Германија: Масовен пораст на антисемитски кривични дела
29 декември 2023По терористичкиот напад на исламистичкиот Хамас врз Израел на 7 октомври, бројот на антисемитски кривични дела во Германија бележи значително зголемување. Само од денот на нападот до 21 декември, Сојузната криминалистичка служба (БКА) евидентирала повеќе од 1.100 пријавени случаи на политички мотивиран криминал, како што пренесува агенцијата ДПА. БКА соопшти дека ова првенствено вклучувало оштетување на имотот и поттикнување омраза. Бројот е значително поголем отколку во секој од првите три квартали од 2023 година - според податоците на сојузното Министерство за внатрешни работи, регистрирани се 558 антисемитски престапи во првиот, 609 во вториот и 540 во третиот. Ова ги вклучува левичарско и десничарско екстремистички мотивираните напади, како и дела во категориите „верска идеологија“ и „странска идеологија“. Повеќе од 1.100 деликти од почетокот на октомври, сепак, се само оние кои се регистрирани во врска со ескалацијата на блискоисточниот конфликт, додека вкупниот број веројатно ќе биде значително поголем. Кога се додадат бројките достапни до 21-ви декември, тоа резултира со 2.807 евидентирани прекршоци досега оваа година. За споредба: во целата 2022 година се регистрирани 2.874 антисемитски кривични дела, вклучувајќи 88 насилни дејствија.
„Услови кои не се нормални“
Со оглед на забележително растечкиот антисемитизам, израелскиот амбасадор во Германија, Рон Просор повикува на „разбудување“. „Фактот дека Евреите се плашат да излезат на улица со кипа или да зборуваат на своите мобилни телефони на еврејски, едноставно не може да се дозволи“, изјави тој за новинската агенција ДПА, истакнувајќи: „Луѓето кои се плашат да ги донесат своите деца на училиште ако училиштето не е заштитено: тоа се услови кои не се нормални.“
Просор нагласи дека зголемувањето на антисемитизмот не е чисто германски проблем - „но сепак во Германија е поважно отколку на кое било друго место да се промени тоа“, предупредува тој. „Кога се фрлаат молотови коктели за да се запалат синагогите, не може само да се дадат вербални одговори, туку е потребно и да се преземе нешто практично."
Опасност за целото општество
Просор гледа клучна функција во училишното образование: особено кај младите се присутни предрасуди кон Израел, па затоа мора да се обезбеди подобро образование за Израел. Антисемитизмот е опасен, без разлика дали доаѓа од радикалната десница, радикалната левица или муслиманскиот агол - и за целото општество, предупредува Просор, истовремено фалејќи ги активностите на германските безбедносни власти против антисемитските напади и ризикот од терористички напади.
Предупредување до универзитетите од министерката за образование
Вчера сојузната министерка за образование Старк-Ватцингер изрази исклучителна загриженост поради зголемениот број антисемитски инциденти на германските универзитети. Во весникот „Аугсбургер алгемајне “ таа повика на робусна акција од страна на универзитетите - „искористување на интерните правила, па дури и исклучување во особено сериозни случаи.“ Она што можеби само се мислеше и не се манифестираше јавно пред терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7-ми октомври, сега се демонстрира многу јавно - дури и на универзитетите, се пожали политичарката од ФДП. Во Германија, универзитете „по улицата, социјалните медиуми и јавните згради се рангирани на четврто место според тоа каде најмногу се пријавени антисемитски инциденти“. Универзитетите се места на општествена дебата - „но антисемитизмот не е мислење, туку антисемитизмот е израз на омраза и теории на заговор“, заклучува министерката.