Европол растури кокаински „суперкартел“
28 ноември 2022Во координирани рации извршени во повеќе европски земји, како и во Обединетите Арапски Емирати, приведени се вкупно 49 осомничени, соопшти европската полициска служба Европол денеска во Ден Хаг.
Меѓу приведените се наоѓаат и шест лица идентификувани како крупни нарко босови, сите лишени од слобода во Дубаи.
Во акциите спроведени во ноември годинава и делумно во изминатата година учествувале полициски служби од Шпанија, Франција, Белгија, Холандија, Обединетите Арапски Емирати и САД. Рациите биле насочени како против командна централа, така и против логистичката инфраструктура на трговијата со дрога во Европа.
Приведените биле организирани во картел, под чија контрола се наоѓала речиси една третина од трговијата со кокаин во Европа и кој вршел перење пари од голем обем. Размерот на шверцот на кокаин кон Европа, којшто бил под контрола на овој картел, се оценува за огромен: според Европол, во текот на истрагата биле запленети преку 30 тони дроги.