1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КлимаГлобално

ЕУ-монитор: Најтопол октомври од почетокот на мерењата

ЖА / агенции
8 ноември 2023

Во октомври има нов глобален рекорд на топлина. Според научниците од ЕУ, 2023 година веројатно ќе биде најтоплата во последните 125.000 години. Последици се екстремни временски појави со илјадници смртни случаи.

https://p.dw.com/p/4YXal
Пакистан климатски промени
Експертите апелираат да се преземат итни мерки против глобалното затоплувањеФотографија: Akhtar Soomro/REUTERS

Според европските научници, оваа година ќе биде најтопла во последните 125.000 години. Со оглед на температурниот рекорд во октомври, ова е „прилично сигурно“, велат од Службата за климатски промени Коперник на ЕУ (CКП). „Ако ги комбинираме нашите податоци со оние на Меѓудржавната група за климатски промени, можеме да кажеме дека  ова е најтоплата година  во последните 125.000 години“, изјави заменик-директорката на Службата за климатски промени Коперник на ЕУ, Саманта Бурџес. Меѓувладиниот панел за климатски промени користи мерења од извори како што се ледените јадра, прстените на дрвјата и коралните наслаги.

Според Коперник, само минатиот октомври бил во просек за 1,7 степени потопол од проценетото пред почетокот на индустријализацијата. „Рекордот беше соборен за 0,4 степени Целзиусови, што е огромна разлика“, истакна Бурџес. На површината на морето во октомври беа измерени повисоки температури од кога било.

Една од причините за топлата година се тековните емисии на стакленички гасови од човечките активности. Глобалните емисии на ЦО2 достигнаа рекордно високо ниво во 2022 година. На ова се доврзува и појавата на временскиот феномен „Ел Нињо“, што предизвика загревање на површинската вода во источниот дел на Тихиот Океан оваа година.

Климатските промени  доведуваат до екстремни настани. Оваа година, меѓу нив беа поплави во кои загинаа илјадници луѓе во Либија, интензивни топлотни бранови во Јужна Америка и најлошата сезона на шумски пожари што Канада некогаш ја видела.

„Не смееме да дозволиме разорните поплави, шумски пожари, бури и топлотни бранови што ги доживеавме оваа година да станат ново нормално“, предупреди Пирс Форстер, климатски научник од Универзитетот во Лидс. „Со брзото намалување на емисиите на стакленички гасови во следната деценија, можеме да го преполовиме затоплувањето.“ Ова го прави уште поважно постигнувањето „амбициозни“ договори за  борба против глобалното затоплување  на  климатската конференција на ОН  КОП28 на крајот на месецот во Дубаи. нагласиува заменик-директорката на Службата за климатски промени Коперник на ЕУ, Саманта Бурџес. Парискиот договор за климата склучен во 2015 година има за цел да го ограничи глобалното затоплување  на многу под два степени во споредба со прединдустриската ера, по можност и до 1,5 степени. Сепак, според ОН, со сегашната политика вредноста се движи кон плус 2,8 степени до крајот на векот. Климата веќе се загреа за речиси 1,2 степени Целзиусови од средината на 19 век, зголемувајќи го интензитетот, зачестеноста и времетраењето на-  топлотните бранови, сушите и бурите.