Три заложнички повторно во Израел, ослободени 90 Палестинци
20 јануари 2025Првите тројца заложници предвидени во договорот за размена на заробеници според договорот за прекин на огнот за Појасот Газа, се на слобода. Црвениот крст ги презема жените на возраст меѓу 24 и 31 година од Хамас и кратко потоа ги предаде на израелската армија. Од таму во раните вечерни часови известија дека трите млади жени биле повторно обединети со нивните најблиски и дека прво ќе бидат медицински прегледани. Според војската, тие се во добра физичка состојба.
Израелските медиуми кои ја преземаа програмата во живо од катарската телевизија Ал Џазира, ги прикажаа првите снимки од ослободените заложнички. Тие пешачеа меѓу возила додека нивниот конвој се движеше низ градот Газа. Имаше огромна гужва. Многу со мобилните телефони во раце го снимаа настанот. Во близина имаше бројни вооружени лица со зелените ленти на Хамас, очигледно за да ги обезбедуваат возилата.
Во замена за ослободените заложнички се ослободени 90 палестински затвореници - главно жени и малолетници.
Преговори за натамошна размена на заложници и затвореници
Прекинот на огнот стапи на сила во неделата претпладнето со речиси три часа задоцнување и предвиден е да трае шест недели. Во тоа време треба да бидат разменети вкупно 33 израелски заложници кои беа киднапирани од страна на терористичката организација Хамас, за стотици Палестинци осудени во Израел кои таму отслужуваат затворска казна.
За време на прекинот на огнот, планирано е да се преговара за втората фаза, односно за траен прекин на огнот. Од исламистичката Хамас изјавија дека по првата фаза нема да ги ослободат преостанатите заложници додека не дојде до траен прекин на огнот и Израел целосно не се повлече од Појасот Газа.
Три жени на возраст меѓу 24 и 31 година
Како што потврди Форумот на семејствата на заложниците во Израел, првите ослободени заложници се Роми Гонен, Дорон Штајнбрехер и Емили Дамари. Хамас со повеќечасовно задоцнување ги соопшти имињата на Израел. Роми Гонен беше киднапирана на музичкиот фестивал Нова во близина на границата со Газа и притоа беше и повредена. Таткото на 24-годишната девојка пред ослободувањето за сајтот Инет рече дека семејството чекало повеќе од 11 илјади часови на овој момент.
Дамари, израелско-британска државјанка, според наводите била киднапирана од нејзиниот дом во Кибуцот Кфар Аза и исламистите од таму ја префрлиле во Појасот Газа на 7 октомври 2023 година. 28-годишната девојка се здобила со повреди на рацете и нозете при киднапирањето пред 15 месеци. И Дорон Штајнбрехер, 31-годишна ветеринарна асистентка, беше заробена за време на нападот од Хамас врз Кфар Аза.
Првично 251 лице во рацете на Хамас
Терористичката група Хамас и со неа поврзани палестински групи при бруталниот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година киднапираа вкупно 251 лице и ги одведоа во Појасот Газа. Досега се ослободени 117 заложници, главно жени, деца и странски работници. Повеќето од нив беа ослободени за време на првиот прекин на огнот во ноември 2023 година.
Израелската армија ги врати во Израел и телата на 40 заложници. Некои од нив починаа или беа убиени во Појасот Газа, други веќе биле убиени во јужен Израел на 7 октомври 2023 година и сепак префрлени во Газа.
Израел смета дека 94 заложници и натаму се во Појасот Газа, од кои 34 се веќе мртви.
Меѓу 60-те заложници кои според проценките на израелската армија може да се меѓу живите, 53 се Израелци, шестмина се од Тајланд и еден е Непалец. Најмалку 22 од Израелците имаат двојно државјанство. Според израелските наводи, 48 од овие 60 заложници се мажи, десет се жени и две се деца. Според Министерството за надворешни работи во Берлин, „низок двоцифрен број“ на заложниците имаат некаква врска со Германија.