Во Германија врие
12 јануари 2024Не се толку одамна минати времињата во кои Ангела Меркел изборите ги доби со тоа што пред се` не направи – ништо. „Ме знаете", гласеше нејзиниот предизборен слоган, на плакати се гледаа нејзините преклопени раце. Гестот за Меркел имаше нешто медитативно, тој и` помагал да направи дистанца спрема другиот, објасни таа еднаш. Гестот во некој момент прерасна во политички симбол за ветувањето спрема гласачите дека ништо нема да се смени во нивниот живот во благосостојба и мир и дека нема од што да стравуваат. Од денешна перспектива гледано, погрешен заклучок. Но, минатото ги формираше Германците.
Германците не се подготвени за шокови и кризи
Во земјата низ децениите се оформил менталитет кој може да се опише со зборовите „Слободно менувајте го светот, но не и мојот начин на живот“, анализираше бугарскиот политиколог Иван Крастев во октомври 2023 година во магазинот „Шпигел“ во разговор со министерот за економија Роберт Хабек од Зелените. Германија според него не е подготвена за кризи и шокови. „Последните 30 години беа толку добри што луѓето си посакуваат таквото вчера да не заврши“. За војната во Украина и последиците од неа не беа подготвени ниту сојузната влада од СПД, Зелените и Либералите кога во декември 2021 година дојдоа на власта. Да се смени Германија, но без дефицити во благосостојбата, гласеше ветувањето на семафор-коалицијата.
Дури и самата трансформација во климатски неутрална економија требаше да се случи без загуби во благосостојбата, финансирана од кредити во висина од 60 милијарди евра кои не беа потрошени за време на пандемијата, наспроти очекувањата. Уставниот суд во ноември 2023 година одлучи дека такво водење на државните финансии е противуставно.
Кратењата - дотурање масло во огнот
Владата остана со куси ракави. Ветувањата по избувнувањето на војната и онака не можеше да ги одржи. Збогувањето од евтиниот руски гас предизвика експлозија на цените и ја втурна економијата во рецесија.
Насекаде се чувствуваат дефицитите во благосостојбата. Во ваквата ситуација секое натамошно кратење на бенефиции е дотурање масло во огнот. Едните се апатични и уморни, другите се бесни на владата. Кога Шолц на Нова година и неколку дена потоа посети региони погодени од поплави, се соочи со чиста омраза. Го нарекуваа „лажго“, „народен предавник“ и „злосторник“.
Драма на Северно Море
Особено иритирани се земјоделците, на кои треба да им се скратат субвенции. Низ цела држава блокираат улици и патишта, возат протесни корза низ градовите и го попречуваат сообраќајот. На крајбрежјето разбеснети земјоделци, можеби заедно со десноекстремни, се обидоа да влезат во траект со кој вицепремиерот Роберт Хабек се враќаше од божиќниот одмор.
Се случија драматични сцени, споредливи со оние кои досега беа видени само на истокот на републиката, во регионите во кои АфД наидува на посебно голема поддршка од гласачите. За време на коронавирусот таму постојано имаше морбидни сцени на инциденти со демонстранти пред приватните домови на политичари.
Тенденции за поделба и распад
Во 2016 година Германците, според студија спроведена во рамки на ЕУ, беа народ кој се чинеше најмалку подложен на популистички политики. Тоа изгледа сега се сменило. Општеството се поларизира, вели публицистот Албрехт фон Луке од „Документи за германска и меѓународна политика“. Позициите се движат кон политичките маргини.
Германија покажува „тенденции за поделба и распад“ и се збогува од општество на консензус и „антикавгаџиска култура“, вели фон Луке. „Спорови се составен дел од демократска култура", вели тој за ДВ и додава дека „кога кавгата веќе не е поврзана со подготвеност за компромис, туку секоја групација се обидува максимално да ги спроведе своите интереси, демократијата еродира, владата го губи авторитетот и на крај ставовите се повеќе се движат кон маргините“.
Секој си мисли на себе
Слична, но не толку драматична е и оцената на Урсула Минх, директорка на Академијата за политичка едукација „Туцинг“. Таа за ДВ вели дека не мисли оти „треба да се зборува за поделба на општеството во два големи дела, но гледа дека маргините на општеството стануваат поголеми". Политикологот со тоа мисли на оние „кои де факто тендираат кон бескомпромисност, кои се незадоволни, кои прават протестни акции". Во моментов тоа се земјоделците, но и синдикатот на машиновозачите. Двете се силни групи на интереси кои со своите постапки може да ја блокираат цела држава. За Фон Луке протестите на земјоделците се слика за тоа дека „секој си мисли само на себе". „На земјоделците им успеа да бидат повлечени речиси сите мерки, а сепак и натаму се борат за да извадат се што можат", вели тој.
Наталожен бес
Минх протестите на земјоделците ги објаснува и со префорсираност. Од една страна финансиски, затоа што субвенциите требаше да бидат скратени за краток рок „без да имаат време навремено или соодветно да се подготват“, но од друга страна земјоделците се чувствувале и заиобиколени, затоа што не биле претходно консултирани за мерките. „Се чувствуваат притиснати до ѕид и дека владата не го разбира нивното значење", вели политикологот. Кој разговара со земјоделците често може да чуе дека притисокот за реформи е огромен и дека постојано има нови правила за климата и заштита на средината и во однос на правата на животните. Посебно помалите фирми се жалат дека времето за промени не е доволно и дека парите не се доволни за тоа.
Долгата рака на државата?
Тоа чувство им е познато и на граѓаните. Кога на почетокот на 2023 година се обзнани дека владата сака што е можно побрзо да забрани парно на гас и нафта и наместо тоа да пропише инсталирање на топлински пумпи, јавноста беше скандализирана. Пред се министерот за економија од Зелените, Хабек, западна во немилост, а во анкетите падна и поддршката за владината коалиција. Минх вели дека „до тогаш многумина велеа дека разбираат оти нешто мора да се смени, но кога тоа требаше да се случи толку непосредно и да влијае на сопствениот џеб, во сопствениот подрум или гаража, многумина сметаа дека државата оди предалеку."
АфД профитира
Според Минх, никој нема потреба во Германија да се чувствува префорсиран. „Ние сепак сме земја со големи ресурси, со финансиска резерва, ние сме социјална држава“, вели таа и додава дека е разбирливо што поединци се загрижени, ама не треба да се претерува. Тоа луѓето на многу места го гледаат различно. Партијата која од тоа профитира е АфД која се` подобро котира во анкетите. Во Саксонија, Тирингија и Бранденбург каде претстојат покраински избори, АфД делумно и убедливо води.
Дали во 2024 ќе има „гласање од бес"?
АфД ја поттикнува поларизацијата. Минх предупредува дека не треба да се слушаат „само пораките од екстремисти и популисти". „Во моментов по мое согледување навистина постои закана или одредена опасност, затоа што кај дел од населението има предуслови за полесна инструментализација", оценува Минх и додава дека се зголеми бројот на луѓето кои „вртат грб и велат дека и онака само ни се раскажуваат невистини".
Фон Луке за 2024 година очекува дека ќе има „гласање од протест и бес", посебно што нема знаци за подобрување кај коалицијата во Берлин. „Ќе продолжи раскараноста, ќе расте фрустрацијата во државата и ние ќе се соочиме со избори од протест и гнев."