1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денес гори Австралија, утре светот!

Тим Шауенберг
9 јануари 2020

Шумските пожари горат во Австралија со месеци. Но ризикот од големи шумски пожари е зголемен насекаде. Арктикот и Сибир веќе беа погодени. Експертите ја објаснуваат поврзаноста на климатските промени со пожарите.

https://p.dw.com/p/3Vvo3
Buschbrände in Australien Satellitenaufnahme bei Nacht
Фотографија: NASA/J. Stevens

По повеќемесечна екстремна топлина и суша во Австралија, пожарите беа неизбежни. Австралија се соочува со големи пожари секоја година, но оваа, тие се особено екстремни, а летото во јужната хемисфера тукушто започна.
Осум милиони хектари се уништени од пожарите досега. Најмалку 25 луѓе и милиони животни се убиени. Цели региони останаа без струја, а облак од чад прекрива половина од континентот.
Но Австралија не е единствената земја која гори. Во 2019, онлајн платформата Global Forest Watch Fires (ГФВФ) изброја преку 4,5 милиони пожари ширум светот кои биле поголеми од еден квадратен километар. Тоа се 400 илјади пожари повеќе одошто во 2018.
„Бројот на пожари и нивната големина варира од година во година, но големиот тренд е дека ризикот од пожар се зголемува глобално“, вели за ДВ Сузане Винтер, менаџер за шумски пожари во Светскиот фонд за природа (WWF).
Причините поради кои започнуваат пожари и се одржуваат се комплексни. Но експертите сега посочуваат кон врска меѓу зголемениот ризик од пожари и повисоките температури на океаните како резултат на климатските промени.

Топлите мориња како акцелератори на пожари

Температурата на Земјата од 19 век досега е зголемена за 1 степен Целзиусов, додека на морињата е зголемена за 0,8 степени. Колку се потопли океаните, толку помалку енергија и јаглерод диоксид се во состојба да апсорбираат од атмосферата.
„Океанот е како клима уред на планетата“, објаснува Карен Вилшајр, потпретседател на Институтот Алфред Вегенер за поморски и поларни истражувања.
Последиците од тоа можат да бидат катастрофални. Доколку морињата продолжат да се загреваат, тоа ќе има огромно влијание врз климата: од екстремни температури, бури и суши до доцни дождовни сезони кои ќе ги нарушат екосистемите.
Кога силните ветрови ќе задуваат низ топлите и суви подрачја како Австралија, ризикот од шумски пожари драстично се зголемува. Но ризикот расте и во регионот каде некогаш температурите беа ниски.

Дури и Арктикот гори

Освен големите пожари кои гореа во Европа и во Калифорнија, во 2019 се случија големи пожари и во Арктикот. „Пожари какви што не сме виделе никогаш порано“, вели Клер Нулис од Светската метеоролошка организација (СМО). Во Алјаска беа забележани рекордни температури кои достигнуваа до 32 степени Целзиусови. Според СМО, шумите во северната хемисфера ќе горат како никогаш во последните 10 илјади години.
Во Алберта, во северна Канада, стотици пожари гореа со месеци на преку 800,000 хектари земјиште летото 2019. Околу 9 милиони хектари шуми изгореа во Сибир минатата година- регионот поголем од целата територија на Португалија, проценуваат руските власти. Отровниот воздух потоа ги задушуваше околните села и градови.
Во суштина пожарите се природен процес на регенерација и обнова на екосистемите. Но, 96% од светските пожари се или намерно подметнати или ненамерно предизвикани од луѓето. Само 4% од пожарите започнуваат природно, на пример како резултат на молњи.
Податоците на Global Forest Watch Fires покажуваат дека бројни пожари горат низ Африка, од Јужен Судан до Западна Африка. Експертите велат дека големата густина на населението доведува до интензивно користење на природните ресурси, поради што екосистемите имаат се помалку време да се обноват. Со нив и пожарите стануваат се почести.
„Главната причина за тоа е користењето на различни култури. Земјоделците ги чистат полињата со оган за брзо да се ослободат од вегетацијата и да го направат земјиштето повторно плодно“, вели Сузане Винтер. Дел од тие пожари можат да излезат од контрола што води кон поголеми пожари. 
Во Јужна Америка минатата година имаше повеќе пожари одошто во целиот период од 2010 година досега. Големи шумски предели беа уништени за земјоделски потреби во 2019. „Ова не беа природни причини“, вели Клер Нулис од Светската метеоролошка организација.
„Шумските пожари во Бразил се политички мотивирани, и не можат да се споредуваат со оние во Африка“, додава Винтер.
Меѓу јануари и ноември 2019 беше уништена за 80 проценти повеќе шума во споредба со претходната година. Пред 30 години, Амазонија беше толку влажна што вакви пожари немаше да бидат можни, вели Винтер. Но, регионот е се посув поради сечата на шумите.

Waldbrände in Sibirien im Juli 2019
Пожарите во Сибир видени од вселенатаФотографија: NASA/J. Stevens
Infografik Brände weltweit ENBrandweltweitWaldbrandFeuer
Бројот на пожарите од 2001 година досега е драстично зголемен

Климатските промени и циклусот на огнови

Уништувањето на шумите, климатските промени и ризикот од шумски пожари се директно поврзани.
„Се работи за повратен ефект. Засиленото уништување на шумите значи зголемување на климатските промени, кои пак ги зголемуваат шансите за изумирање на вегетацијата, што пак го зголемува ризикот од пожари, итн.“, вели Винтер.
Пожарите пак го зголемуваат нивото на отровни гасови во атмосферата. Според Гринпис, околу 8 милијарди тони јаглерод диоксид се испуштаат во атмосферата од пожари секоја година. Тоа е околу половина од емисиите предизвикани од користење јаглен низ светот.
Шумските пожари во Австралија веќе испуштија количество на CO2 во атмосферата кој целиот континент го емитува во текот на една цела година. А облаците од чад сега се шират низ Пацификот кон Аргентина и Чиле.

Забелешка на редакцијата: Во првичната верзија на текстот се велеше дека во 2019 година имало два и пол пати повеќе пожари отколку во 2001 година. Таквата констатација мора да ја коригираме. Ниските бројки во 2001 година се резултат на тоа што во тоа време се собираа податоци само преку Тера-сателитите на НАСА. Од 2002 година податоците се дополнети од Аква-сателитот, со што бројот на регистрирани пожари во светот значително се зголеми. Ве молиме за извинување.