Русија бесна поради испраќањето германски тенкови во Украина
25 јануари 2023Официјална Москва го обвини Берлин дека ја напуштил политиката на историска одговорност кон Русија поради нацистичките злосторства од Втората светска војна, откако Германија одлучи да испрати тенкови за Украина.
Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова преку Телеграм оцени дека потегот е потврда за германското учесто во „војна планирана однапред“ против Русија.
Руската амбасада во Берлин оцени дека одлуката ќе доведе до ескалација на 11 месечниот конфликт во Украина, кој Москва се труди да го опише како судир меѓу Русија и сојузниците предводени од САД.
„Оваа екстремно опасна одлука го води конфликтот до ново ниво на конфронтација“, изјави амбасадорот Сергеј Нечајев. Тој додаде дека одлуката ќе предизвика „непоправлива штета на и онака очајната состојба на руско-германските односи“. Рускиот претседател Владимир Путин денеска одби да ја коментира одлуката на Берлин.
„Историска одговорност“
Германската одлука за тенковите следуваше по повеќенеделно мачно размислување на владата на канцеларот Олаф Шолц, која стравуваше од ескалација на војната и провоцирање на Русија.
Повеќе од 80 години по инвазијата врз Советска Русија и Украина во Втората светска војна, многу Германци се против идејата за испраќање тенкови во тамошниот пожар, поради чувството на историска одговорност, на која се повикува и руската амбасада.
„Изборот на Берлин значи конечно одбивање на Сојузна Република Германија да ја признае својата историска одговорност кон нашиот народ за ужасните, безвременски злосторства на нацизмот за време на Големата Патриотска војна, и предавањето во заборав на тешкиот пат на повоеното помирување меѓу Русите и Германците“, изјави Нечајев.
„Со одобрение на германското раководство, воени тенкови со германски крстови повторно ќе бидат испратени на 'источниот фронт', што неминовно ќе води кон смрт не само на руски војници, туку и на цивилно население“.
Киев со месеци бара западни тенкови кои очекува да му помогнат да ја зајакне својата армија, да ги разбие руските одбранбени линии и да ги поврати окупираните територии на истокот и југот на земјата.
Во средата и САД најавија дека ќе и испорачаат на Украина воени тенкови од типот „Абрамс“, додека бројни европски држави се подготвуваат да испратат тенкови од современо производство во следните месеци.