Европа ја очекува „жешка“ иднина, предупредуваат ОН
2 ноември 2022Во регионот на Европа температурите се зголемувале за 0,5 степени Целзиусови секоја деценија од 1991 година, откриваат Светската метеоролошка организација (СМО) и Сервисот за климатски промени Коперник на ЕУ во заеднички извештај. Како резултат на загревањето, глечерите на Алпите загубиле 30 метри во дебелината на мразот меѓу 1997 и 2021 година, додека ледената обвивка на Гренланд забрзано се топи и доведува до забрзан раст на нивото на морињата. Минатата година, за првпат во историјата, на врвот на Гренланд врнеше дожд и беше забелажано топење.
Извештајот предупредува дека без оглед на идното ниво на глобалното затоплување, температурите во Европа веројатно ќе продолжат да растат на ниво кое ќе ги надминува температурните промени на глобално ниво.
„Европа претставува жива слика на светот кој се загрева и не потсетува дека дури и добро подготвените општества не се безбедни од влијанието на екстремните временски случувања“, вели во изјава, првиот човек на СМО, Петери Талас.
СМО го дели светот во шест региони, а европскиот регион покрива 50 држави и вклучува половина од Арктикот, кој не се смета за континент.
Стотици жртви и 50 милијарди долари штета
Новиот извештај, кој е објавен во пресрет на конференцијата за климата на ОН во Египет која започнува во недела, ја истражува состојбата во Европа заклучно со 2021 година. Во него се открива дека климатските настани и временски промени, воглавно поплави и бури, довеле до стотици жртви, директно засегнале половина милион луѓе и предизвикале економска штета од над 50 милијарди долари.
Истовремено, извештајот издвојува и позитивни промени, како успехот на повеќе европски држави во намалувањето на емисиите на штетни гасови. На ниво на ЕУ, тие емисии се намалиле за една третина меѓу 1990 и 2020, а Унијата си постави цел тие да се намалат за 55 проценти до 2030 година.
Сепак, се предупредува дека во иднина, без оглед на намалувањето на емисиите на штетни гасови „фреквенцијата и интензитетот на жешките екстремни периоди ќе продолжи да се зголемува“. Извештајот предупредува дека тоа е загрижувачко затоа што најсмртоносните екстремни климатски настани во Европа се жешките бранови, особено на западот и на југот на континентот.
„Комбинацијата од климатски промени, урбанизација и стареење на населението во регионот создава, и дополнително ќе ја зголеми, ранливоста на жештина“, се наведува во извештајот. Промената на климата предизвикува и други здравствени проблеми. Веќе се менува продукцијата и дистрибуцијата на полен и спори, кои доведуваат до зголемување на разни алергии. Иако околу 24 проценти од возрасните кои живеат во европскиот регион веќе страдаат од такви алергии, вклучително и тешка астма, соодносот кај децата е 30 до 40 проценти и расте, наведува извештајот.