И март 2024 бил рекордно топол
9 април 2024Трендот продолжува: истражувачите забележаа температурен рекорд десетти месец по ред. Просечната температура на воздухот во март изнесувала 14,14 степени. Затоплувањето на светските океани исто така напредува.
Март 2024 година е најтоплиот март досега, откако постојат податоци, со просечна температура минатиот месец за 1,68 степени повисока отколку во прединдустрискиот период од 1850 до 1900 година. Десетти месец по ред паѓаат глобалните температурни рекорди, објави Службата за климатски промени Коперник на Европската унија.
„Просечната температура во март изнесуваше 14,14 степени, што е за 0,73 степени повисока од просечната од 1991 до 2020 година и за 0,1 степен повисока од март 2016 година, кога беше поставен претходниот рекорд. Просечната глобална температура во последните 12 месеци, од април 2023 до март 2024 година, е највисока откако се мери“, објави Коперник.
Просечната температура во март во Европа била за 2,12 степени повисока од просечната од 1991 до 2020 година, а само 0,2 степени пониска од март 2014. Температурите биле најмногу над просекот во Северна Америка, на Гренланд, во источна Русија...
„Март 2024 година ја продолжи секвенцата на климатски рекорди и за температурата на воздухот и за температурата на океаните, со десетти месец по ред во кој паднаа рекорди. Просечната глобална температура е највисока досега, а во последните 12 месеци е 1,58 степени над прединдустриските нивоа. Запирањето на понатамошно затоплување бара брзо намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина“, напиша во соопштението Саманта Бурџис, заменик директор на Службата за климатски промени Коперник. Оваа служба инаку ја означи минатата 2023 година за веројатно најтопла година во историјата на човештвото.