1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Може ли затвореникот да стане претседател?

23 август 2023

Парадоксално, по последните истражувања на јавното мислење, Доналд Трамп ужива поддршка поголема одошто сите негови републикански конкуренти во САД заедно. Пишува Петар Арсовски

https://p.dw.com/p/4VSeB
Доналд Трамп
Доналд ТрампФотографија: Kyle Mazza/NurPhoto/picture alliance

Последниот период повторно се актуелни случаите околу поранешниот претседател Доналд Трамп, кој последнава недела се соочува со четврто последователно потврдено обвинение, а се очекува во четврток самиот да се пријави во окружниот затвор, од каде ќе се спогодува за висината на својата кауција. Со претходните три обвиненија, Трамп станува една од најконтроверзните, и секако најтоксичните политички фигури во американската политика – еднаш победен, двапати интерпелиран, четири пати обвинет - Трамп по сите правила на политичката комуникација би требало да биде политички лепрозен за сопствената партија, па и за гласачите. 

Сепак, не е така. Парадоксално, по последните истражувања на јавното мислење, Трамп ужива поддршка поголема одошто сите негови републикански конкуренти заедно. На пример, со поддршка од над 50% од републиканскиот глас, Трамп е на чекор од номинацијата. Неговиот најблизок конкурент, републиканецот Рон ДеСантис од Флорида, има нешто над 15% поддршка. Оттаму, стратегијата на републиканците кои се борат против номинацијата на Трамп, како и желбата на демократите токму тој да им биде конкурент, очигледно се заснова на претпоставката дека тој, во основа, е неизбирлив, па така, или нема да ја добие номинацијата, или, ако ја добие, Џо Бајден сепак би победил. По бројките, очигледно е дека двете претпоставки се погрешни. И сега, имајќи предвид дека двата процеса (кривичниот прогон и претседателските избори) ќе се одвиваат паралалено, се поставува прашањето: можно ли е, во сите космички веројатности, САД да добијат претседател кој победил од затвор? 

Да, можно е. 

Најдобриот противкандидат за Бајден

Во САД номинацијата е голема работа. Нема дилема дека Трамп е еден од најризичните избори за Републиканската партија, но истовремено, досегашното искуство со „The Donald“ треба да не научи дека никогаш не треба да се потценува. Со самата победа на партиските избори (која изгледа извесна), секој кандидат добива ветер во грб, бидејќи одеднаш станува член на еден многу елитен клуб од двајца кандидати, од кои еден сигурно ќе стане претседател. Потоа, со самата номинација, кандидатот наследува околу 45% од гласовите, чисто по партиска линија. Двете големи партии имаат воспоставено силно влијание врз голем број држави, во кои доминираат на изборите. Како доказ за ова тврдење е дека најмалку 40 федерални држави постојано гласаат за истиот партиски кандидат во последните 4 изборни циклуси. 

Џо Бајден
Бајден беше прогласен за идеален кандидат да го победи Трамп, и заради таа констатација, во кампот на демократите сметаат дека Бајден има добри шанси. Фотографија: CAP/MPI/RS/picture alliance

Понатаму, Бајден беше прогласен за идеален кандидат да го победи Трамп, и заради таа констатација, во кампот на демократите сметаат дека Бајден има добри шанси. Но, вистината е дека Трамп повеќе му треба на Бајден како противкандидат, одошто дека Бајден е во тоа сценарио сигурен победник. Трамп, споредено со Бајден, ги намалува критиките за староста, ги релативизира етичките дилеми (зашто во споредба со Трамп секој ќе изгледа како морален победник), и на крајот, можеби најважно, е единствен кандидат кој има шанси да биде помалку непопуларен од Бајден. Трамп е сигурно по ранлив одошто на минатите претседателски избори, но и Бајден е во истата каша. Трамп можеби не може да добие многу повеќе гласови од тогаш, но Бајден сигурно може да изгуби многу гласови. Со поддршка од само 39%, Бајден е слаб кандидат, со лоша состојба во државата. Може да се сопне. Хантер Бајден скандалот сеуште може да произведе некои непријатни изненадувања. Независните кандидати можат да му „откинат“ мал, но значаен, дел од гласовите. Изборниот модел им оди во прилог на републиканците, и најважно, економијата сеуште може да тргне по ѓаволите. 

Политички радиоактивен

Трамп не е во многу подобра позиција, исто така. 44% од електоратот сметаат дека не треба да биде претседател, и 49% од неопределените се противат на неговиот избор, што значи дека нема многу простор за раст. Обвиненијата го прават политички радиоактивен.  Тие имаат двојно дејство – го засилуваат неговиот имиџ кај републиканците, правејќи го најверојатно кандидат, но истовремено, му нанесуваат штета кај неопределените. Самите судски процеси ќе го истоштат, во политичка, финансиска, но и во смисла на јавен имиџ, особено зашто ќе ги потсетат гласачите зошто не го сакаат – исплати на порно ѕвезди, несоодветно постапување со државни тајни, и обиди да се саботираат изборите. На крајот, некои од овие случаи можат да завршат и со пресуда пред ноември 2024, па така, може да се случи тој на изборите да излезе како осуден, или дури кандидат кој ја трча кампањата од затвор. 

Но, и обратното сценарио е можно. Трамп може лесно да ги развлече судењата до после изборите. Судовите можат да одлучат да не се „закачаат“ со очигледно осветољубивиот кандидат. Некои од случаите може да пропаднат. Но најважно, и најчудно – се може да тргне против него, а тој само да расте во популарноста. Медиумите може да ги прогласат судењата за политички прогон. Неговите фанатици може всушност, да почнат да го поддржуваат повеќе, а притоа може да ги собере и сите антиестаблишмент гласови, па така, перверзно, може целата негова радикалност и контроверзност, всушност да му помогнат за изборите.

Токму затоа, веќе сега, анкетите покажуваат дека Трамп и Бајден имаат исто ниво на популарност, или, поточно, непопуларност. Ако Трамп изненади со поддршката, како што беше тоа случај на минатите избори против Хилари Клинтон, каде доби повеќе гласови одошто му предвидуваа анкетите, може лесно да се случи да го замени портокаловиот комбинезон директно со претседателско одело. Слушам „Бриони" му биле омилени. 

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема