1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Сите процеси против Трамп: низа на обвиненија

17 август 2023

Има толку многу процеси против поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп што судовите имаат проблем да ги усогласат термините. Ако биде осуден, може да заврши во затвор. Ако стане претседател, може да се помилува.

https://p.dw.com/p/4VFI1
Доналд Трамп суд
Доналд Трамп на суд во случајот Сторми Даниелс, Њујорк, 4 април 2023 година.Фотографија: Jane Rosenberg/REUTERS

Иако на Доналд Трамп не му пречат суперлативи кога станува збор за него, тој веројатно би сакал да го заобиколи тоа што е : прв поранешен претседател на САД кој е обвинет за наводни кривични дела за време на неговиот мандат. Покрај тоа, треба да се соочи со неколку граѓански тужби.

Политички, барем кај Републиканците, ништо од тоа не му наштети - во анкетите е многу пред другите во трката за претседателска кандидатура. Од друга страна, настапите на Трамп во судовите во изборната 2024 година ќе бидат постојано во фокусот на јавноста, што може да му наштети меѓу неопределените гласачи.

За што е обвинет 77-годишниот Доналд Трамп?

Случајот на порно ѕвездата „Сторми Даниелс“

Од 2016 година, откако првпат се кандидираше за претседател на САД, тој и неговиот тим го следат случајот Сторми Даниелс. Поранешната порно ѕвезда, чие вистинско име е Стефани Клифорд, вели дека имала кратка врска со Трамп во 2006 година. Тој тоа го негира.

Непосредно пред изборите, тогашниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, уплатил 130.000 долари на сметката на Стефани Клифорд, веројатно за да ја спречи јавно да зборува за Трамп. Подоцна тој износ на адвокатот му беше вратен од семејната компанија Трамп. По првичното демантирање, Трамп призна дека исплатата била извршена. Плаќањето пари за тие цели, само по себе, во Њујорк не е нелегално.

Адвокатите на Доналд Трамп
Адвокатите на Трамп, Џо Такопина и Тод Бланш пристигнуваат на судењето на Сторми Даниелс, април 2023 година.Фотографија: JOHN MOORE/Getty Images/AFP

Но, според њујоршкото обвинителство, Трамп 34 пати фалсификувал деловни документи за да ги прикрие плаќањата. Тој, исто така, ги прекрши законите за финансирање на изборната кампања. Обвинението е поднесено оваа пролет, а судењето треба да започне во мај 2024 година.

Адвокатот Мајкл Коен беше осуден на три години затвор во 2018 година. Во текот на судскиот процес, меѓу другото, тој се изјасни за виновен за незаконско финансирање на изборната кампања. Коен, сепак, кој има важна улога во судскиот процес против Трамп, има проблем со кредибилитетот: признавањето дека ја лажел јавноста и американскиот Конгрес покажува опортунистички однос кон вистината, односно дека не бега од лаги. Значи важното прашање е: дали поротата во Њујорк ќе му поверува.

Случајот на авторката Е. Џин Керол

Обвинувањата на авторката Е. Џин Керол датираат уште подалеку. Во 2019 година, таа го обвини дека ја силувал во стоковна куќа во 1996 година. Во мај 2023 година, поротата го отфрли тоа тврдење, но го прогласи за виновен за сексуален напад и клевета, а на авторката и беа доделени пет милиони долари отштета.

Е.Џин Керол
Е.Џин Керол го тужи Трамп од 2019 година.Фотографија: John Minchill/AP Photo/picture alliance

Трамп потоа ја тужеше Керол за клевета, но ја загуби таа тужба на почетокот на август. А, потоа Керол поднела уште една тужба против Трамп, бидејќи тој ја навредувал на Си-ен-ен по првата пресуда. Тој процес (за клевета) треба да започне во средината на јануари 2024 година.

Измами и заговор

Трамп секогаш ги преувеличува своите успеси и ги потценува своите неуспеси. На тој начин изгледа работеле и неговите деца - Доналд Јуниор, Ерик и Иванка.

Обвинителката на државата Њујорк, Летиција Џејмс во септември 2022 година ги обвини за кршење на различни закони на државата Њујорк, вклучително и сметководствена измама, фалсификување документи, измама во осигурувањето и заговор за извршување на такви дела.

Измамата се состои во тоа што пријавените ги прикажале своите финансии како поголеми или помали, се во зависност од потребата, за полесно да добијат кредити, да плаќаат пониски камати или да плаќаат помали даноци.

семејството на Трамп
Дел од семејството Трамп заедно: Ерик, Лара, Кимберли, Доналд, Меланија и Барон (август 2020 година)Фотографија: Erin Scott/picture alliance/Pool via CNP/MediaPunch

Во нејзиното обвинение, Џејмс наведува 200 лажни или погрешни проценки на имотот во период од десет години за кои таа бара казни во вкупна вредност од 250 милиони долари. Таа, исто така, бара на семејството Трамп трајно да му биде забрането да работи во државата Њујорк. Во јуни, Апелациониот суд ги отфрли обвиненијата против Иванка Трамп како застарени. Почетокот на судењето на таткото и синовите Трамп е закажано за октомври 2023 година.

Документи со доверлива содржина

Во јануари 2021 година, кога ја напушти Белата куќа, Трамп зеде кутии со доверливи документи со себе и ги стави на различни места во неговата вила Мар-а-Лаго на Флорида. Кутиите, меѓу другото, наводно биле во сала за бал, бања и туш кабина. Наводно, меѓу тие документи се и оние поврзани со националната одбрана и нуклеарните капацитети на друга земја. Некои документи се класифицирани со највисоко ниво на доверливост. А, дополнителното обвинение гласи: Трамп ги покажал документите на други луѓе.

Според специјалниот истражител Џек Смит, Трамп прекршил цела низа закони, па затоа обвинението има 40 точки. Тоа го вклучува и фактот дека Трамп ја попречи истрагата со тоа што му наложи на персоналот да уништи можни докази. Трамп не е единствениот обвинет, со него на обвинителна клупа ќе бидат и двајца вработени. Почетокот на судењето е закажано за мај 2024 година.

документи Трамп
Класифицирани документи во кутии во тоалет во вилата Мар-а-ЛагоФотографија: U.S. Justice Department/Handout/REUTERS

Заговор против САД и изборниот закон

Второто обвинение против Трамп пред федералниот суд - покрај претходниот случај со доверливи документи - се однесува на настаните околу признавањето на резултатите од претседателските избори одржани во ноември 2020 година, кои кулминираа на 6 јануари 2021 година со насилниот влез на толпа граѓани во Капитол.

Обидите на Трамп да ја негира победата на Џозеф Бајден, да се прогласи за победник на изборите и да ја спречи легализацијата на изборниот резултат, се оценети како „заговор“ по вкупно четири точки: заговор за измама на САД, заговор за спречување на официјалната потврда на изборната победа на Бајден и заговор против изборниот закон.

Обвинението од 45 страници дава слика на заговорот во Белата куќа. Со недели имало обиди за притисок врз пратениците и другите кои официјално биле вклучени во организирањето на изборите. Се размислувало и за создавање лажни списоци на гласачи на Трамп кои би можеле да ги поништат резултатите од изборите во Конгресот. 

специјалниот истражител Џек Смит
Обвинението на специјалниот истражител Џек Смит против Доналд Трамп има дури 40 точкиФотографија: Jacquelyn Martin/AP Photo/picture alliance

Ако поротата го прогласи за виновен, макар и за една точка од обвинението, Трамп би можел да биде зад решетки многу години.

Трамп смета дека овој процес е политички мотивиран. Доколку биде реизбран за претседател пред да биде изречена пресудата, тој би можел да го принуди Министерството за правда да ги отфрли обвиненијата. Можеби ќе може дури и да се помилува, бидејќи станува збор за федерален закон. Трамп веќе ги напаѓа судиите и јурисдикцијата на судот и бара промени. Сепак, набљудувачите сметаат дека има мали шанси да успеат во тоа.

Џорџија: притисок врз министерот да најде гласови

Не помалку експлозивно, ако не и поопасно за Трамп е обвинението во сојузната држава Џорџија, исто така за заговор за промена на резултатите од изборите во 2020 година. На 2 јануари 2021 година, во сега веќе легендарниот телефонски разговор, Трамп му наложува на министерот Бред Рафенспергер да му најде уште 11.780 гласови. Имено, толку гласови му беа потребни на Трамп за да освои во Џорџија. Снимка од разговорот подоцна беше објавена од Вашингтон пост.

Покрај Трамп, 18 други лица се обвинети за заговор и давање лажни изјави за изборните резултати, меѓу кои и поранешниот адвокат на Трамп и поранешен градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани.

Трамп е обвинет, меѓу другото, според законот наменет за случаи на организиран криминал, вклучително и судења за мафијаши. Доколку биде прогласен за виновен, минималната казна е пет, а максималната 20 години затвор.

Доналд Трамп
Доналд Трамп се соочува со повеќе обвиненија додека се обидува да ги натера републиканците да го реноминираат за претседателски кандидатФотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

Доколку во меѓувреме се врати во Белата куќа, Трамп нема да може да интервенира во процесот со назначување на нов обвинител. Самопомилувањето исто така не доаѓа предвид: ако е воопшто можно, тоа се однесува само на федералните судови, а не на поединечна држава како Џорџија.

Државната обвинителка Фани Вилис рече дека ќе побара судењето да започне во следните шест месеци. За разлика од другите судења, судењето за Џорџија се очекува да биде пренесувано на телевизија. 

Борба во судниците и надвор од нив

Судиите постојано го предупредуваа Трамп во последните недели да не врши притисок врз сведоците и да не ги напаѓа судовите. Но, тоа не е во согласност со темпераментот на Трамп. По неговото прво сослушување за обвиненијата за заговор за измама на Соединетите држави, Трамп на својата онлајн платформа Truth Social напиша : „Ако ме прогонувате, ќе ве прогонувам и јас“.

Специјалниот истражител Смит го гледа тоа како закана за правдата и побара да му се забрани на Трамп да открива чувствителни информации за процесот. Адвокатите на Трамп тоа го нарекуваат „декрет за замолчување“. Сепак, се вели дека една судијка го предупредила Трамп дека заплашувањето на сведоците или попречувањето на правдата е кривично дело.

Без разлика како ќе завршат сите овие процеси, речиси сигурно е дека битките внатре и надвор од судниците ќе бидат горчливи.