Кредитите за станови и автомобили мамка за граѓаните
22 август 2024Македонските граѓани се поретко одат во „минус“ на тековните сметки и кредитните картички, ама затоа „удрија“ на кредити за станови и купување автомобили. Најновите статистички податоци на Народната банка покажуваат дека само за една година е забележан раст на автомобилските кредити за 23,6 проценти.
Па така, во јули автомобилските кредити се повисоки за 2,5% на месечно ниво, односно 23,6%, на годишна основа. Слична е состојбата и со потрошувачките и станбените кредити, коишто се најбарани.
Живот на кредит
Во јули годинава, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките кредити е забележан месечен раст од 0,9 проценти, додека кај станбените кредити има раст за 0,8 проценти. На годшино ниво, побарувачката за потрошувачки кредити е зголемена за 6,3 проценти, додека за станбените за 10,5 отсто.
Наспроти тоа, граѓаните се помалку се задолжуваат на кредитните картички. Кредитите одобрени на кредитни картички се намалени за 0,2% и 8,0%, на месечно и годишно ниво.
„Во јули, негативните салда на тековните сметки забележаа месечен пад од 1,0%, во услови на годишен раст од 8,4%. Во јули, кредитите одобрени врз други основи се непроменети на месечна основа, додека во споредба со истиот период претходната година, тие се намалени за 18,4%“, посочуваат од Народна банка.
Зголемување на вкупните депозити на домаќинствата
Вкупните депозити на домаќинствата во јули забележаа месечно зголемување за 0,7%, поради растот на долгорочните депозити во денари и во странска валута, како и депозитните пари, во услови на пад на краткорочните депозити во странска валута и во денари. На годишна основа, вкупните депозити на домаќинствата се повисоки за 9,6%, како резултат на растот на депозитните пари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, при пад на краткорочните депозити во странска валута и во денари.
Во јули, кај кредитите на домаќинствата е остварен месечен и годишен раст од 0,8% и 7,5%, соодветно, како резултат на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута.