Грците на протести поради железничката несреќа
2 март 2023Расте бесот во Грција поради фаталната железничка несреќа во која загинаа најмалку 57 луѓе. Стотици луѓе протестираа пред седиштето на националниот оператор Хеленик Возови во Атина.
„Лути сме на компанијата, на оваа и на минатите влади затоа што не сторија ништо да ги подобрат условите на грчката железница“, изјави еден демонстрант.
Во Солун протестите прераснаа во насилство откако демонстранти фрлаа камења и петрол-бомби.
Паралелно, на штрајк излегоа и вработените во грчките железници, незадоволни поради менаџирањето на администрацијата.
Најавувајќи го 24-часовниот прекин на работата во четвртокот, железничкиот синдикат го критикуваше „недостатокот на грижа за грчката железничка мрежа од страна на повеќе влади низ годините, кои доведоа до овој трагичен исход“.
Хронични проблеми
Владиниот портпарол Јанис Економу рече дека истрагата ќе ги истражува „хроничните одложувања на поправката на железничката мрежа, одложувања предизвикани поради хроничните проблеми во јавниот сектор и децениите на неуспеси“.
Властите соопштија дека причина за несреќата е човечка грешка.
Премиерот Кирјакос Мицотакис, кој бара нов мандат на изборите оваа пролет, изјави дека несреќата била резултат на „трагична човечка грешка“.
Но, од железничкиот синдикат велат дека безбедносните проблеми на линијата Атина-Солун биле познати со години и ништо не било преземано.
Адвокатот на 59-годишниот шеф на станицата, кој е обвинет за убиство од небрежност, изјави дека неговиот клиент признал делумна одговорност за несреќата, но рече дека во игра биле и други фактори. Грчките медиуми јавуваат дека шефот на станицата бил именуван на функцијата пред 40 дена, со завршен тримесечен курс. Во средата оставка поднесе и грчкиот министер за транспорт, преземајќи морална одговорност за трагедијата.