1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грозев: „Проблемот на Бугарија со Македонците е идеолошки“

14 август 2009

Интервју со Јонко Грозев, програмски директор на Центарот за либерални стратегии и адвокат на бугарскиот Хелсиншки комитет за човекови права, за односите меѓу Бугарија и Македонија.

https://p.dw.com/p/J936
Јонко Грозев
Јонко ГрозевФотографија: BGNES

Со Јонко Грозев разговаравме во Софија само неколку дена пред најновиот курцшлус во македонско-бугарските односи, поттикнати од затворската казна за бугарската државјанка од Гевгелија, Спаска Митрова. Години наназад, Грозев е постојано ангажиран како адвокат на претставниците на македонското малцинство во Бугарија кои се обидуваат да регистрираат сопствена политичка партија. Темата на овој разговор, сепак, не беа малцинствата, туку обидот да се пронајдат корените на недоразбирањата меѓу двете земји кои со децении се обременети со атмосфера на недоверба и меѓусебни обвинувања.

ДВ: Каде се корените на овие негации на македонскиот идентитет кои во бранови доаѓаат од Бугарија во изминативе децении? 

Грозев: Проблемот е во историјата на историската, културната и општествена идентификација на бугарското општество токму во однос на идентитетот. Тоа е идентитет кој во Бугарија се гради од втората половина на предминатиот век и кој во целост се заснова на идејата за национална држава. Во праксата, таа идеја минала низ официјалната историографија, образованието и тоа е една политичка пракса од средината на предминатиот век.

Од таа гледна точка, сите земји со словенско население во целиот балкански регион се всушност Бугари, а за етнички граници се сметаат границите на Санстефанска Бугарија. Повторното постигнување на таквата целовитост на таа бугарска држава е најосновниот двигател на политичката идеологија околу која е изградена бугарската држава. Тоа е клучното.

Постигнувањето на таквата целовитост е идеолошки приоритет за земјата до средината на минатиот век. Потоа, комунистичкиот режим се обидува да ја присвои таа идеологија. Тоа никогаш не е сменето, тоа е основното разбирање за начинот на кој се разбира што е Бугарија и што значи да си Бугарин. Тоа е централниот фундамент.

Имено, поради тоа, прифаќањето на фактот дека во Бугарија има луѓе кои се идентификуваат како етнички Македонци е исклучително тешко за бугарското општество. Тука не е во прашање да се дозволи на едно малцинство да се чувствува како сака. Ние немаме никаков проблем со Турците, со Ромите, со Ерменците, итн. Со нив проблемите се во однос на прагматичната политика. Во однос на Македонците проблемот е во целост на полето на идеологијата. Самото признавање дека во Бугарија има луѓе кои се идентификуваат како Македонци значи дека основниот идеолошки концепт околу кој е изграден бугарскиот идентитет не е точен, односно дека има некаков проблем со него. Значи, не е можно Бугарија да е разделена на делови, а во неа да има луѓе кои се нарекуваат Македонци. Од прагматична политичка гледна точка, постоењето на не повеќе од 10 илјади луѓе кои се чувствуваат како Македонци не може да биде проблем, но тука недостасува каква било рационалност. Тоа е прашање за кое се реагира многу ирационално и затоа тоа е многу лесно за експлоатирање од политичарите. Во однос на тоа имаме целосна согласност кај сите бугарски политичари, тука не е само Каракачанов во прашање. Во праксата нема ниту една политичка партија во Бугарија која е на друга позиција, можеби за некои тоа не е толку високо како приоритет, но нема поинаква позиција.

ДВ: Како ја дефинирате таа позиција. За што зборуваме, за негација на идентитетот, јазикот...? 

Грозев: Таа не е точно дефинирана, но пошироката позиција би била следната: македонскиот идентитет е изграден врз основа на историски околности, односно како неможност да се обедини тој дел од Бугарија со матицата во последните 70-80 години. Тоа е процес кој се случувал на таа територија и таа е нова творба. Значи тоа се случило затоа што таква била државната политика.

ДВ: Значи генералната позиција е дека Македонците се Бугари со променета свест? 

Грозев: Точно тоа е позицијата. Тоа е најмасовното разбирање и може да се каже дека бугарското општество и бугарската политика така гледаат на тоа прашање. Можеби има некои мали разлики, но тоа е тоа. 

ДВ: Конкретниот проблем меѓу двете земји е постоењето на македонскиот јазик. Дали тоа е само еден од начините да се негира идентитетот на Македонците? 

Грозев: Од гледна точка на мнозинството, во Бугарија се прифаќа дека Македонија се изградила како независна држава со јазик, историја итн., но со крцкање на забите, со една болка. Оспорувањето на јазикот е обид да се проблематизира целата автентичност. Тоа е резултат на едно непознавање на историјата и на историските процеси. За тоа нема реално разбирање. Овде луѓето мислат дека бугарскиот јазик паднал од небото, не разбираат дека и тој јазик е на еден или друг начин вештачки создаден.

ДВ: Низ целото соседство се негира постоењето на Македонците, сеедно дали преку името, јазикот, црквата, итн. Каде е проблемот според Вас, кај нас, или кај соседите? 

Грозев: Кај сите е проблемот. Сите држави во регионот се млади држави, кои се изградиле како држави врз база на идеологијата на националните држави. За да добијат легитимност сите тие се дефинираат врз на основа на земјата, историјата и кој прв дошол. Апсурдно е денес да се расправате дали Кирил и Методи биле Македонци, Срби или Бугари, но идеологијата на националните држави има нужност од такви расправии и затоа и се јавуваат такви спорови.

ДВ: Поранешниот претседател Петар Стојанов изјавуваше дека Македонија е најромантичниот дел од бугарската историја, актуелниот премиер Борисов пред неколку месеци велеше дека Софија треба економски да го покори Скопје. Дали ваквите изјави се дел од таквата политика? 

Грозев: Таа изјава на Стојанов е многу точна и треба да се чита многу внимателно. Македонија е толку големо парче од бугарската историја што е невозможно да се тргне. Сите во бугарскиот политички живот се определиле за тоа како да се обединат со Македонија и тоа е клучот на сето она што се случува во последните 100 и повеќе години, од Сан Стефано наваму. Таа изјава на Стојанов не беше во форма на аспирација, ниту на негирање на идентитетот, туку таа беше факт. Единствено преку дијалог можеме да ја надминеме таа чувствителност.

ДВ: Имаат ли Македонците право да се чувствуваат загрозени од овие грчки или бугарски негации и аспирации? 

Грозев: Не, во бугарското општество, целата таа емоционалност е видлива, но од гледна точка на прагматична политика не постои идеја за тоа да има агресија во однос на Македонија.

ДВ: Не мислам на безбедносни проблеми, туку на пример, да го земеме издавањето бугарски пасоши на македонските граѓани. Може ли во иднина да се случи, Софија да ги прогласи сите овие граѓани со бугарски пасоши за Бугари и да бара посебни права за нив во Македонија?

Грозев: Да. Тоа бугарската држава најверојатно ќе го направи. Ќе кажат дека тие луѓе самите се определиле како Бугари, а дали од тоа ќе следува некаква друга цел, тоа ќе видиме. Сепак, би рекол дека идејата за некаква долгорочна стратегија во однос на Македонија е премногу конспиративна. Со делењето на пасоши на Македонците се добива некакво задоволство тука, дека ете има Македонци кои се пишуваат за Бугари, но идејата дека со тоа се турка некаков Тројански коњ во Македонија за мене е неприфатлива. Како што ви реков, основното јавно мислење во Бугарија го прифати фактот дека постои независна Македонија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи