Дојче веле навршува 70 години – и е сѐ поважен медиум
10 мај 2023„Црвениот печат за излез во мојот пасош го отвори патот“, наведе дописникот на ДВ Јури Решето во март минатата година. „Надвор од Руската Федерација, одам во ЕУ. Малку пред полноќ ми беше одобрено да ја напуштам руската територија“.
Била студена зимска ноќ кога Решето, шеф на московското студио на Дојче веле, го преминал мостот од рускиот Ивангород во естонскиот град Нарва. Тој беше последниот новинар на ДВ во Русија. Сите заминаа кога Москва ним и на нивниот медиум им ја забрани работата во земјата. Во очите на Кремљ, ДВ се вбројува во „странски агенти“.
„Енормен притисок на слободата на печат“
Дојче веле сега навршува седум децении постоење. Токму примерот со Русија покажува дека новинарите ширум светот се под различни притисоци, меѓу нив и новинарите на ДВ. „Притисокот врз слободата на печат е енормен и затоа нашата задача и натаму е енормно важна“, вели генералниот диретор на ДВ, Петер Лимбург.
Во ДВ постои посебно одделение кое се занимава со безбедноста на патување во итни случаи, а тоа одделение има сѐ повеќе работа. Дури и во Германија се можни неволји, на пример при известување од протести на екстремните десничари.
Но, пред сѐ постои голема загриженост за колегите во земји како Русија и Авганистан, во некои држави од Африка и Латинска Америка. Новинари на ДВ се приведувани и „мистериозно“ напаѓани.
На почетокот на февруари познатиот водител на ДВ, Џафар Абдул Карим со својот тим мораше да откаже снимање во Багдад и брзо да го напушти Ирак по добиените закани. Како што рече, високи ирачки функционери вршеле сѐ поголем притисок.
Така изгледа светот во кој денес известува ДВ. А почна пред 70 години со зборовите: „Почитувани и драги слушатели во далечните земји..."
Тоа во поздравниот говор го рече претседателот на Западна Германија, Теодор Хојс, на 3 мај 1953 година.
Во тие први зборови преку ДВ во етерот, речено е дека задача на новото радио ќе биде на „слушателите во странство да им ја пренесе политичката, економската и културната слика на Германија.“
ДВ, тогаш сместен во Келн, прво на кратки бранови известуваше во странство само на германски, но веќе следната година следеа и првите странски јазици. Од 1992 година постои и телевизија, наскоро потоа и онлајн понуда.
Сѐ повеќе интернет
Кратки бранови веќе одамна нема. „Ни успеа дигитализацијата, имаме јасна стратегија. Ние сме меѓународна медиумска куќа со јасен фокус на корисниците“, вели генералниот директор Лимбург.
Денес ДВ сѐ повеќе полага во интернетот, социјалните мрежи и партнерските медиуми ширум светот. Лимбург го води ДВ веќе речиси десет години и го зајакна меѓународното значење на медиумот.
Понудата на ДВ денес опфаќа 32 јазици, понудата на социјални мрежи е разнолика. ДВ се концентрира на смартфон како уред кој читателите и слушателите најчесто го користат за пристап кон содржините. Некогаш имаше слушатели, денес има главно млади следачи.
Академијата на ДВ освен тоа е водечка германска организација за меѓународен медиумски развој. Од 1965 година има школувано десетици илјади новинари од различни земји.
На 70-годишнината по нешто е слично со периодот на Студената војна од времето на основањето на ДВ. Слободата на медиумите и на говорот е загрозена во многу земји.
„Меѓународното новинарство е пред големи предизвици да остане достапно за луѓето, зашто автократите се трудат да нѐ блокираат или цензурираат.Мислам дека тоа е закана за меѓународното новинарство“, вели Лимбург.
Против антисемитизам и расизам
На крајот на 2021 година се слушнаа обвинувања на сметка на ДВ за антисемитизам. Стануваше збор за објави на социјални мрежи од страна на поединци соработници на редакцијата на арапски јазик, како и за уредувачката политика на некои партнерски медиуми. Се зборуваше и за редакциски грешки во известувањето за Израел.
На обвинувањата, како што вели Лимбург, ДВ реагираше одлучно и наложи проверка на обвинувањата од страна на независна комисија. Со некои соработници соработката не е обновена.
„За такви погледи на свет кај нас нема место. Сепак, независната комисија потврди дека редакциските содржини на ДВ во овој поглед се беспрекорни“, додава директорот.
Лимбург укажува дека ДВ покрена низа задолжителни курсеви и работилници преку кои вработените во ДВ уште еднаш се запознаваат со вредностите кои ДВ треба да ги претставува. Тоа е јасен сигнал против расизам, антисемитизам и дискриминација.
„Луѓето нѐ слушаат, гледаат и читаат“
Во две централи, во Бон и во Берлин, денес работат околу 3.700 луѓе од преку 60 земји. Тоа го чини ДВ неверојатно мултикултурно, повеќе од која било друга институција во земјата.
За својот досегашен мандат Лимбург вели дека буџетот е „значително зголемен“. Сепак, тој ги оправдува неодамна најавените резови кои најмногу ја погодија спортската редакција на ДВ. Зашто, како растат притисоците врз демократијата и медиумите во светот, така растат и предизвиците за ДВ, па и трошоците.
Од почетокот на руската агресија, голем број новинари на ДВ известуваат од Украина. Московското студио пак е преместено во летонскиот град Рига.
„Тука сме, не сме мртви, ни замолчени. Овде можеме да зборуваме што сакаме. Луѓето нѐ слушаат, нѐ гледаат и нѐ читаат“, вели шефот на ова студио, Јури Решето.