Протести во Израел поради спорната правосудна реформа
11 јули 2023Демонстрантите рано утрината привремено блокираа неколку автопати во Израел, јавија светските новински агенции медиумите. Тие вееја израелски знамиња и протестни плакати, извикувајќи: „Мораме да го запреме уништувањето на демократијата!“
Израелската опозиција и противниците на спорната правосудна реформа денешниот ден го нарекоа „Ден на отпорот“, на кој се планирани се дополнителни масовни протести. Во попладневните часови се очекува илјадници Израелци да се соберат на меѓународниот аеродром Бен Гурион во близина на Тел Авив.
Израелскиот парламент во прво читање го усвои синоќа клучниот дел од контроверзната судска реформа која ја бараше владата, по паузата за преговори со противниците на реформата и масовните протести ширум земјата. Целта е да се одземе способноста на Врховниот суд да ги укинува одлуките на Владата кои ги смета за „неразумни“. По долга и жестока расправа пратениците таа одредба ја усвоија со 64 гласа „за“ и 56 против. За да стапи во сила спорниот закон потребно е да биде усвоен и во второ и трето читање.
Владејачката коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху, која ги вклучува неговата десничарска партија Ликуд, ултрадесничарските и религиозните партии, тврди дека планира да обезбеди подобар баланс на гранките на власта, пренесоа агенциите. Противниците на реформата ја гледаат како закана за израелската демократија.
Со гласањето заврши тримесечната пауза во која се водеа преговори со опозицијата.
Паузата започна по низата масовни протести на противниците на реформите и предупредувањата од светските лидери и други официјални лица дека демократијата на Израел ќе биде загрозена со одземање на овластувањата и независноста на Врховниот суд.
Во последните недели Нетанјаху соопшти дека преговорите со опозицијата пропаднале и најави дека ќе се обиде да усвои малку изменета верзија на реформата. Ова предизвика ново засилено противење во Израел и во странство.