Хрватска: Како стравот од еврото брзо испари
2 септември 2023Луѓето во Хрватска на 1 јануари 2023 на полноќ имаа повеќе причини за славје. Од една страна новата година како и вообичаено бурно беше дочекана, а потоа се славеше и тоа што по 10 години членство во ЕУ земјата стана дел од Шенген зоната.Конечно ќе може граѓаните да патуваат без здодевните контроли на пасоши на границите кон Словенија, Италија или Унгарија.
Некои од коментарите гласеа дека земјата дури со тоа навистина стасала во ЕУ.
Но, имаше и друга промена на која не ù се обрна толку големо внимание, делумно дури беше примена и со скепса: Хрватска стана дел од Еврозоната. Хрватската куна која беше официјална валута по независноста на државата во 90-тите години, си отслужи, на сцената стапиеврото како официјално платежно средство.
Страв од еврото
Горанко Физулиќ, поранешен хрватски министер за економија, а денес угледен економски аналитичар, таквата првична воздржаност ја смета за неоснована. „Имаше многу луѓе кои имаа страв од промени, поскапувања и од тоа дека ќе им падне животниот стандард. Во медиумите се пишуваше многу за тоа во неделите пред воведувањето на еврото. Но, оние кои го разбраа значењето на таквата промена едвај чекаа да се случи. Тоа, заедно со пристапувањето кон Шенген зоната, беше огромен чекор за Хрватска”, вели Физулиќ.
Хрватската влада уште многу рано се обиде да ги растера стравовите на населението од еврото -многумина постојано смирувачки нагласуваа дека сѐ ќе биде добро. Уште месеци пред воведувањето, сите цени во малопродажбата мораше да бидат изложени во куни и во евра, а таквата мерка останува на сила до крајот на 2023 година, заради транспарентност во цените.
Еврото за граѓаните на Хрватска не беше сосема ново, туку покрај куната неофицијално платежно средство, а во многу сферицените со години беа наведувани во евро, а плаќани во куни - на пример автомобили, недвижнини, кирии или во градежништвото. Дури и туристички агенции кои нудат луксузни патувања, цените ги означуваа во куни и во евра. Хрватска со таквата пракса продолжува традиција од времето на поранешна Југославија, каде резервна валута беше германската марка.
Хрватите и своите заштеди ги чуваат во евра, бидејќи имаат поголема доверба во политиката за стабилност на валутата на Европејците отколку на домашните фискални власти.
Еврото како дежурен виновник
Сепак во првите месеци по воведувањето, во медиумите можеа да се чујат бројни поплаки на граѓаните поради поскапувањето. Се прикажуваа фискални сметки пред и по еврото. И де факто, особено во гастрономијата, газдите ја искористија приликата да ги заокружат или значително да ги зголемат цените.
Пекарски прпизводи поскапеа од 75 на 85 центи, а капучиното на многу места од 1,65 преку ноќ поскапе на 1,80 евра. Тоа не е огромен скок, но е нешто што многумина катадневно ги засега и што финансиски им игра улога.
Физулиќ вели дека не е виновно еврото за падот на животниот стандард на многу граѓани. „Убеден сум дека и без еврото ќе се случеше пад на куповната моќ, особено кај оние кои заработуваат потпросечно и кај пензионерите, а тоа се многу луѓе. Со еврото и заокружувањата, цените се скокнати за 1-2 проценти, не повеќе”, вели економистот.
Пораст на цените и без евро
Со 8,3 проценти во јуни 2023 година, Хрватска е меѓу земјите од ЕУ со највисока стапка на инфлација. Наспроти тоа земјата со просечна годишна нето заработувачка од околу 11 илјади евра е во долниот дел од табелата.
Проблемот на Хрватска не е новата валута, туку големата разлика во приходи, неповолната економска структура и прескап државен апарат, вели Физулиќ.
Од една страна Хрватска со 25% има втор највисок данок на додадена вредност во ЕУ, исто како и Данска и Шведска, со што се финансира превработената администрација, посочува експертот и додава дека од друга страна земјата произведува само малку стока која би можела да се извезува.
Најголемиот дел од парите се заработуваат во туризмот, а тамуцените ги формираат според туристите од Германија, Италија или Австрија,вели Физулиќ - земји кои имаат многу поголема куповна моќ од Хрватска. „Таму каде што туризмот игра важна улога и цените се повисоки.
Но, тоа не би било поинаку и да беа денес цените во куни, а не во евра", сигурен е Физулиќ.
Еврото - една успешна приказна
Економистот влезот на Хрватска во Еврозоната го третира како успех.
„Секој кој работел со странство, без разлика дали во компанија или во туризмот, знае колку пари се заштедуваат со тоа што нема менување на девизи и разлики во курсот. Многу полесно и поевтино е да се патува ако не мора постојано да менувате куни. И тоа и психолошки игра улога, затоа што сега имаме валута која е стабилна и безбедна и нема потреба од резервна”, заклучува тој.
Затоа според Физулиќ еврото во Хрватска веќе е општо прифатено.
„Ретко кој денес ќе ви каже дека не требало да се воведе еврото, дури ни оние кои на почеток беа против”, вели економистот.