Како што наближува изборна година, така повторно се разгорува дебатата за промените во изборниот модел. Една изборна единица, висок или низок изборен праг, отворени или затворени листи - тоа се опциите за кои во моментов експертите и партиите ги кршат копјата во јавниот простор. Прашањето е едноставно: имаме ли желба, но и време, да создадеме подобар изборен систем од сегашниот, во пресрет на претстојните избори, или повторно ќе заглавиме во постојани крпеници, корекции, но никогаш со предвидлив и одржлив изборен модел?
Постојат неколку аксиоми кога дизајнирате и спроведувате изборни модели: правичност, одговорност, еднаквост. Дозволете ми по некој збор за секој од овие принципи, и како тие влијаат на актуелната дебата.
Гласови „во ветер“
Првиот принцип, правичност, се однесува на тоа колку точно (математички), расположението на гласачите се пренесува во составот на Собранието. Тој принцип има врска со бројот, составот, и распоредот на изборните единици, но и со изборниот праг. Во основа, лош изборен систем дозволува поголема дискрепанца помеѓу бројот на гласови и освоени пратенички места, а добар изборен систем таа дискрепанца ја сведува на минимум. Така, на едната страна од тој спектар го имаме таканаречениот „мнозински“ систем – многу изборни единици, а од секоја се избира по еден пратеник. Во таквиот систем, голем дел гласови „одат во ветер“, зашто гласовите на сите партии кои гласале за неизбран пратеник пропаѓаат, односно не влијаат на крајниот резултат. Така, теоретски, имајќи предвид дека во секоја изборна единица овој губиток се повторува, ако Македонија има 100 изборни единици, и една партија во секоја од нив освои по еден глас повеќе од следната, со 100 гласа разлика (на пример 300.000 наспроти 300.100), едната партија може да има сто пратеника, а другата нула. Ваквиот изборен систем овозможува постабилни влади, зашто ги фаворизира поголемите партии и ги концентрира гласовите, но остава голем дел од гласовите надвор од натпреварот.
Ѓаволот е во деталите
На другиот крај на тој спектар го имаме пропорционалниот систем со една изборна единица и без изборен праг, со кој „губитокот“ на гласови е најмал можен, но, по правило, Собранието е нестабилно. Спојувањето на изборните единици во една, овозможува губитокот на гласови (по дефиниција: губиток на гласови се оние гласови кои не влијаат на составот на Собранието) да се минимизира, бидејќи истиот не се повторува во повеќе изборни единици. Тука доаѓаме до втората варијабла, а тоа е изборниот праг, кој има за цел да оневозможи преголемо расцепкување на парламентот бидејќи тоа создава нестабилен амбиент, каде пратениците лесно менуваат страни и создаваат нови политички сојузништва. Таков е примерот со Италија на пример, каде во последните 20 години имало над 50 нови парламентарни мнозинства. Тука, изборниот праг (ако претпоставиме дека една изборна единица не е спорна) станува клучен. Превисок изборен праг носи ризик да ги исклучите помалите партии од натпреварот, што за Македонија е особен проблем бидејќи ние природно сме расцепкан изборен пазар. Треба да имаме предвид дека и сега, постои природен изборен праг, а тоа е околу 7000 гласови по изборна единица (зашто под тој број, гласовите не влијаат на пратеничките места). Затоа, треба да се внимава да не добиеме проста агрегација на веќе постојниот, природен, изборен праг – ако ги споите изборните единици, но ги споите и изборните прагови (тоа би било случај со секој изборен праг над 3,5% од излезените гласачи на национално ниво), всушност, математички, не сте направиле никаква промена.
Втората варијабла во овој систем е принципот на политичка одговорност, кој вели дека за една демократија е подобро пратениците да имаат што поголема отчетност директно пред нивните избирачи, што не е случај со затворените листи. Отворените листи, во кои редоследот на местата не го одредува партијата, туку гласачите на избори, би овозможил пратениците да се чувствуваат повеќе одговорни кон своите конституенти, а помалку послушни пред нивните партиски шефови. Тука, се разбира, ѓаволот е во деталите - кој дел од изборните листи би биле отворени, и како би се одвивало гласањето. Ако направиме една изборна единица со целосно отворени листи, на гласачкото ливче ќе се појават 120 пратеника, за кои гласачите ќе треба да гласаат можеби поединечно, прераспределувајќи ги во изборните листи. Тоа може да го направил гласањето толку комплицирано и споро, да изборите станат неодржливи.
Можно ли е фер решение?
Третата и крајна варијабла е еднаквоста – таа вели дека при дизајнот на изборниот модел, потребно е да се има предвид дека сите политички чинители треба да имаат фер, непристрасна, и што е можно подеднаква позиција во изборниот натпревар. Не сум сигурен дека во ваков амбиент на високи политички тензии, толку брзо пред избори, и во суштински недостаток на инклузивен политички дијалог, целосно фер решение е можно.
На крајот, поентата е да се направи изборен модел кој е подобар од сегашниот, но не така да помалите партии едноставно немаат време да се адаптираат на промените. Изборното законодавство не е тема која треба пречесто да се отвора, зашто треба да обезбеди предвидливост и стабилен изборен натпревар. Тие клучни вредности се невозможни ако кој било чинител во овој процес, има тајна намера да „скрои“ нешто за сопствен бенефит, а на сметка на другите.