1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Ќе продолжи ли прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас

ЖА
29 ноември 2023

По ослободувањето на нова група заложници, течат интензивни преговори за повторно продолжување на прекинот на огнот во војната во Газа, кој завршува вo четврток утрото.

https://p.dw.com/p/4ZYwf
Хамас ослободи нова група заложници
Хамас ослободи нова група заложнициФотографија: Ibraheem Abu Mustafa/REUTERS

САД најавија дека нема да прекинат со соработката со Израел,  Катар и Египет во напорите за продолжување на паузата во борбите. И во вторникот беа ослободени заложници од рацете на Хамас во замена за палестински затвореници, а Израел, според извештаи во медиумите, добил нова листа од терористичката организација со имиња на киднапирани лица.

Во вторникот вечерта исламистите ослободија десет Израелци  и двајца странци кои ги држеа во заложништво, меѓу кои и една жена со германско државјанство. Во текот на прекинот на огнот кој трае од петокот, на слобода се најдоа вкупно 81 заложник, од кои 61 се Израелци, делумно и со двојно државјанство, како и 20 странци. Израел пак за возврат пушти на слобода досега 180 палестински затвореници од неговите затвори. Во последната група од 30 Палестинци кои излегоа од израелски затвори се и 15 жени, некои од нив тинејџерки, и 15 малолетни машки лица, најмладиот има 14 години. Досега ослободените Палестинци се осудени поради напади со нож врз Израелци, подметнување пожар и напади со запалливи бомби и камења.

Пред истекот на прекинот на огнот, земјите од Г7, индустриски најсилните демократии, синоќа повикаа на  продолжување на договорот  за паузирање на борбите и апелираа за ослободување на сите заложници.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во меѓувреме, без оглед на актуелниот молк на оружјето, ја повтори својата цел за уништување на Хамас, без да прецизира уште колку ќе трае прекинот на огнот. „Договоривме прво да бидат ослободени жените и децата и странските заложници. Откако тоа ќе се случи, борбите ќе продолжат. Хамас ги изврши најсвирепите убиства и повторно ќе го направи тоа. Ние немаме друг избор“, изјави Нетанјаху во вторникот вечерта во телевизиско интервју. Тој додаде дека Израел ќе направи се` што може да ги поштеди цивилите во Појасот Газа.