„Итно копче“ за помош на болни, стари и изнемоштени лица
19 август 2024Болните, старите и изнемоштените лица кои немаат кој да им помогне, со „итно копче“ и санитетски возила ќе добијат полесен пристап до медицинска помош и нега. Црвениот крст на Град Скопје промовираше четири санитетски возила со чија помош овие лица ќе бидат транспортирани до клиниките и амбулантите, а со поддршка на Министерството за здравство ќе се зајакне и проектот „Итно копче“ кој функционира 24 часа, секој ден.
Помош со притискање на само едно копче
Станува збор за нова и иновативна услуга, којашто веќе се практикува во земјата и регионот, како и во повеќе европски земји и дава добар резултат. Лицата можат да побараат помош со притискање на само едно копче. „Корисникот на аларм-уредот има само обврска да го притисне копчето на уредот и да почека повик од страна на операторот од контакт центарот за итно копче. По воспоставување на контакт со корисникот, тој ги споделува информациите за тегобите со кои се соочува, а операторот му дава понатамошни насоки. По потреба се испраќа и тим за прва помош во нивниот дом“, се вели во објаснувањето објавено на страницата на Црвениот крст.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, кој го посети Црвениот крст во Скопје, по повод промоција на нивното партнерство околу санитетскиот транспорт, вели дека четирите возила ќе бидат подготвени во секој момент да помагаат на луѓе кои се болни, возрасни, изнемоштени, со посебни потреби, кои не можат да ангажираат некого од семејството или некој близок, да ги однесе да завршат одредени работи.
Санитетски транспорт - со најава во Скопје
Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвен крст на Град Скопје, појасни дека проектот се спроведува веќе три години во Скопје, а со помош на Министерството за здравство се разгледува можноста и да се прошири во други градови.
„Санитетскиот транспорт се наметна како потреба во однос на стари, изнемоштени и лица со попречености, поголем дел од нив, бидејќи се сами дома, немаат семејство. Овој транспорт го започнавме во пилот-фаза со поддршка на Австрискиот црвен крст и веќе сега влегуваме во фаза кога сметаме дека овој проект треба да прерасне во еден социјален сервис, регуларен сервис што ќе биде во нашата држава. Токму заради тоа, денеска ова го правиме со Министерството за здравство, со цел тие да го препознаат тоа, како продолжена рака на Брзата помош. Затоа што, Брзата помош е повеќе за животозагрозувачки состојби, а нашиот санитетски транспорт е исклучиво за транспорт на лица во делот на проверка, медицински преглед, промена на гипс, катетер, контрола... Санитетскиот транспорт е исклучиво за поддршка на лицата кои не можат сами да се справат со здравствената состојба“, вели Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвен крст на Град Скопје, во изјава за МИА.
Санитетскиот не е итен транспорт, туку тој се најавува на телефонот 15-300. Граѓаните во моментов може да закажат транспорт само во главниот град, но постои можност ако има потреба да се воведе и во другите градови.