1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одлуката на Додик води кон изолација на Република Српска

Драган Максимовиќ
24 март 2023

Владата на РС официјално ја прекина соработката со американските и британските дипломати, поради мешање во внатрешните работи на БиХ. Дипломатите велат дека авторитарното владеење води кон изолација на РС.

https://p.dw.com/p/4PBqT
Република Српска Додик
Одлуката на Додик води кон изолација на Република СрпскаФотографија: Dragan Maksimovic/DW

Владата на ентитетот објави дека Република Српска била принудена да ја прекине  соработката со дипломатите на двете амбасади и во таа насока бара од институциите на ентитетот, нивните претставници на ниво на Босна и Херцеговина и органите на локалната самоуправа да не соработуваат со амбасадите на САД и Велика Британија.

„Владата е убедена дека ваквата постапка на амбасадите не е во согласност со официјалните политики на САД и Велика Британија кон Босна и Херцеговина и е на мислење дека прекинот на соработката ќе трае додека амбасадите на двете земји не престанат со практиката на мешање во внатрешните работи на БиХ“,се наведува во одлуката на Владата, која заседаваше на денот на општата меѓународна осуда на ентитетските власти за донесување измени во Кривичниот законик на РС.

Порачуваат дека Владата ќе ги информира надлежните институции на САД и Велика Британија за прекин на соработката поради нивните антидејтонски активности и кршење на меѓународното право, Повелбата на Обединетите нации и Виенската конвенција за дипломатски односи.

„Чекор кон опасен пат“ 

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, уште пред официјалната одлука на владата изјави дека ќе бидат прекинати сите контакти со членовите на американската и британската амбасада во БиХ, како одговор на оние кои се подготвени да фрлаат осиромашен ураниум.

„Денеска на седница на Владата одлучивме да прекинеме секаков контакт со членовите на американската и британската амбасада. Ова е нашиот однос кон оние злосторници кои се подготвени да користат осиромашен ураниум, кој ги убива не само сегашните, туку и идните генерации“, рече Додик, реагирајќи на најавата дека Лондон ќе испрати оружје што содржи осиромашен ураниум во Украина. 

Следеа силни реакции од двете амбасади во БиХ, без разлика што Република Српска нема дипломатски капацитет во однос на државната соработка. Сепак, соработката на амбасадорите и другите дипломатски претставници континуирано се одржува со претставници на сите нивоа на власт во Босна и Херцеговина.  

Милорад Додик
Милорад Додик најави прекин на сите односи со американската и британската амбасадаФотографија: Dragan Maksimovic/DW

„Најавата на претседателот Милорад Додик дека Владата на РС ќе ги прекине контактите со официјални претставници на САД и Обединетото Кралство е уште еден чекор на опасниот пат што тој го избра - патот на изолација и авторитарно владеење“, соопшти американската амбасада. Британците велат дека потезите на Додик само и штетат на Република Србија.

„Само државата Босна и Херцеговина има овластување да носи одлуки за дипломатските односи на земјата. Британската амбасада ќе продолжи да работи за доброто на сите граѓани на оваа земја“, се вели во соопштението. 

Проблемите започнаа уште во 2015 година, кога тогашниот американски амбасадор во БиХ, Марин Кормак, го етикетираше Додик како „непожелен соговорник за американската администрација“.

„Подготвени сме да се сретнеме со сите кои се подготвени да работат конструктивно на иднината на Босна и Херцеговина. Откако дојдов во БиХ, јавните коментари на претседателот на РС, Милорад Додик, не беа во согласност со позитивната реформска агенда и можностите што и се нудат на земјата. Ако тоа се промени, јас сум тука“, изјави тогаш Кормак. 

Во 2017 година Додик беше ставен на „црната листа“ поради неговите антидејтонски активности, а во образложението се наведува дека го „поткопува“ Дејтонскиот договор и претставува закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ. 

Мајкл Марфи
Американскиот амбасадор во Босна и Херцеговина Мајкл Марфи рече дека одлуката води кон изолација на РСФотографија: Dragan Maksimovic/DW

Повторно закани за отцепување 

Уште еден пакет санкции дојде минатата година од Велика Британија, во кој покрај Додик беше и тогашната претседателка на РС, сега српски член на Претседателството, Жељка Цвијановиќ. Причината е обид за уништување на легитимитетот и функционалноста на државата, преку загрозување на мирот и поттикнување на отцепување на РС од Босна и Херцеговина.

Но, приказната за отцепување не завршува, иако никој не брои колку пати е најавен, како што велат, „излезот на РС од наметната БиХ". Од референдумот во 2011 година, за кој високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Кетрин Ештон на денот на рспишувањето дојде во Бања Лука и го замени за судски реформи (кои никогаш не беа спроведени), сè до последниот спор за државниот имот и законот за ентитетот, кој беше отфрлен од Уставниот суд на Босна и Херцеговина.

„Ќе одиме во Националното собрание и ќе донесеме одлука за независноста на РС“, рече Додик, коментирајќи ги медиумските извештаи дека високиот претставник Кристијан Шмит подготвува закон за државниот имот кој треба да се најде во парламентарна процедура.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема