ЕУ: еден милион парчиња муниција за Украина годишно
5 мај 2023По месеци со наслови за тоа дека се трошат резервите на Украина во борбите со Русија, ЕУ објави нова иницијатива за да го забрза производството на муниција во следните 12 месеца.
„Европската одбранбена индустрија треба да најде начин како да се префрлиме во модус на воена економија," изјави во Брисел еврокомесарот за внатрешниот пазар, Тиери Бретон кој во изминатите недели ги посети фабриките за муниција. „Зборуваме за проширување на производството, модернизирање, можеби креирање нови производствени линии и фабрики кои може да се адаптираат на актуелните стандарди”, вели тој.
Според планот, компаниите од ЕУ ќе може да профитираат од 500 милиони долари поддршка од европскиот буџет. Сите проекти мора да бидат кофинансирани од држави членки со свој капитал од околу 500 милиони евра, вели Бретон.
„Мислам дека во рок од 12 месеци со поддршка ќе бидеме во состојба да го зголемиме нашиот производствен капацитет на еден милион парчиња артилериска муниција годишно” вели Бретон, без да ја објави добро чуваната тајна за актуелните капацитети на производство.
Висок претставник на европските власти изјави дека се надева оти предлогот ќе биде усвоен во јуни. Двегодишната иницијатива исто така дозволува на други земји членки да алоцираат фондови од коронавирусот и средства за посиромашни региони за одредени инвестиции.
План од три столба
Соопштението од средата е третиот и финален столб во планот договорен меѓу земјите членки на ЕУ во март, секој од нив вреден една милијарда долари.
Првиот користи заеднички фондови за делумно да им надомести на земјите членки за оружје испратено во Киев од државните резерви. Естонија изминатите недели беше предмет на критики за наводно искористување на заедничките средства за да се ослободи од застарените резерви оружје, критика која тамошните власти ја отфрлаат.
Вториот столб е за заеднички набавки на муниција за Украина, но беше пролонгиран заради задсценски политички превирања дали компании надвор од ЕУ може да имаат корист од лукративните договори ако може побрзо да испорачаат отколку нивните европски контрахенти. Амбасадорите на ЕУ ги оставија на страна нивните разлики и постигнале договор во средата, според информации на актуелниот претседавач Шведска, со што се отвори патот за колективни набавки.
ЕУ оди по нови патеки
ЕУ прекрши многу од табуата откако Русија ја отпочна инвазијата во Украина минатата година. Основан како мировен проект откако Европа се опорави од разурнувањата од Втората светска војна, ЕУ вообичаено забранува трошење на заеднички средства за воена опрема за активни конфликтни зони.
Но, избувнувањето на војна на прагот на заедницата и одлуката да се поддржи Киев против Москва доведе до променети размислувања и создавање „вонбуџетско" финансирање за масовна воена помош.
„Мислам дека треба да признаеме оти Комисијата отвора нови патишта," вели за ДВ Камил Гранд, аналитичар од Европскиот совет за меѓународни релации. „ЕУ за прв пат ќе троши европски пари на одбранбената индустрија, но за поддршка на одбраната," вели тој.
Нема брзо решение, предупредуваат експерти
500 милиони евра е значително купче пари, иако останува да се види дали ќе го има посакуваниот ефект толку брзо колку што си посакуваат европските власти.
Зголемување на производството на оружје е долгорочен процес, објаснува Гранд. Муниција се произведува полесно и побрзо одошто авион, но сепак треба време за да се прошират ланците на дистрибуција и да се формира добро обучената работна сила, рече тој.
Во основа, европските производни капацитети не се поставени за сценариото на голема војна, вели аналитичарот. „Поимот ‘воена економија’ може да е малку претеран, но кажува нешто околу тоа колку треба да промениме”.
Истовремено, одбранбената индустрија е воздржана во однос на масовно зголемување на производствените капацитети ако по завршувањето на војната во Украина побарувачката одеднаш падне.
Здружени иницијативи меѓу НАТО и ЕУ „даваат сигнал до индустријата дека вреди да се инвестира во ова”, вели Гранд. „Прво, затоа што делови од инвестицијата ќе бидат покриени од ЕУ, но и затоа што ќе има побарувачка која поверојатно е дека ќе трае со години, а не месеци и недели”.
Фондови протов сиромаштија за „воена економија"?
Не се сите среќни што буџетски пари наменети за опоравување од пандемијата или за намалување на нееднаквоста треба да бидат потенцијално пренаменети за одбранбената индустрија. Мартина Мишелс, член на Европскиот парламент од германската Левица, го критикува тој аспект од планот во пишан стејтмент.
„Структурните фондови на ЕУ се наш стратешки инструмент за долгорочни инвестиции. Целта е да се промовира хармонизација на улсовите за живот и истовремено климатски-неутрални структурни промени”, пишува Мишелс. „Под ниедни околности не треба да се користат тие средства за вооружување. Воена економија ниту социјално, ниту еколошки не е одржливо нешто.”
Бретон потенцира дека земјите членки одлучуваат дали ќе ги зголемат инвестициите користејќи ги средствата на овој начин. На пример фондовите може да се користат за бекап на фабрика за муниција која во изминатите години го намалила капацитетот, вели тој.
„Брзо ќе дејствуваме со финансирањето и ќе овозможиме секторот да се прошири”, рече Бретон.