1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа гори: Четири причини зошто тоа се случува

Стјуарт Браун
7 август 2021

Иако не мина ни половина од летото, територијата изгорена од пожарите кои горат низ Балканот, Италија и југоисточниот Медитеран веќе го надмина годишниот просек. Кои се причините?

https://p.dw.com/p/3ydSC
Türkei verheerende Waldbrände
Фотографија: YASIN AKGUL/AFP

Пожарите кои горат низ јужна Европа последниот месец- без оглед дали се предизвикани природно, од молњи или од пиромани- се резултат на сушата и екстремните жештини. Научниците немаат дилема дека климатските промени се клучниот двигател на новата сезона екстремни пожари. Притоа, тие велат дека подготовките и адаптацијата на новите климатски услови во земјите подложни на пожари се неадекватни.
Ќе се обидеме да објасниме зошто медитеранските и балканските земји се толку подложни на пожари и какви ќе бидат последиците за светот кој се повеќе се загрева. 

Зошто медитеранскиот регион е подложен на пожари?

Летните пожари се природен и честопати неопходен дел од животот на медитеранските шуми. Во децениите пред 2016, околу 48 илјади шумски пожари гореа 457.000 хектари годишно во петте медитерански земји: Шпанија, Франција, Португалија, Грција и Италија. Според научниците, пожарите можат да донесат обнова и да го зголемат биодиверзитетот во овие региони.
И навистина, луѓето научија подобро да се справуваат со сезонските пожари во жешките и суви региони на јужна Европа, со пософистицирани стратегии за превенција, што пак доведе до пад на бројот на пожари од 1980 година.
Но се позачестено во изминатите години, пожарите ескалираа далеку над нивната вообичаена големина и интензитет. 
Страотните пожари во 2017 и 2018 година однесоа стотици човечки животи во регионот од Турција до Шпанија, но беа погодени и земји од централна и северна Европа, како Шведска. 
Таквите пожари без преседан се секако поврзани со екстремните суши и топлотни бранови. 

Што ги активира пожарите? 

Изминатиот месец јули беше вториот најтопол во историјата на Европа (и третиот најтопол глобално). Екстремната жештина беше фокусирана на јужниот дел на континентот, а температурите во Грција измината недела достигнаа и 47 степени Целзиусови. 
Грција и Турција се среде топлотен бран кој се смета за најлош во последните 30 години, и веднаш разбуди спомени на кошмарната 1987 година кога во пожарите загинаа над 1.500 луѓе само во Грција. Во Турција, во само една недела имаше повеќе од 200 пожари поради кои локалните жители и туристите во некои места мораа да бараат спас во морето.
Оттука, иако потпалувањето и природните причини се еднакво виновни за пожарите, екстремното време го зголеми интензитетот и е вистинскиот виновник за уништувањето во многу региони. Тоа е причината што годинава гори 55% поголема површина во Европа од просекот во последните 12 години.
Проблемот го дополнува и застарениот шумски менаџмент, а понекогаш дури и преголемата заштита на природните шуми, на пример, преку спречување на пожари. 

-повеќе на темата: Грција, Турција, Италија– пожари и топлотен бран од историски размери 

Па така, на 1 август голем пожар ја зафати Пинета Данунциана, урбана борова шума во италијанскиот град Пескара. Поради тоа што шумата е заштитен природен резерват, таму не се стопанисува шумата со редовно чистење на подрастоците или со контролирано палење. „Подрастоците гореа многу брзо“, изјави градоначалникот на Пескара, Карло Маски. 
„Во повеќето медитерански региони, политиките на шумското стопанисување се премногу фокусирани на сузбивање и не се адаптирани на тековните глобални промени“, се наведува во студијата „Разбирање на промените во пожарите во јужна Европа“. 

Infografik Waldbrände in der EU Vergleich 2021 mit Durchschnitt 2008-2020 EN
Површина изгорена во пожари во членките на ЕУ

Каква врска има климата со тоа?

Иако изгорената територија во медитеранскиот регион малку се намали во последните 40 години, тоа најмногу се должи на поефективната контрола, според Европската агенција за животна средина (ЕЕА).
Глобалното затоплување ја зголемува фреквенцијата и сериозноста на условите за пожар низ целиот свет- како што можевме да видиме од пожарите во Австралија и Калифорнија последниве години. И неизбежно, климатските промени го зголемија ризикот од шумски пожари низ цела Европа, вклучително и во централниот и северниот дел кои вообичаено не беа подложни.
Актуелните рекордни суши и топлотни бранови се слични на настаните од 2018 година кога „повеќе земји страдаа од големи пожари од било кога“, според ЕЕА.

Karte Waldbränder Süd- und Osteuropa EN
Подрачја со активни пожари во Европа. 5 август 2021

Какви се последиците за климата?

Глобално, шумските пожари се одговорни за голем дел од емисиите на стакленички гасови, како и за меѓу 5 и 8% од околу 3,3 милиони предвремени смртни случаи како резултат на загаден воздух. Но, емисиите на јаглерод од шумски пожари опаѓаат последниве децении. Тоа се должи на подобрената превенција од пожари. Но проблемот кој останува е интензитетот и тежината на пожарите, што има далеку посилен негативен ефект врз ограничувањето на емисиите на јаглерод затоа што шумите горат толку многу што не можат да се регенерираат.
Во 2017 година, емисиите на јаглерод диоксид од екстремните пожари низ југозападна Европа (Шпанија, Франција и Италија) беа највисоки од 2003 година, достигнувајќи 37 тераграми CO2. Поконкретно, овие пожари предизвикаа исто ниво на загадувачки емисии како цела западна Европа.
А доколку пожарите уништат дополнителни шумска територија во 2021, дополнителната загуба на прочистувачи на јаглерод диоксид ќе биде уште попогубно за климата.