Хрватска: Милановиќ мора во втор круг претседателски избори
30 декември 2024Актуелниот претседател Зоран Милановиќ очигледно е победник во првиот круг од претседателските избори во Хрватска. По преброените 99,8 отсто од гласовите, левичарскиот политичар постигна резултат од 49,1 отсто.
Бидејќи ниту еден од кандидатите не доби повеќе од 50 отсто од гласовите, на 12 јануари ќе има втор круг избори меѓу Милановиќ и второпласираниот Драган Приморац доби 19,4 отсто од гласовите, него го поддржа Конзервативната владејачка партија ХДЗ на премиерот Андреј Пленковиќ.
За политичката формација со најмногу ресурси и најмоќни мрежи во целата земја, резултатот на нејзиниот кандидат е прилично срамен. Приморац, лекар и сопственик на приватна клиника, беше министер за наука во владите предводени од ХДЗ од 2003 до 2009 година.
Популистички тонови од Милановиќ
Милановиќ доаѓа од Социјалдемократската партија (СДП) и од 2011 до 2016 година беше премиер на земјата, која влезе во ЕУ во 2013 година. Како претседател, тој усвои популистичка реторика со која не само што се обраќа до своите левичарски гласачи, туку и до десничарските и ултрадесничарските гласачи.
Милановиќ е скептичен во однос на западната воена помош за Украина и се смета за популист. 58-годишниот актуелен претседател е и критичар на Европската унија.
Предизборните анкети покажаа јасно предност на Милановиќ, но експертите сепак претпоставуваа дека ниту еден кандидат нема да го добие потребното мнозинство од повеќе од 50 отсто од гласовите во првиот круг.
Покрај Милановиќ и Приморац, за највисоката државна функција се кандидираа уште шест лица, меѓу кои и три жени. Марија Селак-Распудиќ, независна десничарска политичарка, доби 9,3 отсто од гласовите, а Ивана Кекин од зелено-левичарската партија Можемо доби 8,9 отсто од гласовите.
Излезноста на претседателските избори беше очигледно значително помала отколку на парламентарните избори во април. Една од причините за слабиот одѕив може да биде датумот на изборите помеѓу Божиќ и Нова година, бидејќи многу Хрвати во овој момент се отсутни.
Претседателот во Хрватска има ограничени овластувања. Тој е врховен командант на армијата и ја претставува земјата со околу 3,8 милиони луѓе на меѓународно ниво. Земјата-членка на ЕУ, Хрватска во моментов се бори со висока инфлација, широко распространета корупција и недостаток на работна сила.