данската тајна служба. Шведските безбедносни служби уште на почетокот на октомври ја соопштија проценката според која причина за оштетувањата е „масивна саботажа" изведена со помош на експлозив. И во Германија се води истрага против непознат сторител поради постоење сомнение за напад со експлозив, како и за извршена саботажа.
На оштетениот цевковод на Северен тек 1, според шведскиот весник „Експресен", недостига парче долго најмалку 50 метри. Информацијата се базира на сопствени снимки со подводен дрон, извршени вчера. Видеото прикажува извиткан метал и широко отворен гасовод во матната вода на дното на Балтичко Море на длабочина од 80 метри.
Деловите од гасоводот се чини имаат прави, остри рабови, додека други се деформирани. Но, весникот укажува на фактот дека не е јасно во колкав степен со истрагата на властите се извршени измени на местото на инцидентот. Зашто, шведските истражни екипи уште претходно најавија конфискација на материјал од местото по завршувањето на нивната истрага.
На цевководите кои транспортираат руски гас кон Германија, на крајот на септември беа откриени оштетувања на четири места во територијалните води на Шведска и на Данска. Точната причина за дупките не е позната, но претпоставките одат во насока на саботажа. Русија уште пред неколку недели ја запре испораката на гас преку гасоводот Северен тек 1, образложувајќи ја со технички проблеми. Од аспект на западните држави, тоа е само изговор. Германската влада ја одби понудената испорака на гас преку гасоводот Северен тек 2 поради војната што Русија ја води во Украина.