1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Де Сантис се откажа од претседателската трка во САД

ЕМФ | агенции
22 јануари 2024

Гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, се откажа од трката за претседателски кандидат на американските Републиканци и застана зад Донлад Трамп.

https://p.dw.com/p/4bWfb
САД | Рон Де Сантис
Рон Де Сантис го „фрли пешкирот“ и застана зад ТрампФотографија: Tim Hynds/Sioux City Journal/AP/picture alliance

Гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, се откажа од трката за претседателска номинација на Републиканската партија. Де Сантис во видео на платформата Х напиша дека се откажува од трката и дека ќе му даде поддршка на досегашниот ривал Доналд Трамп.

„Не можам да барам време и донации од нашите поддржувачи ако немаме јасен пат кон победа. Затоа денеска ја завршувам кампањата“, нашиша Де Сантис. Тој го објави видеото со цитат од поранешниот премиер на Велика Британија, Винстон Черчил: „Успехот не е конечен, неуспехот не е фатален: важна е храброста да се продолжи“.

Два дена пред републиканските прелиминарни избори во американската сојузна држава Њу Хемпшир, Де Сантис застана зад поранешниот претседател Доналд Трамп. „Ми стана јасно дека мнозинството републикански учесници во прелиминарните избори сакаат да му дадат уште една шанса на Доналд Трамп“, рече 45-годишниот гувернер на Флорида, кој долго време важеше за најопасниот ривал на Трамп. Тоа значи дека прелиминарната трка на конзервативната партија ќе се претвори во дуел помеѓу многу фаворизираниот Трамп и поранешната амбасадорка во ОН, Ники Хејли.

Доналд Трамп изјави дека е „почестен“ од поддршката на гувернерот на Флорида. Сега е време „сите републиканци да се соберат зад претседателот Трамп“ за да го поразат актуелниот претседател Џо Бајден на претседателските избори во ноември и да го прекинат неговото „катастрофално претседателствување“, соопшти изборниот тим на Трамп. Екс-претседателот за време на настапот во кампањата во Њу Хемпшир ја нападна својата ривалка Хејли како „глобалист“.

Таа, пак, на своите приврзаници им рече дека полето на кандидати сега се состои само од „момче и дама“. Гласачите ќе треба да одлучат дали сакаат „повеќе од истото или нешто ново“, додаде поранешната амбасадорка во ОН. Хејли се надева на гласовите на сите оние конзервативни гласачи на кои им е доста од Трамп.