Во септември првата финансиска „инфузија“ за пензионерите
27 август 2024Повеќе од 300 илјади пензионери во Македонија ќе добијат повисоки пензии оваа есен. Според најавите на Владата, на нивните сметки за септември ќе им бидат префрлени дополнителни 2.500 денари на пензијата. Втората финансиска „инфузија“ на пензиите се очекува во март идната година кога ќе добијат дополнителни 2.500 денари. Со тоа, според премиерот Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ ќе го исполни изборното ветување за линеарно зголемување на пензиите по 5.000 денари, во првите три месеци од мандатот на новата влада.
За таа цел веќе се во подготовка законски измени за да се смени начинот на пресметка на пензиите.
„Со ребалансот се предвидени овие средства за оваа година, но исто така со буџетот ќе ги предвидиме и за следната година. Па ќе видиме, во зависност од тоа во каква кондиција ќе биде буџетот ќе видиме какви одлуки ќе носиме за следното усогласување во септември дали ќе имаме повторно процентуално зголемување, или ќе имаме повторно линеарно зголемување, она што го бараа пензионерите“, изјави премиерот во понеделникот (26.08).
Манипулации со линеарното зголемување на пензиите
Но, опозициската СДСМ смета дека Мицкоски и владата на ВМРО-ДПМНЕ манипулираат со линеарното зголемување на пензиите.
„ВМРО-ДПМНЕ најавуваше зголемување на пензиите за 5.000 денари, а сега велат дека нема да биде 5.000 денари, туку на рати по 2.500 денари и тоа во септември и во март кога секако се зголемуваат пензиите заради усогласувањето. Значи пензионерите би имале секако покачување според методологијата за усогласување во септември и во март. На износот што пензионерите секако би го добиле во септември и во март наредна година ВМРО-ДПМНЕ на тоа додаваат околу 1.000 денари, ништо повеќе“, се укажувањата на опозициската партија.
На тој начин, според нив, разликата од она што пензионеите би го добиле со усогласувањето, и тоа што ќе го добијат на крај пензионерите е околу 1.000 денари повеќе, а не зголемување на пензиите од 5.000 денари. Дополнително, велат од СДСМ, рушењето на системот на усогласување на пензиите со просечната плата, односно со само линеарен раст, има ризик владата во иднина воопшто да не ги зголемува пензиите.
Финансиска одржливост
Додека во јавноста траат полемиките околу исправноста на линеарното покачување на пензиите, претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова во изјави за медиумите неодамна ја посочи потребата да се има предвид финансиската одржливост на пензискиот фонд заради редовната исплата на пензиите.
„Најважно, за еден пензиски систем е самиот да се финансира без да бара средства од надвор. Што се однесува до најавеното линеарно усогласување треба да се регулира со измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигирување за да се утврди карактерот на усогласувањето и периодот на усогласување на пензиите“, посочува таа.
Од надлежните институции се очекува да објаснат како финансиски ќе се обезбеди редовната исплата на пензиите, да се дефинира карактерот на покачувањето, и да се донесат неопходните законски измени, кои ќе ја овозможат исплатата.
Незадоволство кај дел од пензионерите
Ставот на Трајкова во однос на линеарното покачување на пензиите, предизвика незадоволство кај дел од пензионерите од Штип, Свети Николе и Кочани. Тие на протест побараа оставка од раководството на Сојузот на здруженија и менување на статутот на Сојузот.
Но, експертите изминатиот период имаа различни ставови и укажувања околу линеарното покачување на пензиите. Дел од нив, сметаа дека не станува збор ниту за правично, ниту пак за праведно решение, кое може да предизвика сериозни последици.
Поранешниот вицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник, Фатмир Битиќи, неодамна во изјава за Макфакс, посочи дека линеарното покачување ќе нанесе силен удар, кој може да има далекосежни последици.
„Линеарното зголемување на пензиите води кон две неминовни работи. Правата е зголемување на старосната граница за пензионирање, а втората е зголемување на придонесот за пензиско осигурување. Реално, в година ќе ни требаат над 200 милиони евра само за линеарното покачување на пензиите, што значи, за да се исплатат, ќе се кратат расходи за работи што му требаат на населението. На среден рок се доведува до прашање и одржливоста на Фондот за пензиско осигурување, имаме демографски карактеристики со иселувањето, во следните 5-10 години ќе имаме стареење на населението и сериозна бројка на луѓе ќе станат пензионери. Без сериозни реформи, Фондот нема да издржи долго време“, посочи неодамна поранешниот вицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник, Фатмир Битиќи во изјава за Макфакс.
Ревизорски извештај неодмна посочи дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не може да исплива од проблемите во коишто е заглавен до гуша. Иако приходите од наплатен придонес за ПИОМ во 2022 година се зголемени за 11,63% во однос на претходната 2021 година и изнесуваат над 54 милијарди денари (околу 890 милиони евра), сепак расходите се многу поголеми. Расходите за социјални бенефиции во 2022 година изнесуваат над 87 милијарди денари (1,4 милијарди евра) за вкупно 335.743 пензионери. Поради дефицит на средства за исплата на пензии, во 2022 година се трансферирани речиси 530 милиони евра од државниот буџет.
Финансиската дупка меѓу приходите и расходите на Фондот за пензиско осигирување е 33,58 отсто или речиси за секој трет пензионер било неоходно да се црпат пари од државниот буџет за да му се исплати пензија.
Дваесетина пензионери со највисока пензија
Податоците на Фондот за ПИОМ покажуват дека во јуни годинава се регистрирани 341.146 пензионери. Од нив, корисници на семејна пензија се 74.336, инвалидска пензија добиваат 26.231, а старосна 239.783 лица. Просечната пензија изнесува 21.241 денар. Секој трет пензионер има пензија од 13 до 17 илјади денари, а само мал дел - речиси 12 проценти имаат пензија од 36.600 до над 57 илјади денари месечно. Дваесетина лица земаат највисока пензија во износ од 80.280 денари.
Со последното усогласување на 1 март годинава пензиите беа зголемени за 5,3 проценти. Со ребалансот на буџетот усвоен во јули во Собранието се предвидени средства за линеарно покачување на пензиите за 2.500 денари во септември, а најавено е уште едно такво линеарно покачување во март следната година.
„Па така, пензионер кој зема пензија од 15.000 денари со септемвриската пензија ќе добие 17.500 денари и таа пензија ќе ја добива до март, кога со второто зголемување пензијата ќе се искачи на 20.000 денари“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во Дневикот на ТВ Сител во јуни годинава.
По линеарните зголемувања во септември и март, можно е враќање на старата методологија за усогласување на пензиите, со која што се предвидува процентуално зголемување.
За исплата на пензиите до крајот на 2024 година со ребалансот се обезбедени 5 милијарди денари. Од овој износ 2,5 милијарди се дополнителни средства за реализација на линеарното зголемување на пензиите и 2,5 милијарди денари се обезбедени средства што не биле првично планирани со иницијалниот буџет.