1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиКосово

Германија остро го осудува убиството на полицаецот во Косово

ИЃ / АРД
25 септември 2023

Во северно Косово, полицијата ја оконча опсадата на манастирот во Бањска, еден полицаец е убиен, како и тројца напаѓачи. Српската и косовската влада имаат многу различна интерпретација на настаните

https://p.dw.com/p/4WlN3
Нападот се случи во непосредна близина на границата со Србија
Нападот се случи во непосредна близина на границата со СрбијаФотографија: OGNEN TEOFILOVSKI/REUTERS

Косовската полиција ја потврди смртта на тројца напаѓачи и апсењето на еден, како и четворица осомничени (цивили) кои поседувале радио уреди. Дополнително полицијата запленила и „големо количество оружје и муниција“.
На ова претходеше напад врз полициска патрола во раните утрински часови во неделата (24.09.), при кој еден косовски полицаец загина, а друг беше ранет, соопштија властите во Приштина.
Полициските единици биле нападнати со огнено оружје  и рачни гранати додека се приближувале кон патот блокиран од страна на два нерегистрирани камиони во близина на границата со Србија, соопшти полицијата. Напаѓачите, околу 30 на број, како што рече косовскиот премиер Албин Курти, потоа се забарикадирале во манастирот Бањска. Како што соопштија од Рашко-призренската епархија, во манастирот во тој момент заедно со игуменот престојувала „група верници“ од Нови Сад.


Тие лица, како што соопштија од епархијата, поради сопствена безбедност се заклучиле во манастирските простории откако „маскирани лица со оклопно возило влегле во Бањскиот манастир“, насилно кршејќи ја  капијата.
Во меѓувреме, како што соопштија од Епархијата, вооружените лица го напуштиле Бањскиот манастир.
„Повторно ја имаме таа област под контрола“, им потврди на новинарите и министерот за внатрешни работи, Џељаљ Свечља.

Курти и Османи го обвинуваат Белград

Премиерот Курти во текот на денот оцени дека станува збор за „терористички напад“ и ги обвини „одговорните во Белград“ за тоа. „Организираниот криминал со политичка, финансиска и логистичка поддршка на претставници на Белград ја напаѓа нашата земја“, рече Курти.
И косовската претседателка Вјоса Османи ги опиша инцидентите како „напад“ врз нејзината земја, што според неа докажува дека „криминалните банди организирани од Србија имаат дестабилизирачки ефект“. Османи ги повика сојузниците на Косово да ја поддржат земјата „во нејзините напори за одржување на мирот и редот и зачувување на суверенитетот над целата Република“.

Вучиќ го обвинува Курти

Претседателот на Србија ги отфрли таквите обвинувања. „Србите - и не од централна Србија, туку оние од Косово - се побунија, не сакајќи повеќе да го трпат теророт на Курти“, рече Александар Вучиќ, објаснувајќи го поставувањето на два камиони како барикада на патот кај Бањска. Тој истовремено нагласи дека „во никој случај“ не сака да го оправда убиството на албанскиот полицаец. „Тоа е нешто за осуда и никому не му беше потребно“, рече тој.

Фотографија на напаѓачите во дворот на манастирот Бањска која ја објави косовската влада
Фотографија на напаѓачите во дворот на манастирот Бањска која ја објави косовската владаФотографија: Office of the Kosovo Government


Според Вучиќ, Курти е „главниот организатор на хаосот во Косово“ кој „провоцирал цело време и жал ми е што дел од Србите од Косово подлегнаа на тие провокации“, рече српскиот претседател.
Вучиќ ја повика меѓународната заедница да формира Заедница на српски општини, односно „да има српски полицајци на северот на Косово, бидејќи само така Србите или нема да бидат протерани или повеќе нема да има конфликти“, оцени тој.

Берлин: „Сторителите мора да одговараат"


Во саботата попладне германското Министерство за надворешни работи остро го осуди „страшниот напад врз косовската полиција“. Нашите мисли се кај семејството на убиениот полицаец и на тешко ранетиот. Нелегалните вооружени групи мора да престанат да ги загрозуваат животите. Сторителите мора да одговараат“, беше соопштено од Берлин, а во исто време беше констатирано дека поради ова во Косово ќе пристигне специјалниот пратеник Мануел Сарацин.
Претходно се огласи и американскиот амбасадор во Приштина Џеф Ховениер кој рече дека станува збор за „организиран, насилен напад“ врз полицијата и ги повика напаѓачите „веднаш да ги прекинат“ своите дејствија.
Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека „најостро го осудува страшниот напад на вооружена банда врз косовските полицајци во Бањска на северот на Косово“.
Нападот го осуди и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак.

Нападот - една недела по неуспешните преговори

Заедно со информациите за последните настани, германскиот јавен сервис АРД на своите читатели им ја објаснува позадината на ситуацијата, наведувајќи дека „90 отсто од населението на Косово го сочинуваат косовски Албанци, а мнозинството косовски Срби живеат на северот на Косово. Тие и Владата на Србија не ја признаваат владата на државата Косово, која е независна од Србија од 2008 година“, се вели во извештајот.
Конфликтот дополнително се засили годинава, откако во мај беа повредени 50 косовски Срби и десетици мировници на КФОР. За да се обезбеди мир, потсетува АРД, НАТО има стационирано околу 4 илјади војници во земјата.
Последниот инцидент, се додава на крајот, се случи по нешто повеќе од една недела откако неуспешно завршија  преговорите меѓу Србија и Косово  за подобрување на меѓусебните односи,со посредство на ЕУ.