Израел-Хамас: Итрото балансирање на Катар се исплатеше
24 ноември 2023„Хуманитарната пауза“ во Појасот Газа може да се смета за триумф на Катар, малата земја од Персискиот Залив.
Министерството за надворешни работи на земјата издаде соопштение рано во средата, на 22 ноември, во кое најави четиридневна „пауза“ за време на која сите страни - израелската армија, милитантната група Хамас и вооруженото крило на Хезболах во Либан - ќе ги прекинат борбите. Тоа стапи во сила денеска, 24 ноември.
Со тоа се овозможува ослободување на 50 заложници кои ги држи Хамас во Газа, во замена за ослободување на околу 150 палестински затвореници од израелските затвори. Тоа ќе овозможи и хуманитарна помош да стигне до Појасот Газа.
Заложниците што треба да ги ослободи Хамас се жени и деца, а палестинските затвореници кои треба да бидат ослободени од израелските затвори се, исто така, главно жени и малолетници.
Хамас, кој САД, ЕУ и други земји го сметаат за терористичка организација, на 7 октомври изврши ракетен и копнен напад врз Израел од Газа, при што загинаа околу 1.200 Израелци и странци. Хамас киднапираше и 240 луѓе. Израел оттогаш ја бомбардира енклавата од околу 360 квадратни километри и, исто така, го спречи или го отежна снабдувањето со вода, храна, гориво и медицинска помош.
Преговорите за заложниците траат со недели. Во една фаза, израелската влада наводно одбила слична понуда и започнала копнена офанзива против Газа. Меѓутоа, се зголеми притисокот - од меѓународната заедница, од главниот сојузник на Израел, САД, и од семејствата на заложниците, кои бараа нивната влада да се фокусира на ослободување на нивните роднини.
Во преговорите помогна и Египет, кој потпиша мировен договор со Израел во 1979 година и ја дели границата со Израел и со Газа. Но, Катар е тој што ги води.
По објавата на Катар, американскиот претседател Џозеф Бајден и државниот секретар Ентони Блинкен објавија пораки на платформата X во кои им се заблагодаруваат на Египет и на Катар. Претходно, дури и советникот за национална безбедност на Израел, Зачи Ханеби, ја пофали улогата на Катар, оценувајќи на социјалните мрежи дека „дипломатските напори на Катар се клучни во овој момент“.
Но, не сите се толку задоволни со малата заливска држава. Некои коментатори велат дека требало да се вложат повеќе напори во преговорите, за да се ослободат повеќе заложници. Други тврдат дека Катар на некој начин бил соучесник во нападите на Хамас, имајќи предвид дека од 2012 година земјата е упориште на политичкото раководство на милитантната група. Катар редовно порачува дека ја поддржува „палестинската кауза“.
Катар – „Швајцарија на Блискиот Исток“
Експертите се согласуваат дека Катар балансира на тенка жица кога станува збор за надворешната политика, играјќи ја улогата на еден вид „Швајцарија на Блискиот Исток“ и ги отвора своите врати за сите кои доаѓаат.
Катар е и дом на најголемата американска воена команда на Блискиот Исток, базата Ал Удеид, која одигра значајна улога во евакуацијата од Авганистан во 2021 година. Поради тоа, Катар тогаш беше опишан како „главен сојузник што не е член на НАТО“ .
Во 1996 година, во време кога другите земји во регионот силно се спротивставија на какви било врски со еврејската држава, емиратот му дозволи на Израел да отвори свое трговско претставништво во Доха. Потоа, во 2009 година, Катар ги замрзна односите со Израел, но наводно одржува односи, само зад сцената. А, тој веќе посредуваше меѓу Израел и Хамас, како на пример за време на војната меѓу Израел и Газа во 2014 година.
„Катар долго време имаше прагматичен однос во кој користеше финансиски стимулации за управување и деескалација на различните тензии и војната меѓу Израел и Хамас“, рече во октомври за ДВ Санам Вакил, директор на програмата за Блискиот Исток и Северна Африка во британскиот Чатам Хаус. Тој го гледа Катар како „природен посредник“ и кога станува збор за заложниците, но и за деескалацијата и заштитата на луѓето во Газа.
Милиони за Газа
Катар одвојуваше околу 27,4 милиони евра месечно за Газа. Но, кавгите за тие пари се уште еден пример за тензијата со која е поврзана улогата на Катар кога се во прашање Палестинците и Хамас.
Некои сугерираат дека парите од Катар го финансираат военото крило на Хамас и дека се користат за „злобни цели“. Хамас владее со Газа од 2007 година и управува со нејзините финансии за цивилната администрација. Според податоците на Обединетите нации, 80 отсто од жителите на Појасот Газа зависат од меѓународна помош, не само сега поради актуелната криза, туку и од 2007 година, кога Израел воведе блокада.
Одговарајќи на прашањата на Ројтерс минатиот месец за парите во Газа, катарски владин функционер рече дека парите се наменети за сиромашните семејства и за платите на државните службеници, вклучително и за лекарите и за наставниците. Катарските пари всушност одат преку Израел, објасни катарскиот функционер за Ројтерс. Тој се пренесува по електронски пат во Израел, кој потоа го проследува до властите во Газа со кои управува Хамас, а сите плаќања се „целосно координирани со Израел, ОН и со САД“.
Ќе се смени ли сега улогата на Катар?
И покрај успехот на Катар во оваа рунда преговори, еден од исходите на сегашниот конфликт се чини дека е договор меѓу Катар и САД кој ќе бара Доха дополнително да се дистанцира од Хамас штом ситуацијата ќе се смири.
Во средината на октомври, повеќе од стотина политичари во САД побараа Катар да ги протера претставниците на Хамас од земјата. „Врските на земјата со Хамас... се едноставно неприфатливи“, се наведува во писмото до претседателот Бајден.
Во исто време, раководството на Катар порача дека мисли оти натамошната дипломатија е начин за постигнување мир.
„Договорот меѓу Израел и Хамас постигнат со посредство на Катар претставува прва голема дипломатска победа од почетокот на војната“, вели Хју Ловат, од Европскиот совет за надворешни односи. А тоа, додава тој за ДВ, „е можност да се отвори простор за да се поттикне целосен прекин на огнот заснован на поширок дипломатски пат“.
Но, ако Катар целосно ги протера претставниците на Хамас, тие би можеле да се најдат во земја која е многу помалку наклонета да помогне некому доколку е потребна дополнителна дипломатија. Имено, пред да се пресели во Катар во 2012 година, политичкото раководство на Хамас беше сместено во Сирија.
Овој текст беше првично објавен на ДВ на англиски јазик