1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски печат: „Опасен курс на Балканот – а Берлин молчи“

14 август 2023

Три германски медиуми пишуваат за Балканот: „Франкфуртер алгемајне“ за „најдобрите пријатели на Путин“, „Тагесцајтунг“ за „пропаднатата стратегија“ на САД и ЕУ и „Берлинер цајтунг“ за „доминацијата на Србија“.

https://p.dw.com/p/4V8wG
Олаф Шолц
Олаф ШолцФотографија: Bernd Riegert/DW

„Русија во Европа може да се потпре на тројца сојузници“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг: „Во земјата-членка на ЕУ, Унгарија, земјата кандидат Србија и во половина од Босна и Херцеговина контролирана од босанските Срби - властодршците се цврсто лојални на Путин, иако со различни нијанси." 

„Милорад Додик, претседателот на Република Српска, најодлучно ја насочи својата политика кон Москва“, пишува германскиот весник. „Москва има корист од напорите на Додик да ја трансформира Босна во конфедерација на држави, како прелиминарен чекор за подоцнежното отцепување на неговиот дел од земјата - бидејќи немирите се значајни како резултат на тоа“.

Авторот на написот, Мајкл Мартенс, истакнува дека Додик, кого го нарекува „помладиот партнер на Путин во Бања Лука“, неодамна се соочил со пречки - Германија прво ги замрзна, а сега целосно суспендираше четири инфраструктурни проекти во РС вредни повеќе од сто милиони евра, САД на крајот на јули воведедоа санкции за четворица високи функционери на РС, а минатата недела јавниот обвинител на Босна и Херцеговина поднесе обвинение против Додик.

„Обвинението е кулминација на конфликтот меѓу Додик и високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит (ЦСУ)“, оценува авторот, но и забележува дека сега „останува да се види дали јавното обвинителство во Сараево воопшто ќе може да дејствува на територијата РС“.

Унгарија
Андреј Бабиш, Јанез Јанша, Виктор Орбан, Александар Вучиќ и Милорад Додик: Будимпешта, 23.09.2021 годинаФотографија: Attila Kisbenedek/AFP

„Додик е поддржан од Москва, Белград и Будимпешта“, пишува германскиот весник. „Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, шири став дека зад нападот на Западот и јавниот обвинител врз Додик стои некој нејасен „меѓународно либерален мејнстрим“, односно дека „се казнуваат политичарите кои храбро се залагаат за националните интереси, како што тоа го прават Додик и Путин“.

„Антизападен бараж“ на масовни медиуми во Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ не е отворено проруски настроен како Додик“, пишува авторот. „Србија дури ја поддржа резолуцијата на Генералното собрание на ОН против руската инвазија на Украина. Од друга страна, Белград не се приклучи кон европските санкции против Русија и ја поддржува секаде каде што може“.

„Масовните медиуми во земјата, без разлика дали се весници, телевизии или интернет портали контролирани од лични пријатели и луѓе лојални на Вучиќ, со години го бомбардираат населението со антизападен бараж, во кој Русија и Кина се претставуваат како вистински пријатели на Србија. Тоа има ефект. За разлика од пред неколку години, мнозинството од населението на Србија сега е против влезот на нивната земја во ЕУ“.

„На крајот на краиштата, тоа е ирелевантно“, оценува франкфуртскиот весник, „бидејќи таков чекор и онака не бил планиран. Сепак, тоа ја илустрира промената на атмосферата што се случи во Србија во последните десет години. Според анкетите, Путин е најпопуларниот странски политичар во земјата“.

Последици за руските опозициски активисти

Последиците од ова ги чувствува и политички активниот дел од руската дијаспора во Србија“, посочува авторот на написот Мајкл Мартенс. Потсетувајќи дека во последната година и пол десетици илјади Руси имигрирале во Србија, тој наведува дека руските бегалци кои се политички активни, кои во Србија организираат демонстрации и митинзи против Путин, „се повеќе го чувствуваат притисокот на српската држава“. Им се заканува забрана за влез или необновување на дозволите за престој.

Авторот го издвојува примерот на рускиот дисидент Владимир Кара-Мурса, кој во април беше осуден на 25 години затвор во Русија за „велепредавство“. „Пред пресудата, тој пријавил дека српската тајна служба систематски прислушувала и шпионирала координативен состанок на руски неистомисленици во мај 2021 година. Тогашниот министер за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, лично го донел материјалот во Москва и го предал на рускиот безбедносен апарат, рече Кара-Мурса. Наскоро следеа апсења во Русија. Но, верниот гласник Вулин повеќе не е министер за внатрешни работи - Вучиќ го постави за шеф на тајната служба“, пишува на крајот Франкфуртер алгемајне цајтунг

„Опасен курс“ на американските дипломати

Со ситуацијата на Балканот се занимава и берлински Тагесцајтунг, чиј автор, Ерих Ратфелдер, наведува дека „Европската Унија и САД сакаат да ги придобијат српските националисти со политика на разбирање“, што, според него, е „опасен курс".

Потсетувајќи дека за САД, а особено за демократите, Дејтонскиот мировен договор за БиХ од 1995 година претставува успех на американската дипломатија, весникот пишува: „Сега американските дипломати кои работат на Балканот се подготвуваат да го прокоцкаат тоа наследство, очигледно мислејќи дека Србија ќе биде вовлечена во западниот табор на отстапки во Косово и Босна. (...) Американскиот дипломат одговорен за Западен Балкан, Габриел Ескобар, ги влече конците, заедно со Кристофер Хил, американскиот амбасадор во Белград, и политичарите на ЕУ, Жозеп Борел и специјалниот пратеник на Унијата, Мирослав Лајчак“.

„Западните дипломати ја поддржуваат идејата дека треба само да им се допаднете на националистите за да го одржите мирот. Тие го игнорираат фактот дека еднаш претходно - имено од 1991 година наваму - тоа доживеа голем неуспех“, пишува Тагесцајтунг

Михаел Рот Босна
Сараево, 02.12.2021: Михаел Рот, СПД, (четврти од лево); Пратеник Адис Ахметовиќ, СПД, (трет од десно), Ерих Ратфелдер, новинар (втор од десно)Фотографија: Vera Soldo/DW

Брчко - стратешка точка број еден на Балканот

Сепак, авторот истакнува дека отпор кон ова има и на Запад: „Откако Михаел Рот, претседател на комисијата за надворешна политика на Бундестагот, и неговиот колега во Сенатот на САД го критикуваа актуелниот пристап кон политиката, некои парламентарци од двете страни на Атлантикот барем се разбудија. Тие бараат меѓународната заедница да учи од минатото. Тие повикуваат на дипломатија на одвраќање за да се спречи понатамошно влошување на безбедносната ситуација во Косово и Босна“.

Истовремено, германскиот новинар конкретно посочува дека во фокусот на дебатата е округот Брчко, кој ја дели РС на два дела. „Регионот Брчко е стратешка точка број еден на Балканот. Затоа Србите со сета сила сакаат да го контролираат Брчко - а тоа го сфати и западната војска“.

Потсетувајќи дека на тоа место беа испратени нови единици на Еуфор, вклучително и мал германски контингент од околу 30 луѓе, авторот го извлекува следниот заклучок: „Вистински значајна стратешка промена би се случила само доколку таму се распоредат трупите на НАТО“.

Сепак, според извештаите во печатот, со Еуфор ќе управуваат унгарски офицери, што, пишува германски новинар, е „како коза да стане градинар“.

„Берлин не се помрднува. Министерката за надворешни работи Аналена Бербок, која своевремено се спротивстави на националистичките позиции, молчи. (...) Дали Берлин навистина сака надворешната и безбедносната политика на ЕУ на Балканот да им ја довери исклучиво на дипломатите на САД, ЕУ и Виктор Орбан“, се прашува на крајот авторот Ерих Рутфелдер во напис за берлинскиот Тагесцајтунг

Хабсбуршката балканска стратегија 

Весникот Берлинер Цајтунг објавува текст под наслов: „Доминацијата на Србија мора да се прекине“. Истиот е потпишан од гостинот автор Муамер Беќировиќ, кого германскиот весник го претставува како „истражувач на историјата на дипломатијата и меѓународната политика“ и човек кој „ќе објави биографија за австрискиот дипломат и државник од пост-наполеонската ера, принцот. Клеменс фон Метерних, во јануари 2024 година“.

Од мошне опширниот текст на Беќировиќ, издвојуваме: „Кога австроунгарскиот император Франц Јозеф I ја посети Босна и Херцеговина во 1910 година, една година по анексијата, Хабсбуршката балканска стратегија веќе беше на маса. Демографски, Србија тогаш, како и сега, беше најголемата сила во регионот, со околу двојно повеќе жители од Хрватска. За да се балансира Белград, Сараево требаше да биде поблиску поврзан со австриски Загреб. Тие две земји требаше да стават крај на српските хегемонистички идеи и да ја зајакнат австриската хегемонија во регионот. Тоа не се случи поради Првата светска војна“. 

илустрација пропаганда
Пропагандната карикатура од 1914 година прикажува австриска рака како здроби српски терорист, а текстот вели: „Србија мора да умре“Фотографија: gemeinfrei

„Германската стратегија за Балканот мора да се заснова на таа историја, бидејќи стратешката ситуација на Балканот речиси и не е променета по повеќе од сто години“, вели Беќировиќ. Според него, „единствената земја која би можела да воспостави ред на Балканот и трајно да ги обезбеди сопствените стратешки интереси во регионот е Германија“. Таа е убедливо најважниот трговски партнер на Хрватска, Босна и Србија, а географски е оддалечена само неколку стотици километри“.

„Германија треба да ја привлече Источна Европа на своја страна ако сака да постигне доминација во Европа, а тоа го вклучува и Балканот“, пишува Муамер Беќировиќ, цитиран од весник од Берлин. „Моќта, германската моќ, е потребна за да се воведе ред на Балканот. Сè друго е осудено на пропаст на краток, среден и долг рок.

И на крајот од написот во Берлинер Цајтунг, Беќировиќ додава: „Доколку владее Берлин, редот би бил на дофат на рака и мирот би можел да се врати на Балканот, за прв пат во неговата историја“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема