Германија повеќе не е земја на инженери?
20 мај 2023Без разлика дали се работи за енергетика и електротехника, информатика, технологија на машини и возила, градежништво или градежна технологија - секој што бара инженерска работа во Германија има сè поголем избор. Во четвртиот квартал од 2021 година имало 100 кандидати за 387 слободни места. Една година подоцна, веќе имаше 471. Тоа е зголемување од речиси 22 проценти.
На крајот на 2022 година, во Германија имаше вкупно 170.300 слободни работни места за инженери. Здружението на германски инженери ВДИ, предупредува дека секаде има недостиг на квалификувани работници што е многу голем проблем. Многу јавни градежни проекти се стопирани или воопшто не можат да се започнат, проектите за дигитализација пропаднаа, велат од Здружението.
Се` повеќе пензионери, се` помалку студенти
И тоа се случува токму во Германија, која со децении беше посочувана како земја на инженери и позната низ светот по своите технички знаења. „Во Германија во минатото всушност живеевме од нашите добри човечки ресурси, тоа беше нашата сила“, вели дипломираниот инженер Дитер Вестеркамп, кој го води одделот за технологија и општество во здружението ВДИ. Сега, пак, има се помалку студенти во однос на бројот на пензионери. „Најлошото е што ситуацијата нема да се подобри, бидејќи се забележуваат демографски промени“, вели тој.
Во основните технички насоки евидентен е пад на бројот на студенти од прва година. Во 2016 година 143.400 млади луѓе низ државата се запишале на таканаречените МИНТ курсеви, односно математика, информатика, природни науки и технологија, а во 2022 година имало само 125.600. „Како резултат на тоа, може да се очекува значителен пад на бројот на дипломирани студенти во наредните години“, вели економистот Аксел Плинеке од Институтот за германска економија во Келн.
Во исто време, постои зголемена потреба од инженери, особено во областа на климатски прифатливи технологии и производи. Во истражувањето на институтот во Келн, 43 отсто од компаниите наведуваат дека во иднина ќе им требаат повеќе инженери, а 63 отсто дека им требаат ИТ експерти.
Мрачна перспектива за Германија
Тоа, вели Плинке, го елиминира клучниот аргумент во корист на Германија како деловна локација.
„Ако го имате тоа на ум“, додава Вестеркамп, „и знаете дека работите се различни во другите земји, тогаш ќе биде тешко да се убеди индустријата да инвестира овде во иднина, а тоа би било фатално“. Ние во Германија не можеме да си го дозволиме тоа“, вели Вестеркамп, заклучувајќи дека просперитетот на земјата е во прашање.
Итно се потребни странски квалификувани работници
Ова повеќе не може да се надмине без голема имиграција на квалификувани работници од странство, вели Вестеркамп. Бројот на странски работници во инженерските професии од крајот на 2012 година до септември 2022 година е зголемен за 126,5 отсто, односно на околу 105.000. Секој десетти инженер е веќе од странство. Но, и тоа е далеку од доволно.
Политичарите го препознаа ова и во моментов го реформираат законодавството што ја регулира имиграцијата. „Да, сојузната влада има стратегија за квалификувана работна сила во која место има и имиграцијата. Ние во ВДИ силно го поздравуваме тоа, но едноставно мораме подобро да ги погледнеме работите. Во спротивно, развојот во Германија ќе оди во погрешна насока“, вели Вестеркамп.
Пред сè, тоа значи да се работи на бирократските пречки кои му се познати на секој претприемач кој сака да ангажира експерт од странство. Вестеркамп знае многу такви примери: „Потребни се седум месеци додека, на пример, на некој индиски инженер му е дозволено да работи овде во Германија. Едноставно не можеме и не смееме да си го дозволиме тоа, бидејќи другите земји можат да бидат побрзи и да го ангажираат тој човек пред нас“.
Премногу долги процеси
За доволата е потребно долго време, бидејќи документите од имиграциските власти во Германија се испраќаат по пошта до амбасадата во странство, се жали економистот Плинеке. Тој се залага за поголема дигитализација и повеќе персонал во соодветните служби. Потоа треба околу уште еден месец за да закажете термин во амбасадата за да аплицирате за виза. Според Плинке, администрацијата е тесно грло во стратегијата за привлекување квалификувана работна сила. „Може да се каже и вака: тие имаат автомобил што сега треба да биде имиграција. Го подобрија моторот, тоа се правилата за имиграција, го рекламираат и имаат повеќе гориво во резервоарот. Но, гумите се уште се за брзина од 30 на час“.
Германските универзитети, особено техничките, нудат голем потенцијал за имиграција кога станува збор за инженерските и ИТ професиите. Тоа го покажува и погледот на регионалната прераспределба на вработените во инженерските занимања. Имено, учеството на странските инженери динамично се зголемува во последните десет години.
Тоа е затоа што до избувнувањето на корона-пандемијата, се повеќе странски студенти доаѓаа на техничките универзитети во Германија. „Беше тешко поради короната, но сега треба повторно да почнеме да носиме повеќе странски студенти во Германија“, вели Вестеркамп.
Менторска програма на еднаква основа
Но, едно е да ги донесеш во земјава, а друго е да ги задржиш во Германија. Половина од странските студенти кои дипломирале во Германија ја напуштаат земјата веднаш по завршувањето на студиите „и со себе го носат, така да се каже, знаењето што го стекнале овде“, вели Вестеркамп. Тој вели дека Германија треба подобро да се грижи за луѓето што веќе тешко ги привлекува.
Во покраината Северна Рајна-Вестфалија, ВДИ работи на пилот-проект во кој нејзините членови треба да дејствуваат како ментори за да ги придружуваат странските колеги на нивниот пат кон светот на бизнисот, но и кон општеството. На еднаква основа, наведува ВДИ.
Од суштинско значење е културата за добредојде
Дополнително, се развиваат таргетирани пакети за обука и понатамошно образование кои „треба да градат мостови до идните технологии“. Исто така, важно е да се изгради „меѓународна заедница“, односно мрежи во компаниите, но и во нивните региони, преку кои потоа би било полесно да се привлечат други имигранти од инженерски професии.
Вестеркамп исто така смета дека општеството мора да биде вклучено во оваа работа: „Мислам на пошироката популација и мислам дека навистина ни е потребна култура која прифаќа квалификувани работници. Ни требаат овие луѓе, во спротивно ќе имаме проблеми со квалитетот на животот во Германија во иднина“.