Стапи на сила прекинот на огнот помеѓу Израел и Хамас
24 ноември 2023Изутринава стапи на сила договорениот прекин на огнот меѓу Израел и милитантно исламистичкиот Хамас. Прекинот на огнот започна во 7:00 часот по локално време (6:00 часот по средноевропско време) и се очекува да трае најмалку четири дена. Можно е негово продолжување до десет дена, соопшти емиратот Катар, кој посредува во конфликтот. Катар, Египет и САД следат дали се почитува примирјето. Во 16 часот по локално време (15 часот по средноевропско време), како дел од договорот меѓу Израел и Хамас, треба да бидат ослободени првите 13 заложници држени во Појасот Газа. Се работи за жени и деца.
За возврат, за секој ослободен заложник од израелските затвори ќе бидат ослободувани по тројца палестински затвореници. И тука станува збор за жени и малолетници. Во текот на четирите дена примирје, Хамас сака да ослободи вкупно 50 млади жени и деца.За возврат, Израел ќе ослободи вкупно 150 палестински затвореници.
Пред прекинот на огнот, израелската армија повторно ги засили нападите врз цели на Хамас, особено на северот на Појасот Газа, а продолжија и нападите врз Израел. Во раните утрински часови на југот на земјата пиштеа сирени. Портпарол на израелската армија периодот на прекин на огнот го нарече „комплицирани денови“. Според него, не е сигурно што ќе се случи. Не е јасно дали армијата ќе им дозволи враќање на жителите на Појасот Газа кои побегнаа.
Медиумите јавуваат дека армијата не сака да го намали бројот на своите војници за време на прекинот на огнот. Планирани се и испораки на оружје. Министерот за одбрана Јоав Галант вчеравечер (23.11) повтори дека Израел ќе ја продолжи војната против Хамас по прекинот на огнот. Според негова проценка, борбите ќе траат уште најмалку два месеца.