1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осмосептемвриските пораки со различен диоптер

9 септември 2024

Денешните политичари гледаат на иднината на земјава со помалку оптимизам од позитивноста што провејуваше кај Глигоров и Кљусев при прогласувањето на независноста.

https://p.dw.com/p/4kPm3
Symbolbild Mazedonien Mazedonische Flagge QUER
Фотографија: MIA

„Граѓаните заслужуваат да живеат во држава каде што чесноста и правдата се водечки принципи. Време е да се стави крај на беззаконието и да се изгради држава која ќе ги заштити интересите на своите граѓани". Ова е една од пораките што по повод 8 Септември – Денот на независноста  ја упати претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Тој додаде и дека „криминалот не смее да биде посилен од Владата" и на ова зло како што рече, му доаѓа крајот.

Пораките кои беа испратени и од другите политичари покажаа дека и по 33 години од   славењето на плоштадот во Скопје  при соопштувањето на резултатот од референдумот за самостојност и независност, во Македонија сѐ уште се топ теми ЕУ, корупцијата, криминалот, и меѓуетничките односи.

„Тогаш владееше ентузијазам и голема енергија. 33 години подоцна многу работи се изменети. Многу порази, многу неуспеси, потфрлања во системот. Јас сум убеден дека човекот кој гласаше на референдумот тој 8 Септември 1991 година, не ја замислуваше Македонија каква ја имаме денес 33 години подоцна“, рече Мицкоски на свечената академија која се одржа под мотото „Заедно се бориме, заедно ќе успееме“. Според него „многу кнедли беа проголтани кои се распространија во срцето на нашиот организам“. Тој оцени и дека „во изминатите 33 години се соочивме и со многу предавства од страна на неодговорни политички лидери кои ги продаваа нашите национални интереси“.

претседателот на Владата, Христијан Мицкоски
Претседателот на Владата на РСМ, Христијан Мицкоски: „криминалот не смее да биде посилен од Владата“Фотографија: Government of North Macedonia

Мицкоски, осмосептемвриските пораки ги преточи во т.н. 10 принципи со кои се опфатени актуелните проблеми во државата. Меѓу нив се заложбите да се прекине партизацијата на општеството и да бидат изолирани „елементите кои создаваат меѓуетничко неединство".

„Мора да ставиме мораториум на етнички произведените теми зад кои стои лукративниот интерес на поединци. Мора да се стави крај на долгата листа желби за етнички права зад кои стои личниот интерес на тие кои ги произведуваат", истакна тој во својот говор. Дополнително, премиерот посочи дека мора да постигнеме општа согласност за исполнување на нашата стратешка цел, а тоа е членството во ЕУ. Тој побара од опозицијата да се приклучат на неговите 10 принципи, но од друга страна им рече: „Исчистете се од криминалот во своите редови и реформирајте се". Претходно Мицкоски преку Фејсбук порача дека „мора да се победи разочарувањето од криминалот и корупцијата кои денес се најважните проблеми против кои се бориме“.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче, пак, честитајќи го празникот рече дека „пред нас е одговорноста да ја продолжиме изградбата на општество каде што секој граѓанин ќе има еднакви можности, а нашата земја ќе биде пример за стабилност, толеранција и напредок“. Според Филипче, како што потенцираше и во честитката, „нашата држава се наоѓа пред многу искушенија, кои бараат од нас да покажеме уште поголема зрелост."

Претседателот на СДСМ Венко Филипче
Претседателот на СДСМ Венко Филипче: „Нашата држава се наоѓа пред многу искушенија, кои бараат од нас да покажеме уште поголема зрелост"Фотографија: SDSM

Исчезна ли ентузијазмот

Денешните политичари како да гледаат на иднината на земјава со помалку оптимизам од позитивноста што провејуваше кај Киро Глигоров и Никола Кљусев кога на големата бина во Скопје вечерта на 8 Септември 1991 година отворија шампањско пред насобраните граѓани честитајќи им „слободна, суверена и самостојна Македонија“. Тоа може да се заклучи и од честитката што ја упати владејачката ВМРО-ДПМНЕ во која порача дека „сега повеќе од било кога нѝ е потребна енергијата која ја имаше на 8 Септември 1991 година“.

И претседателката Гордана Сиљановска Давкова во честитката оцени дека 33 години подоцна ентузијазмот и надежта, како што нагласи, се засенети од бројни предизвици со кои се соочивме како држава, од „надворешните притисоци и непринципиелни блокади, внатрешните поделби и политичките и безбедносните кризи“. Дополнително порача и дека „пропуштените можности, сеприсутната партизација и политизација, и хроничната корупција, ги отуѓуваат граѓаните и ги иселуваат младите“. Сиљановска Давкова потенцираше дека надежта ќе се врати „само со европеизација на државата“.

Претседателката на РСМ, Гордана Сиљановска Давкова
Претседателката на РСМ, Гордана Сиљановска Давкова: Надежта ќе се врати „само со европеизација на државата“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Коалицијата ВЛЕН, пак, која е дел во Владата, нагласи дека „и по 33 години од независноста и 23 години од Охридскиот договор, за жал, сѐ уште отвораме прашања за употребата на мајчиниот јазик на Албанците, што е демократска придобивка која не смее да се оспорува“. ВЛЕН посочи и дека „оваа генерација има историска должност да се справи со ендемичната политичка корупција“. Претседателот на Собранието Африм Гаши, кој е еден од лидерите на ВЛЕН во честитката сепак заклучи дека „оваа земја покажува дека концептот на мултиетничка заедница може да функционира, дека колку повеќе учиме едни од други толку поблиски можеме да станеме".

Некогаш и сега          

Во пораката меѓутоа што пристигна од водачот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, тој со значително поостар тон вели дека „сè уште има тенденции за мајоризација, за непочитување на демократската волја на Албанците од страна на партијата што ја претставува мнозинската заедница, за нарушување на етничкиот легитимитет за да се создадат слуги кај Албанците за нивните моноетнички политики". „Македонските политички елити треба да бидат свесни за големата одговорност што ја имаат во градењето на државата со почитување на политичката волја на Албанците и еднаквоста, затоа што оваа држава ни припаѓа на сите нас и не може да се гради без почитување на етничкиот легитимитет", подвлече Ахмети.

Разногласието во пораките  33 години подоцна  не е во духот на демонстрираното единство на експертската влада на Кљусев и првиот претседател Киро Глигоров кои заедно со соработниците, и покрај дијаметрално спротивниот политички спектар на кој му припаѓаа, заеднички го прославија успешниот референдум на 8 Септември 1991 година. Некогашниот премиер Љупчо Георгиевски кој е единствениот сѐ уште активен политичар кој тогаш се најде на славеничката бина во својство на потпретседател на Глигоров, денес во својата честитка по повод 33-годишнината цинично ќе порача: „За оние кои не сакаат да знаат, отцепувањето беше од Југославија поточно од силната прегратка на Србија. Но гледам дека успешно се враќаме таму од каде што со маки излеговме“. 

Навраќањето на датумот на  осамостојувањето на Македонија  и оваа година беше прилика да се реафирмира меѓународната поддршка за зачленување во ЕУ. Американскиот државен секретар Ентони Блкинкен порача дека „САД ќе продолжат да го поддржуваат нашиот сојузник Северна Македонија на нејзиниот европски пат“.  Честитки пристигнаа и од делегацијата на ЕУ и од НАТО, како и од повеќе сојузнички и пријателски земји.

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар