1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетте заповеди на Мицкоски

11 септември 2024

ВМРО-ДПМНЕ ќе треба со личен пример да ги прифати принципите на премиерот ако сакаат јавноста да ги сфати како искрени заложби а не празни флоскули. Пишува Соња Крамарска.

https://p.dw.com/p/4kTsE
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на партиите им предложи платформа за единство преточена во 10 принципи
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на партиите им предложи платформа за единство преточена во 10 принципиФотографија: Government of North Macedonia

Дали само како партиска реклама или искрено, шефот на Владата Христијан Мицкоски одлучи на денот кога Македонија наполни 33 години независност, да им понуди на партиите платформа за единство преточена во 10 принципи. Но, платформата како што дојде, така и помина. Со кревање на рамениците во партиските штабови, со малку врева во СДСМ и генерално со голема доза на игнорантство од крупните политички риби. Во нормални околности таков премиерски потег барем еден месец ја бранува политичката сцена, но во нашата држава тоа е примено како уште еден здодевен обид да се диригира со раштиманиот оркестар од партиски зурли и тапани, кои не успеаја во изминатите децении да изградат ниту сопствен идентитет и партиска идеологија по која ќе бидат препознатливи. 

Не се потребни никакви аналитички способности за да се види дека ниту партијата на премиерот со која тој раководи и додека е претседател на Владата, не верува во неговите 10 заповеди, ако може така да ги наречеме, ниту пак го почитува нивниот дух и целта доколку е таа искрена. Нападите што веднаш по говорот на Мицкоски беа лансирани кон водачот на опозициската СДСМ Венко Филипче, не се ништо друго туку прекршување на осмиот принцип – а тоа е единството. Некој ќе рече, единството не се однесува на поведението на првите луѓе, туку на политиките што ги произведуваат тие и нивните партии, но после таква канонада со по десетина соопштенија на ден дека Филипче криел имот, и со поттекст дека е корумпиран, тешко може да се замисли дека Мицкоски и Филипче ќе седнат на иста маса како премиер и опозиционер да се договорат за принципите кои ги обзнани Мицкоски. 

Интересен и речиси неостварлив е и првиот принцип на премиерот, кој се однесува на правда и правна држава. Иако е сѐ уште рано да се зборува, бегството на косовскиот притвореник Блерим Рамадани, кому поради силните врски што ги имаше со моќни личности од албанскиот политички спектар во Македонија, му беше крената рампата на граничниот премин како да се работи за Папата, е знак за тоа дека правната држава нема да важи за сите. А со тоа и правдата. Да не ги редиме ослободувањата од затвор по разни основи откако се врати ВМРО-ДПМНЕ на власт, но со заеднички именител дека сите ослободени се блиски до владејачката партија. На пример учесниците во крвавите настани од 27 април 2017. Тоа не е добар чекор во насока на враќање на правната држава. 

Директорските сечи спротивни на принципите 

За вториот принцип – прекин на партизацијата на општеството, не мора посебно да бараме докази дека е во старт изигран. Ако денот се познава по утрото, масовните директорски сечи во јавните претпријатија укажуваат на јакнење на партизацијата, наместо обратно. Министерството за здравство не можеше да дочека актуелните директори на скопските клиники и на здравствените центри да ги завршат законски определените мандати, туку експресно ги смени. Иако од настанокот на светот па до денес не е пронајдена никаква врска меѓу партијата и медицината. 

Третиот принцип – изолирање на елементите кои создаваат меѓуетничко неединство е толку очебијно промашен колку надежта дека може да се добие фискална сметка во дуќаните за злато и за сервисни услуги во Старата скопска чаршија. Премиерот ќе биде награден со златен глобус за политички изум ако до крајот на својот мандат ја исправи неправдата со (не)еднакво контрибуирање на граѓаните и бизнисите од сите етнички заедници во државната каса. Приказните за (не) еднаквите права се само замаглување на овој енормен проблем кој ја категоризира државата на фискален план во редот на диви држави. 

Со такво собирање на даноци е јасно дека се дерогира и четвртиот принцип а тоа е економијата да биде во фокусот и да биде полето на натпревар. Всушност со проблемите кои постојано ги произведува државата поради партизираните институции, омразата меѓу партиите, речникот со кој комуницираат политичките актери од спротивставените табори, постојано ја држат секоја влада на штрек, а досегашното искуство покажа дека владите во Македонија најголем дел од својот мандат го трошат на решавање на внатрешни кризи наместо на развој. Во таква констелација економијата нема никаква шанса, а тоа се виде и во изминатите 33 години кога државата не успеа да се одлепи од дното по јачината на економијата и животниот стандард на населението. Утопијата за економски препород може да стане реалност со обратно однесување на сите полиња од тоа како сега се однесува Владата. Како впрочем и сите досегашни влади. 

Партиското членување билет за успех 

На праведното општество кое премиерот го наведува како петти принцип, ќе почекаме додека знаењето да стане единствен услов за партиципирање во процесите на корекција на општеството. Намерно е изоставен зборот изградба бидејќи општеството нѝ е изградено меѓутоа со многу грешки во архитектурата кои мора да се исправат. Со тоа ќе се постигне и праведност наместо некои енормно да се богатат користејќи ги државните функции а обичните граѓани да добиваат само трошки.

Мицкоски вели дека образованието е билет за успех елаборирајќи го шестиот принцип. Тоа е голема новина бидејќи и врапчињата знаат дека билет за успех е членувањето во партиите, по можност тие да се на власт. Така се полетува кон орбитата на успех и богатство во Македонија. Токму затоа образованието е и на такви гранки, бидејќи го кроеја секакви партиски авантуристи кои беа поканувани на министерската функција. Такви знаци има и сега, но да почекаме да видиме што ќе направи новата министерка. 

За ЕУ како седми принцип, за која премиерот вели дека нема друга алтернатива, неговите зборови не звучат искрено бидејќи посегајќи по историската комисија, оваа стратешка цел како што тој ја нарекува во својата елаборација на принципите, изгледа подалеку, а не поблиску. Итноста за влез во ЕУ е недвојбена, меѓутоа во Владата не се гледа посебна енергија околу тоа прашање освен телефонирањата во Брисел за барање пари и друг вид помош. Кокетирањето со Унгарија, притоа, колку и да е економски исплатливо, не е патот по кој Владата најбрзо ќе нѐ однесе во ЕУ. 

Премиерот на маса во принципите ги стави и борбата против иселувањето како и потребата од патриотизам. Иселувањето е тешко запирлив процес, па дури и во земјите кои се членки во ЕУ. Но за почеток, Владата може со редица мерки како што се објективните критериуми за вработувања, создавање услови за нови бизниси, искоренување на политичкиот рекет и корупција, да ја направи климата во Македонија поблагопријатна за живот. Тоа ќе биде и патриотски чин, затоа што државите се градат со силни економии а силните економии се невозможни без едуцирана работна сила.

Најпосле, ВМРО-ДПМНЕ ќе треба со личен пример да ги прифати „10-тте заповеди на Мицкоски“ ако сакаат јавноста да ги сфати како искрени заложби а не како празни флоскули.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар