Бесими за ДВ: Инфлацијата во 2023 - околу 9%
2 јануари 2024Во финишот на мандатот власта влегува амбициозно и растрошно. Буџетот за 2024 тежи 5,5 милијарди евра и носи повеќе пари за плати, пензии, капитални инвестиции. Министерот за финансии Фатмир Бесими во разговор за Дојче веле уверува дека државната каса не била скроена предизборно. Бесими е уверен дека инфлацијата ќе продолжи да се намалува и во 2024. Очекува консензус и од опозицијата за поедноставувањето на постапката за вработување во јавниот сектор.
ДВ: Господине Бесими, инфлацијата забавува, но последните податоци зборуваат дека таа е сѐ уште на релативно високо ниво ако правиме споредба со т.н. историски просек. Од денешен аспект, може ли да се каже дека политиките и мерките што ги презема Владата на РСМ ги даваат посакуваните ефекти или сепак можеше и подобро?
Фатмир Бесими: Политиките кои ги презема Владата даваат резултати, а тоа се огледа и во остриот континуиран пад на инфлацијата од минатата година наваму, односно од октомври минатата година, кога инфлацијата регистрираше годишен раст од 19,8% во октомври 2022. Согласно последните податоци на Државниот завод за статистика, во ноември годишната стапка на инфлација изнесува 3,1%, што е шесткратно намалување од пред една година. Дополнително, разликата која претходно постоеше помеѓу стапката на инфлацијата во ЕУ и кај нас, поради структурните карактеристики на двете економии и поголемото учество на храната и енергентите во потрошувачката кај нас, сега е надмината.
Владата од почетокот на енергетската криза и растот на цените на прехранбените производи донесе вкупно три пакети антикризни мерки (од вкупно девет пакети антикризни мерки донесени од почетокот на пандемијата наваму). На почетокот, мерките беа насочени на спречување на преносниот ефект од увезената инфлација преку храната и енергентите, додека понатамошните пакети на мерки беа насочени кон поддршка на граѓаните, пред сѐ на ранливите категории, како и на фирмите, за ублажување на ефектите од инфлацијата. Исто така, неколкупати беа донесени и административни мерки за замрзнување на цените на основните прехранбени производи, што дополнително влијаеше на справување со растот на цените и стабилизирање на инфлацијата.
Нашите очекувања се дека 2023 ќе ја завршиме со просечна годишна стапка на инфлацијата од околу 9%, што е значително помалку во однос на минатата година, во 2024 таа да биде на ниво од околу 3%, додека од 2025 година да се сведе на историските стапки од околу 2%.
Народната банка предупреди дека ризиците во делот на цените и инфлацијата и натаму постојат, делумно поради неизвесноста од движењето на цените на светските берзи, но и од одредени домашни фактори. Треба ли да стравуваме од нови ценовни удари и кои се тие домашни фактори кои влијаат на ова?
Изминатите години беа добар показател дека единствено нешто што е извесно е неизвесноста. Така, кога светот го надмина првиот шок од пандемијата и економијата почна повторно да се отвора, се појавија нарушувањата во трговските синџири, неусогласеноста на понудата и побарувачката, што резултираше со раст на цените на енергентите и останатите основни производи. Ефектите понатаму беа мултиплицирани со почетокот на војната во Украина, конфликтот на Блискиот Исток, а ризици лежат и во геофрагментацијата и нејзиното влијание врз глобалната трговија. Затоа финансиските институции со право се внимателни во нивните прогнози за понатаму.
Сепак, тоа се ризици, додека кога зборуваме за состојбите факт е дека цените на храната и енергентите на светските берзи се стабилизирани, па и се намалуваат. Дел од поголемите централни банки го запреа растот на каматните стапки, додека некои од нив веќе и почнаа да ги намалуваат каматните стапки. Поволните трендови се видливи и во еврозоната и ЕУ, каде се намалуваат стапките на инфлација, додека според последните податоци некои од земјите од ЕУ веќе забележуваат и дефлација на годишно ниво во ноември. Очекувањата на Европската централна банка за еврозоната и ЕУ се слични како и нашите, а тоа е дека стапката на инфлација и догодина ќе се намалува, додека целната инфлација од 2% очекуваат да се постигне во 2025 година.
Во финишот на мандатот, Владата донесе пакет мерки за поддршка на граѓаните. Тој тежи 662 милиони евра, но реално околу една четвртина од него завршува како директна помош за граѓаните. Купува ли Владата со ова социјален мир до изборите, или сепак може да се очекува дека овие пари ќе обезбедат подолгорочна стабилност?
Деветтиот пакет антикризни мерки што го донесе Владата беше најавен со Буџетот за 2023 година во кој беа предвидени 225 милиони евра за справување со кризата и тој претставува продолжување на континуираната поддршка што Владата ја дава на граѓаните и економијата во изминатите кризни години. Оттука тој е продолжение на владината поддршка и е насочен кон поддршка на економскиот развој и ранливите категории граѓани. Ќе опфати студенти, ученици од семејства во ризик, пензионери со пониски пензии, земјоделци, како и ликвидносна поддршка на компаниите. Тоа е пакет за обезбедување социјална и економска одржливост преку поддршка на 120.000 млади лица, околу 74.000 социјално ранливи категории граѓани, околу 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, 540.000 корисници на апликацијата Мој ДДВ, 600.000 домаќинства, како и 70.000 компании. Ако се надополни и со системските мерки, што се дел од овој пакет, станува збор за поддршка на 338.000 пензионери и 106.000 вработени во јавниот сектор.
Целта на антикризните мерки не е обезбедување на долгорочна стабилност, тие се времени мерки кои треба да обезбедат поддршка за надминување на кризата. Кон долгорочната макроекономска стабилност се делува преку структурни мерки и реформи, како што се на пример спроведувањето на планот за фискална консолидација, промената на структурата на буџетот со поголем удел на капитални расходи, диверизификацијата на портфолиото на јавниот долг за поголема одржливост ит..н.
Освен за граѓаните, останатиот, поголем дел од пакетот, се поволни кредити и средства кои ќе се ставаат на располагање за стопанството. Стопанствениците се налутија бидејќи очекуваа дека и за нив, како за граѓаните, ќе има одредена неповратна стимулација или помош. Зошто таа изостана?
Во деветтиот пакет антикризни мерки издвоена е позначителна поддршка за компаниите. Мерките за поддршка на стопанството изнесуваат 30.249.000.000 денари, од кои 649.000.000 денари се со директни фискални импликации, додека вонбуџетските импликации изнесуваат 29.600.000.000 денари. Станува збор за значителен износ на обезбедени средства кои компаниите ќе ги добијат по поповолни услови отколку што се тоа моментално на пазарот, односно пониски камати за да ги реализираат своите инвестиции за развој. Исто така со една од мерките се ослободуваат компаниите од плаќање на придонеси за зголемување на платите на постојните вработени.
Секој буџет, па и овој за 2024 година, има предзнак историски во делот на капиталните инвестиции, во смисла дека се предвидуваат најмногу пари за капитални проекти. Така е и овојпат. Но дали е реално да се очекува или да се надеваме дека во година на двојни избори планираното навистина и ќе се реализира?
Буџетот за 2024 година обезбедува услови за одржлив економски раст, продолжување на фискалната консолидација и зацврстување на фискалната одржливост, поддршка на стандардот на граѓаните и на ранливите категории граѓани и на стопанство, како и интензивирање на конвергенцијата на земјата кон ЕУ.
Она што е важно што го правиме во последните неколку години е што се менува структурата во Буџетот, односно се планираат високи износи на капитални расходи, нивното учество во БДП се зголемува од 3,3% на 4,6% од БДП и што е уште поважно тие се повисоки од буџетскиот дефицит, што значи задолжување само за инвестиции и развој. Во Буџетот за 2024 година капиталните расходи се на ниво од 41,2 милијарди денари или двојно повисоко од пред две години, со кои ќе се реализира значителен инвестициски циклус во патната, железничката инфраструктура, енергетиката, образованието, здравство и слично. Проектите се веќе отпочнати, обезбедени се финансиски средства и во тек е нивната реализација .
Дополнително, покрај тоа што во последните неколку години има повисоки износи на капитални расходи и нивната реализација е повисока во однос на просекот од претходно и таа во изминатите години достигнува над 80% од планираното. Имаме воведено повеќе механизми за подобрување на реализацијата на капиталните расходи. Така од почетокот на оваа година капиталните расходи се реализирани во износ од над 42 милијарди денари, што претставува реализација над 93%, а ако споредиме со минатата година, реализирани се за скоро 12 милијарди денари повеќе средства за капитални инвестиции, инвестиции во развој, што се на ниво повеќе од 140% во споредба со минатата година.
На што го темелите оптимизмот? Искуствата од минатите години покажуваат дека добар дел од проектите остануваат нереализирани, а парите се пренаменуваат за други, понепродуктивни цели?
Како што напоменав, во оваа година досега имаме реализација на капитални расходи над 42 милијарди денари, што претставува реализација од над 93% од планот. Ќе посочам и дека во Собранието во текот на последниот месец беа усвоени законски решенија, а потоа беше реализирано и потпишување договори со повеќе финансиски институции со кои се обезбедија 700 милиони евра за реализација на развојни проекти и реформи. Меѓу нив се 560 милиони со кои се заокружи финансирањето на последниот дел од проектот за изградба на железничката пруга кон Бугарија, како и 7,5 милиони евра обезбедени за заеднички железнички граничен премин на Табановце. Дополнително и со прераспределба на средства во Буџетот за 2023 година, која исто така беше усвоена во Собранието, прераспределивме средства за капитални проекти. Осумстотини милиони денари за државна помош на компании и инфраструктурно уредување на зоните од кои 400 милиони денари за домашни компании, 100 милиони за компании во ТИРЗ и 300 милиони денари за инфраструктурно уредување на зоните, дополнителни 200 милиони денари за земјоделски субвенции, 170 милиони денари за капитални објекти во областа на културата, 150 милиони денари за Пречистителната станица во Скопје, 150 милиони денари за реконструкција на владини институции, 120 милиони денари за изградба на социјални станови, 80 милиони денари за изградба на локални патишта, како и алоцирани се финансиски средства од околу 2 милијарди денари како капитални дотации до ЕЛС за реализација на конкретни проекти во општините.
Критиките во делот на буџетот се дека планираното е тешко остварливо, пред сѐ во делот на обезбедувањето на приходната страна, што е клучна за да се оствари и проектираниот дефицит. Скроивте ли реален, или преамбициозен план за трошење во 2024?
Кога би го опишувале со два збора буџетот тоа се развој и одржливост, односно Буџетот во 2024 година едновремено го поддржува развојот и обезбедува фискална одржливост. Развоен е поради тоа што продолжуваат инвестициите во инфраструктурата, зелената и дигиталната транзиција, а одржлив бидејќи и покрај многуте предизвици, продолжуваме со фискалната консолидација, односно намалување на буџетскиот дефицит кој е проектиран на 3,4% и е скоро една третина понизок во однос на оваа година. Буџетот 2024 и ревидираната Фискална стратегија 2024-2028 се во согласност со фискалните правила, односно дефицитот на општа власт за соодветната година, не смее да надмине ниво од 3% од номиналниот бруто домашен производ (БДП) и вкупниот долг на општа власт не смее да надмине ниво од 60% од номиналниот БДП, а гарантираниот јавен долг не смее да надмине 15% од БДП. Истовремено отстапувањето од утврдените фискални правила е само во исклучителни околности, односно за 2024 година отстапувањето од фискалното правило од 0,4% е резултат на антикризните мерки од 9-от пакет на мерки.
Приходите во буџетот се планирани на ниво од 178,1 милијарда денари, што е за околу 10% над износот на приходите планирани за 2023 година и тоа се темели на даночната реформа, подобрена наплата на даночните приходи како резултат на спроведување на мерките за намалување на неформалната економија, засилена даночна контрола и поедноставување и дигитализација на даночните постапки, и понатамошна реализација на целите и приоритетите на Стратегијата за реформи на даночниот систем 2021-2027.
Ќе бидеме ли можеби сведоци на потреба од брз ребаланс? Опозицијата веќе предупреди дека вака скроен, тоа ќе биде неминовно да се случи по изборите?
Буџетот за наредната година е прв буџет кој е подготвен и се носи согласно новиот Закон за буџети, кој поставува фискални правила и се заснова на среднорочни перспективи. Приходите се темелат на реална основа, а расходите врз основа на индикатори на успешност, вредност за парите. Односно парите на граѓаните собрани во буџетот преку јавните давачки да се потрошат таму каде ќе дадат најдобри резултати. Покрај даночните приходи планирани за наредната година, во оваа година се обезбедени и средства потребни за покривање на буџетскиот дефицит и за отплата на обврски кон странство и дома. Исто така, во контекст на постоењето на неизвесноста, обезбеден е бафер од 60 милиони евра за да се реагира во непредвидени состојби.
Со измени на Законот за Буџет кои стапуваат во сила на почетокот на годината и тоа во време на предизборие на лицата кои треба да се вработат во министерствата, јавни претпријатија, акционерски друштва во државна сопственост, јавно-приватни субјекти ќе можат да вработуваат без да добијат согласност од Министерството за финансии. Која е целта на оваа законска измена и зошто токму сега се прави?
Министерството за финансии започна реформа во јавните финансии од пред неколку години со цел унапредување и поголема ефикасност на системот за управување со јавните финансии. Како дел од оваа реформа е и системското решение со кое се поедноставува и децентрализира постапката за вработување во јавниот сектор, а која се очекува да почне со примена од 2024 година. На почетокот на годината треба да се заокружи целата постапка околу усвојување на законските решенија во кои се предвидени овие измени и кои значат имплементација на оваа важна системска реформа за вработените во јавниот сектор. За ова прашање очекуваме консензус со сите парламентарни партии и со опозициските и подготвени сме да разговараме.
Целта на оваа системска промена во процедурата на вработување во јавниот сектор е нејзино поедноставување, децентрализирање на ниво на раководство во институцијата каде се реализира вработувањето и лоцирање на одговорност во менаџментот на институцијата. Воспоставен е механизам со кој точно е дефинирано како ќе се спроведува постапката, односно, таа ќе се врши врз основа на одобрен Годишен план за вработување во буџетскиот корисник или институцијата, кој ќе се носи откако ќе биде усвоен Буџетот за наредната година и врз основа на обезбедени средства за вработување. Одговорноста на раководството е дополнета со изјава која ќе ја потпише раководното лице на институцијата под морална и кривична одговорност дека за тоа вработување за кое се објавува огласот е согласно Годишниот планот и има обезбедено финансиски средства во буџетот на институцијата. Министерството за финансии од следната година нема да има обврска да издава известување за обезбедени финансиски средства, туку раководителот на јавниот субјект самостојно ќе ја спроведува постапката согласно обезбедените финансиски средства и претходно одобрениот Годишен план за вработување. Раководителите на јавните субјекти располагаат со одобрените буџети, одговорни се за нивното извршување согласно законските прописи, не смеат да преземаат обврски над износот на одобрените средства, а можат да вработуваат нови работници (на неопределено, определено време, како и привремени вработувања), само под услов, ако за тоа се обезбедени средства во Буџетот/Финансискиот план за тековната фискална година.
Во јавноста има доста реакции, дека со овој потег всушност Владата дава своевиден „пас“ за да се реализираат бројни предизборни вработувања. Гледаме дека веќе има огласи за стотици вработувања во државни институции и претпријатија. Зошто токму сега?
Во Буџетот за 2024 година, кој е усвоен во Собранието, проектирани се средства за плати за 10% повеќе во однос на 2023 година за исплата на плати за постојните вработени во јавниот сектор согласно Општиот колективен договор. Како што е познато со овој договор постигнат заедно со синдикатите сите вработени во јавниот сектор добија повисоки плати за 10% од септември 2023 година и за таа обврска согласно Договорот се обезбедени средства во Буџетот за 2024 година. Целта на ова воведено решение кое ќе обезбеди постојан раст на платите, е и да изградиме администрација која ќе пружи квалитетни услуги за граѓаните и компаниите. Тоа е една сеопфатна реформа што се спроведува во администрацијата. Како дел од таа реформа и со цел зајакнување на капацитетите на администрацијата, се ангажираат на неопределено време наместо на определено време на транспарентен начин преку јавен оглас и за тоа не се потребни дополнителни средства. Значи не се оптоварува Буџетот, не се потребни дополнителни средства, се прави во рамки на реформата што ја имплементираме и најважно е дека процесот е транспарентен.
Имено и со мерките коишто ги донесовме за фискална одржливост, согласно Планот за фискална одржливост, институциите не смеат да вработуваат освен ако не се пополнува испразнето работно место поради пензионирање или друг вид одлив на кадри. Секако со спроведување на секоја реформа треба да имаме предвид и наша цел е да имаме ефикасна јавна администрација која ќе биде поотпорна и ќе биде поддршка на приватниот сектор во јакнењето на неговата конкурентност.
Велите дека ќе има и одговорност за злоупотребите. Дали само тоа е гаранција дека нема да има злоупотреби? Сведоци сме како функционира системот. Како тоа сѐ ќе се контролира и санкционира?
Контролниот механизам е во Планот за вработување и потпишаната изјава на раководството. Планот за вработување се подготвува од страна на институцијата откако ќе биде усвоен Буџетот за наредната година, односно врз основа на обезбедените средства во буџетот за таа намена.
Планот е составен дел од документацијата што институцијата ја приложува при објавување на огласот. Доколку работното место за кое се објавува огласот не е предвидено во Планот, тогаш јавниот оглас не може да биде објавен од страна на Агенцијата за вработување или од Агенцијата за административни службеници. Дополнително, она што ја зајакнува одговорноста, е што раководното лице при објавување на огласот во овие институции, потпишува изјава под морална и кривична одговорност дека за објавеното работно место се обезбедени средства во буџетот на буџетскиот корисник или институцијата.
Нели требаше да ја реформираме администрацијата, таа да стане помалубројна и поефикасна? Вака со овие промени таа само ќе се зголеми уште повеќе. Како тогаш ќе се постигне она што е константна заложба во делот на администрацијата, или тоа сепак ќе биде задача на некоја друга Влада?
Напротив, со новата постапка, иако е поедноставена, контролата е зајакната. Останува контролата од страна на надлежните од централната власт, додека се јакне контролата и од самите раководители на институциите. Како што нагласив и погоре, бројот на вработени во администрацијата од година во година се намалува. Така податоците покажуваат дека од 87.028 вработени во буџетските корисници и единките корисници на централно и локално ниво во 2021 година, бројот на вработени во 2023 година изнесува 84.216. Што значи имаме еден тренд на намалување на бројот на вработени, но, како што и претходно реков, исклучително е важно да се јакне квалитетот на јавните услуги.
Во делот на приходите во 2023, собравте солидна сума од солидарниот данок, со што создадовте огромен револт кај фирмите. Работата е стигната до Уставен суд. Може ли да се случи да треба државата да ги враќа парите на дел од компаниите, кои отворено зборуваат дека ќе ги искористат сите правни механизми за такво нешто?
Пред сѐ би сакал да истакнам дека изминатиот период голем број на држави во ЕУ донесоа различни форми на солидарен данок. Кај многу од нив и опфатот и стапките беа многу поригорозни од кај нас, додека целта кај сите беше еднаква - оние компании кои имаат остварено екстра профит како резултат на кризата, да вратат дел од тие средства во општеството и со нив да се поддржат оние кои се погодени од кризата. Тоа беше и случајот со солидарниот данок кај нас.
Данокот на солидарност беше утврден како еднократна давачка за 2023 година, односно истиот се однесуваше само за една година и не е дел од редовниот даночен систем на земјата. Притоа, со Законот за данокот за солидарност беше прецизно уредено дека средствата што ќе бидат прибрани по овој основ ќе бидат користени исклучиво за финансирање на антикризните мерки. Инаку, веќе е завршен рокот за пријава и плаќање на оваа давачка и можеме да известиме дека речиси сите даночни обврзници, постапиле согласно законските прописи и ја имаат подмирено својата обврска по овој основ кон државата.
Зошто во делот на приходите нема поагресивна кампања или акција за сузбивање на сивата економија? Лани најавивте дека 2023-та ќе биде во знакот на битката против сивата економија. Но дали можеме да зборуваме за успех на овој план, ако се знаат податоците кои неофицијално и натаму зборуваат дека сивата зона изнесува 30, па дури и 40%? Каде е проблемот и зошто тој не се решава ефикасно?
Одговорот во справување со неформалната економија го гледаме во системско решение на кое Владата и Министерството за финансии работеше во изминатиот период и веќе се преземаат конкретни чекори во сузбивање на оваа појава во државата од која, пак, губат сите - и граѓаните и економијата и државата, односно буџетот. Воспоставен е еден систем со дефинирани мерки и активности кои се преточени во Акциски план чие спроведување е мониторирано и координирано од страна на меѓуресорско тело, односно Национален совет за формализација на неформалната економија. Значи, станува збор за воспоставување сеопфатен и конзистентен систем за ефикасно намалување на неформалната економија, кој подразбира зајакнување на институционалните капацитети, зајакнување на координацијата помеѓу институциите, интероперабилност помеѓу институциите, унапредување на законската регулатива и дефинирање индикатори за мерење на резултатите.
Мерките и активностите се поделени во две групи – стимулативни и контролни, а не помалку важно е дека ќе се работи и на зајакнување на јавната свест за негативните последици од неформалната економија, како и за препознавање на придобивките од преминување од неформалниот во формалниот сектор на економијата и со тоа подигнување на даночниот морал. Во овој систем се вклучени повеќе институции, кои, согласно своите надлежности, имаат удел во сузбивање на неформалната економија.
Навлековте доста револт со функционерските плати кои се зголемија за 78%. Ветивте решение со кое ова треба да се коригира, но некако тешко оди откажувањето односно никако да се донесат законските измени со кои платите ќе се регулираат. Толку ли беше проблем да се донесат законските измени?
Ова е прашање на кое работи работна група во Владата, во која се вклучени повеќе ресори и како и за сите други прашања и ова треба да се реши преку решение кое ќе биде одржливо. Ние ќе го почитуваме секое решение, кое е фискално одржливо и договорено преку широк консензус на политичките партии.
Од друга страна, Уставен суд ви стави рампа за зголемувањето на платите во Министерството за финансии. Како го толкувате ова и имате ли механизми да го спроведете планираното зголемување на платите?
Идејата и интенцијата на раководството на Министерството за финансии во однос на платите на вработените, заради која и се започна тој процес, е позната во јавноста и остануваме на таа идеја, но одлуката е на Уставниот суд. Ние како институција чекаме конечна одлука. Истата ќе ја почитуваме согласно законските прописи како одлука на независен орган од извршната власт. Секако остануваме на определбата прашањето за платите на вработените во Министерство за финансии да биде согласно нашите закони и прописи и да има соодветно решение во однос на нивниот придонес во јавниот сектор.
Следува формирање на техничка влада. Ресорот кој Вие го раководите ќе добие дополнителен министер за финансии од редовите на опозицијата како вид на двојна контрола на трошењето на парите на граѓаните до изборите. Треба ли да стравуваме дека овој процес ќе донесе потреси, или можеме да бидеме мирни и да видиме солидна кохабитација и домаќинско управување со финансиите?
И во мојата последна предновогодишна колумна се осврнав на нешто што е важно за напредок и просперитет, а тоа е да постигнеме општествен консензус за сите прашања и во таа насока сметам дека на тој начин треба да функционираат сите институции и секој да преземе и сноси одговорност за својот удел во овој процес кој е од интерес на граѓаните. Законските прописи во земјава дефинираат дека 90 дена пред изборите се формира и функционира техничка Влада и ние ќе ги почитуваме законските прописи.