1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГерманија

Германските општини бараат повеќе депортации

Кристијан Валц | агенции
10 септември 2024

Локалните власти во Германија бараат од сојузните влада значително ограничување на илегалната миграција во Германија. Притисоци врз владата доаѓаат и од редовите на опозицијата во Бундестагот. Што се планира сега?

https://p.dw.com/p/4kSDM
Дали е возможно одбиените баратели на азил поконзистентно да се враќаат во нивните матични земји?
Дали е возможно одбиените баратели на азил поконзистентно да се враќаат во нивните матични земји?Фотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Сојузот на германските градови и општини се залага за зголемување на бројот на депортации. По неодамнешниот терористички напад со нож во Солинген (со три жртви) и жестоката дебата за миграцијата, правилно е да се засилат напорите за враќање на оние луѓе кои немаат право да останат во Германија во нивните земји на потекло, рече Андре Бергегер, директор на Сојузот на германски градови и општини. Со цел да се забрза тој процес, сојузните власти треба да воведат „работна група за депортација“, предложи тој во весникот Рајнише пост. Според сегашните правила, депортациите се под јурисдикција на 16-те германски сојузни покраини, а во пракса редовно им помагаат припадници на Сојузната полиција (Бундесполицај) кога самите ги извршуваат депортациите.

Бергегер вели дека е „за жалење и неразбирливо“ тоа што локалната заедница не е директно вклучена во консултациите за депортации. Градовите и општините ќе мораат да седнат на маса кога ќе се носат одлуките за миграцијата и безбедноста, додаде тој.

За денеска (10 септември) беше најавена нова рунда преговори по тоа прашање меѓу сојузната влада, опозицијата и претставниците на покраините. Пред состанокот, сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер нареди да се воведат контроли на сите германски граници. Проширувањето на контролите е привремено, рече министерката и додаде дека целта на таа мерка е „да се ограничи илегалната миграција“, односно заштита од исламистичкиот терор и сериозните облици на криминал.

Андре Бергегер, директор на Сојузот на германските градови и општини
Андре Бергегер, директор на Сојузот на германските градови и општиниФотографија: Marten Ronneburg/NurPhoto/picture alliance

Претседателот на Здружението на германски окрузи Рајнхард Загер во меѓувреме нагласи: „На Германија ѝ е потребна контрола. А кога ја немаме таа контрола, тогаш мораме да ги штитиме нашите граници“, изјави тој за Баварската радио и телевизија (БР). Градовите и општините се преоптоварени со доселување, посочи тој и додаде дека недостигаат сместувачки капацитети и кадар. Покрај тоа, рече Загер, зголемени се и проблемите со насилниот имигрантски криминал. Здружението на окрузи ги застапува интересите на сите 294 окрузи во Сојузна Република Германија.

„Губиме контрола“

Конзервативните опозициски партии ЦДУ и ЦСУ продолжуваат да инсистираат на своите барања за отфрлање на приемот на мигрантите уште на германските граници. Само доколку оваа мерка е дел од пакетот нови мерки, продолжувањето на разговорите со сојузната влада ќе има смисла, изјави шефот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, Торстен Фрај, за јавниот сервис АРД.

Претседателот на ЦДУ, Фридрих Мерц, неодамна дури ѝ даде ултиматум на владејачката „семафор-коалиција“ на социјалдемократите (СПД), Зелените и либералите (ФДП) - а како објаснување за воведувањето на таквата практика, тој ја наведе „вонредната состојба“ во врска со илегалната миграција.

Засега сојузната влада на канцеларот Олаф Шолц најави усвојување на „безбедносен пакет“ мерки – кој, меѓу другото, предвидува укинување на државна помош за одредена категорија бегалци кои мора да ја напуштат земјата, дополнителни овластувања за безбедносните органи во однос на спроведување истражни постапки, односно дополнителни ограничувања кога се работи за носење и забрана на ножеви на јавни места.

Маркус Зедер: Бројот на барања за азил мора да падне далеку под границата од 100.000 годишно
Маркус Зедер: Бројот на барања за азил мора да падне далеку под границата од 100.000 годишноФотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Шефот на баварската ЦСУ Маркус Зедер се залага за значително намалување на бројот на нови барања за азил. „Нивниот број мора да падне значително под границата од 100.000 (годишно). И тоа трајно“, бара Зедер, премиерот на Баварија и оценува дека Германија е преоптоварена поради последиците од интеграцијата. Во многу германски градови, жителите на Германија веќе воопшто не се чувствуваат како дома, додаде Зедер. „Вистината е едноставна: губиме контрола.“

Претседателот на Либералната партија (ФДП) и сојузен министер за финансии, Кристијан Линднер, ја коментираа вака иницијативата на Зедер: „Можам да ја прифатам таа бројка (100.000, уред.)“. За миграциската политика, како што вели тој, е подготвен „да направи сѐ што е политички, правно и логистички можно“. Во исто време, првиот човек на ФДП ги обвини опозициските демохристијани дека на таа тема сакаат „политички да профитираат“. Според Линднер, демохристијаните нема да профитираат на темата имиграција, „тие можат само да ја зајакнат АфД и Сојузот Сара Вагенкнехт“.

Министерот за финансии Кристијан Линднер го прифаќа предлогот на опозицијата
Министерот за финансии Кристијан Линднер го прифаќа предлогот на опозицијатаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Пратеничката група Алтернатива за Германија (АфД) во меѓувреме усвои документ со кој се дефинираат приоритетите на нејзината работа во месеците пред наредните сојузни избори, кои треба да се одржат во септември 2025 година. Борбата против „илегалната масовна имиграција“ за нив е тема број 1. Таа партија, која Службата за заштита на уставниот поредок во еден дел ја класифицираше како „екстремно десничарска“, меѓу другото бара „ригорозна заштита на границата“, што значи дека „како крајна мерка, да се користат и огради на границата“. Воедно, тој повикува на доследно одвраќање и депортирање на „нелегалните имигранти“. Што се однесува до лицата кои доаѓаат од безбедни трети земји, и тоа без лични документи, воопшто не би смеело да се отвори постапка за проверка на правото на азил, се вели во документот на АфД.

„Јасно кршење на европското право“

Во меѓувреме, 27 хуманитарни и организации за заштита на човековите права, односно помагање на бегалците, испратија апел на адреса на германската сојузна влада: „Правото да се бара заштита од кршење на човековите права во Германија и во Европа, по искуствата од Втората светска војна, е ДНК на нашата демократија“, се вели во заедничкото соопштение на тие организации. Меѓу нив се, на пример, ПроАзил, Амнести Интернешнел и Дојчес Киндерхилфверк (Организација за помош на децата).

Мигранти пред прифатната служба на германската покраина Долна Саксонија во Брауншвајг
Мигранти пред прифатната служба на германската покраина Долна Саксонија во БрауншвајгФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Предлозите како оној за одбивање на луѓето кои бараат заштита веќе на германските граници  „очигледно ги кршат европското право и основните принципи на човековите права“, критикуваат овие организации. Во секој поединечен случај мора да се провери дали депортацијата е во согласност со законот, а тоа не може  да се решава ад хок на самата граница, велат оттаму. Потписниците на апелот нагласуваат и дека несоодветното однесување на одредени поединци никогаш не смее да резултира со целосно стигматизирање на одредени групи луѓе.