Бројни загинати и повредени во експлозија во Нагорно-Карабах
26 септември 2023На фотографии на социјалните мрежи се гледаат големи пламени јазици. Според официјалните информации, од засега непознати причини експлодирал магацин за гориво на патот од Степанакерт кон Азербејџан Аскеран. Загинале најмалку 20 луѓе. Министерството за здравство на самопрогласената Република Нагорно-Карабах соопшти дека уште 290 лица се пренесени во болница со повреди со различна тежина.
Политичарката Метаксе Акопјан изјави дека во моментот на несреќата многу луѓе чекале бензин кај складот, во намера со автомобили да избегаат од Азербејџанците од Нагорно-Карабах во Ерменија.
Молби за меѓународна помош
По катастрофата, властите на де факто државата итно апелираа за меѓународна помош. Од повредените, мнозинството се „тешко или екстремно сериозно“ ранети, изјави народниот правобранител за човекови права Гегам Степанјан на онлајн сервисот X (поранешен Твитер).
Степанјан напиша дека Нагорно-Карабах не располага со медицински капацитети за да им помогне на повредените.
Мора „итно да се овозможи стигнување на итна помош по воздушен пат „за да се спасат човечки животи“, побара тој.
Хуманитарната ситуација во Нагорно-Карабах, регион околу кој долго време се водат спорови меѓу двете поранешни советски републики Ерменија и Азербејџан, веќе е катастрофална. Азербејџанците со месеци го блокираат единствениот пристапен пат за Ерменија, поради што во регионот има недостиг од храна, лекови и бензин.
Регион околу кој со години се водат борби
Минатиот вторник, авторитарно раководениот Азербејџан започна воена операција за освојување на Нагорно-Карабах. Според ерменски извори, повеќе од 200 луѓе загинале за време на кратките борби, а повеќе од 400 биле повредени. Само еден ден подоцна, проерменските борци од Нагорно-Карабах мораа да прифатат договор за прекин на огнот.
Нагорно-Карабах му припаѓа на Азербејџан според меѓународното право, но областа е претежно населена со Ерменци. Азербејџан и Ерменија се борат за оваа област со години. Десетици илјади ерменски цивили во регионот сега стравуваат дека ќе бидат раселени или угнетувани од новите азербејџански владетели. Според официјалните информации од властите, од Нагорно-Карабах во Ерменија веќе побегнале 13.350 лица.