1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Војна меѓу Израел и Хамас - децата ги сносат последиците

20 ноември 2023

Терористичките напади на Хамас врз Израел имаат последици за децата на двете страни во војната. Милитантите на Хамас убија повеќе деца во Израел и киднапираа преку 30. Во Газа, според СЗО, дете гине на секои десет минути

https://p.dw.com/p/4ZAtU
Појас Газа | распределба на храна
Снабдувањето со неопходни намирници стана тешко во ГазаФотографија: Hatem Ali/AP Photo/picture alliance

Кога Хамас на 7 октомври напаѓаше и убиваше луѓе во пограничниот регион кон Појасот Газа, не правеше исклучоци. Убивани и киднапирани беа и деца и млади.

Еден терорист фатен по нападот, при сослушувањето им ги опиша на израелските власти ужасните случувања во една од куќите: „Чувме деца што плачат во собите за криење”, вели тој, според исказот. „Тогаш пукавме во собата сѐ додека не се слушаше веќе ни глас”, додава тој.

Според израелските медиуми, Хамас, кој од страна на ЕУ, САД, Германија и многу други земји е означен како терористичка организација, држи 38 деца и младинци како заложници, а најмладото меѓу нив е 9-месечно бебе.

Во нападот 21 дете останаа сираци, соопшти израелското Министерство за социјални прашања. На 16 од нив им се убиени обата родители, две биле деца на самохрани мајки кои се убиени, а три изгубиле еден родител, додека другиот се води како „исчезнат”, или е киднапиран од Хамас.

Израел | Протести на роднините и пријателите на израелските заложници во Газа
Роднините и пријателите на израелските заложници во Газа одржаа протести во градот Модиин на 16 ноемвриФотографија: MENAHEM KAHANA/AFP via Getty Images

Децата ја плаќаат највисоката цена

Децата што живеат на југот на Израел страдаат на повеќе начини. Сапир Фишер-Тургеман е мајка на две деца и живее во Ашкелон, во близина на границата со Појасот Газа. Таа има служено воен рок како офицер за врски во 2015 година. Фишер-Тургеман раскажува како однесувањето на децата е сменето откако започна војната. „Забележавме дека едно од нашите деца е многу поагресивно и нетрпеливо”, вели таа. Така е и покрај обидот на родителите да ги заштитат децата што е можно повеќе од информации за војната.

Други родители во Израел велат дека децата не сакаат да спијат во своите кревети од страв. Едно 8-годишно дете што го преживеало масакрот заспива само скриено под кревет. „За нив е тешко да се постојано само дома, но немаат друг избор бидејќи речиси и нема подрачје безбедно од ракетите кои паѓаат на улиците и во близина на игралиштата во Ашкелон”, вели Фишер-Тургеман.

Израел Тел Авив | Плишани мечиња како посетник на киднапираните деца од страна на Хамас
Плишани мечиња поставени во Тел Авив како посетник на киднапираните деца од страна на Хамас (27.10.2023)Фотографија: Dan Kitwood/Getty Images

Приказната на 12-годишната Лиел Хетсрони мошне веројатно уште многу години ќе остане врежана во колективната меморија на Израел. Нејзиното семејство закопа дел од нејзините работи како алишта и омилени играчки наместо нејзиното тело, и покрај тоа што нејзината смрт не е официјално потврдена.

„Никој не преживеа од местото каде што беа тие. За нас како секуларна фамилија не е толку важно да чекаме на официјалната потврда”, изјави еден од нејзините роднини за израелските медиуми. И 40 дена по нападот, нејзиното тело не е идентификувано.

Агонијата на семејствата на заробените Израелци продолжува

Децата во Газа: „Вистински пекол“

Пред само неколку дена, Хинд Виша, нејзиниот сопруг и трите деца го напуштија северниот дел од Појасот Газа. Регионот беше мета на интензивно бомбардирање од страна на Израел, како и тешки борби меѓу израелските копнени сили и палестинските милитанти. Ќерка ѝ Салма има 11 години, а двете момчиња Мохамад и Маџид имаат по 9 и 4 години.

„Животот ни стана пекол во вистинска смисла на зборот. Децата постојано врескаа. Јас плачев заедно со нив, некогаш и јас врескав”, раскажува таа преку нестабилна телефонска врска од Рафа, град на југот на Газа, каде семејството побарало прибежиште. „Стравот од смртта е надвиснат во секој момент“, вели таа.

За време на последната недела што ја минале дома, во градот Газа, семејството морало внимателно да распределува како ќе ги користи малите резерви на вода и храна што ги имале. Нејзините деца, вели Виша, се највредното нешто во нејзиниот живот.

„Салма често прашува: 'Ако умрам што ќе се случи со моите работи? Ќе дојдат ли и тие со мене во рајот?'”

Блиски Исток | град Газа
Израелските воздушни напади врз бегалскиот камп Шати, во градот Газа, на 6 ноември оставија големо уништувањеФотографија: Bashar Taleb/APA Images via ZUMA Press/picture alliance

Таа вели дека најболно искуство за родител е да не си во состојба да му пружаш безбедност на своето дете.

„Тие издржаа цел месец терор и страв што ќе остане врежан во нивните сеќавања. Благодарна сум на Бога што сме уште живи и што децата ми се безбедни, но копнееме некој да нѐ спаси од овој пекол и да стави крај на ова, што ќе овозможи да се вратиме во нашите уништени домови“, вели оваа мајка.

„Газа станува гробница за деца“

Хинд Виша не е единствена со вакво искуство. Десетици илјади палестински родители во Газа се соочуваат со слична ситуација. Според информации на Министерството за здравство во Газа со кое раководи Хамас, повеќе од 4.600 деца се убиени, а околу 9 илјади се повредени. Бројките не се потврдени од независен извор.

Газа има младо население, речиси половина (47,3%) од 2,2 милиони жители се под 18-годишна возраст, зборуваат податоците од  Палестинското централно биро за статистика. Досега, според УНИЦЕФ, 1,5 милиони жители на Газа се раселени поради војната, меѓу нив најмалку 700 илјади деца.

Апели за спас на бебињата во Газа

Младите во Газа се навикнати на потешкотии и воена ескалација. Од 2007 година Газа е под строга поморска и копнена блокада од страна на Израел и делумно од Египет, откако милитантите од Хамас ја преземаа власта од Палестинските автономни власти.

Израел строго го контролира движењето на луѓе и стоки што влегуваат или излегуваат од територијата, на тој начин ефикасно изолирајќи  ја од светот. За многу младинци ова е веќе петти пат што мора да истрпат војна.

И ова е најстрашниот конфликт досега.

„Газа станува гробница за деца. По стотици девојчиња и момчиња се убиени или ранети секој ден“, изјави неодамна генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш.

Обединети Нации Антонио Гутереш
Гутереш: Газа станува гробница за децаФотографија: Brendan McDermid/REUTERS

Сериозни прекршувања на правата на децата

По посетата на Газа, директорката на УНИЦЕФ, Кетрин Расел во соопштение предупреди дека „двете страни во конфликтот вршат страшни злосторства врз децата, вклучително убиства, осакатувања, киднапирања, напади врз училишта и болници и ускратување хуманитарна помош, а УНИЦЕФ сето ова го осудува."

Расел додава дека многу деца се исчезнати и се верува дека се затрупани во урнатините, што е „трагичниот резултат на употребата на експлозиви во населени места. Во меѓувреме, новороденчиња на кои им е потребна посебна нега умреа во една од болниците во Газа затоа што нема струја и медицински материјал”, наведува таа во соопштението.

Шест недели по почетокот на војната, луѓето се препуштени сами на себе, а помошта е ограничена. Израел по терористичките напади ги држи затворени граничните премини. Само неколку камиони со меѓународна помош поминуваат од египетска страна преку граничниот премин Рафах. Повеќето Палестинци се заглавени во тесната енклава.

Како да не е доволно што секој ден мора да се грижи за најитните потреби како храна, чиста вода за пиење и функционален тоалет, Ранија Мушташа е загрижена и за огромното влијание што војната го има врз нејзините деца.

„Тие не може да одат на училиште, да се среќаваат со пријатели или да се поврзат преку интернет. Децата се најзасегнати од војната, ним им е одземено детството и сѐ што им е познато во животот, тие живеат во постојан страв среде застрашувачки сцени“, вели 46-годишната мајка за ДВ, додавајќи дека децата спијат само ако се блиску до родителите.

Седумчленото семејство живеело во близина на областа Шиџаја на истокот од градот Газа. Морале рано да ги напуштат своите домови и оттогаш се имаат преселувано двапати. Сега се сместени со роднини во градот Деир-ал-Балах, на југот од Појасот Газа.

„Кога слушаме вести на радио, посебно најстарата ќерка Рана ме прашува: 'И нам ли ќе ни се случи ова? Не сакам да умрам.' Тешко е да ја тешиш кога таа го препознава стравот во моите очи и ме гледа кога плачам поради бомбардирањата, од страв и поради никаквите услови за живот,“ вели Мушташа.

„Моето мало дете често прашува зошто оваа војна е различна и кога ќе заврши“, додава таа. „Тешко ми е да најдам одговор и се надевам дека ова наскоро ќе заврши“, додава Мушташа.

Овој текст првично беше објавен од ДВ на англиски јазик