1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска: ХДЗ е победник - следува постизборна математика

Андреа Јунг-Грим
18 април 2024

Формирањето влада нема да биде едноставно: според привремените изборни резултати, ХДЗ е на прво место со убедливи 60 пратенички места, додека СДП освои 42 мандати.

https://p.dw.com/p/4euGU
Хрватска парламентарни избори 2024
Андреј Пленковиќ во изборниот штаб на ХДЗФотографија: Mehmed Smajić/DW

„Наутро почнуваме со формирање парламентарно мнозинство за да ја формираме нашата трета влада“, најави Андреј Пленковиќ во својот говор во изборниот штаб на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) нешто пред еден часот по полноќ. Тој им се обрати на насобраните сопартијци и симпатизери дури откако беа преброени речиси сите гласови. Појавувањето на сцената на штабот во хотелот „Вестин“, во Загреб, беше проследено со громогласен аплауз и песната „Eye of the tiger“, од филмот „Роки 3“.

„Ќе ја продолжиме нашата политика, која во изминатите осум години ги заштити хрватските граѓани од кризи, ја зачува хрватската економија и овозможи да се постигнат голем број стратешки цели“, вети Пленковиќ. Истовремено, тој не сакаше да одговори на новинарското прашање со кого планира коалиција.

ХДЗ и нејзините партнери се релативни победници на парламентарните избори со 60 освоени мандати, но сепак им недостигаат 16 пратеници за мнозинство во парламентот.

И „Реки на правдата“ сака да формира влада

Но, формирање влада најави и коалицијата Реки на правдата, на чело со Социјалдемократската партија (СДП) - иако на овие парламентарни избори освои само 42 мандати. „Утре ќе почнат разговори со оние кои до вчера велеа дека не сакаат да одат со ХДЗ“, најави претседателот на таа партија Пеѓа Грбин. Тој не спомна директно кој треба да биде на чело на таа влада, но јасно беше дека алудира на претседателот на државата Зоран Милановиќ.

Грбин призна дека партијата не е задоволна од постигнатите резултати, но истовремено нагласи дека тие покажале „оти две третини од хрватскиот народ не се задоволни“. Нема да ги оставиме тие две третини од народот, не нѐ поддржаа за да се предадеме“, вети лидерот на СДП.

И покрај разочарувањето, во изборниот штаб на партијата се славеше до раните утрински часови.

Хрватска парламентарни избори 2024
Приврзаниците на СДП по изборитеФотографија: Mehmed Smajić/DW

Десницата и левицата не сакаат заедно

На трето место е десно националното Татковинско движење (ДП) со 14 мандати. Претседателот на таа партија Иван Пенава изрази задоволство од постигнатите резултати и најави подготвеност за преговори со другите партии - освен со претставниците на Србите и партијата Можеме.

Десно конзервативниот Мост со своите партнери освои 11 пратенички места. Неговиот кандидат за премиер Никола Грмоја, по пребројувањето на повеќе од 90 отсто од гласовите, изјави: „Народот го препозна она што го правиме во последните четири години и можеме да му ветиме на хрватскиот народ дека Мост ќе остане цврст, единствен и бескомпромисен во однос на корупцијата“.

На петтото место е лево либералната партија Можеме со десет пратенички мандати. Кандидатката на партијата за шеф на владата, Сандра Бенчиќ, истакна дека „цел број еден е да се собори ХДЗ од власт“. Таа повтори дека Можеме не сака да влезе во влада во која би била десницата, но најави дека во тој случај таа партија е подготвена да поддржи евентуална малцинска влада.

Регионалниот Истарски демократски сабор (ИДС) освои три мандати, НП Север - 2, а Фокус-Република - 1 мандат.

Постизборна математика

Што се однесува до дијаспората, ХДЗ очигледно ги доби сите три пратенички мандати во 11-та изборна единица, каде што гласаат иселениците од Хрватска.

Претставниците на националните малцинства ги бираа своите осум пратеници во 12-та изборна единица, која ја сочинува цела Хрватска. Тие учествуваа и во претходната влада на премиерот Пленковиќ.

Според податоците на Државната изборна комисија, излезноста е над 60 отсто, што е значително повеќе отколку на последните избори. Кога стана јасно дека одзивот на гласачите е исклучително голем, почнаа шпекулации за тоа кој може да профитира. На крајот се покажа дека профитираа речиси сите партии.

Во Хрватска се гласаше на 6.544 избирачки места, како и на 109 места во 65 дипломатски претставништва и конзуларни одделенија ширум светот.

Откако Државната изборна комисија ги објави резултатите - почнува постизборната математика.